Половина живот ѝ помина во страв и во бранење на самата себе - прво од тупаниците на сопругот, а сега од системот. Вале од Кратово, која со кујнски нож ги уби сопругот и свекорот, во домашен притвор го чека обвинението за двојното убиство што ја вознемири јавноста и отвори прашања за жените жртви на семејно насилство.
36 годишната жена, одвоена од своите деца, сега се подготвува за уште една животна битка, овој пат во судница каде што ќе бара слобода, затоа што, според одбраната, таа се борела за својот живот.
Таа е осомничена дека со умисла ги убила сопругот и свекорот, беше наведено во првото соопштение на Обвинителството.
Вале во судница ќе докажува дека речиси десетина години над 20 пати пријавила во кратовската и скопската полиција, но и во центрите за социјална работа, дека е жртва на семејно насилство. Вечерта на 13 јуни по жестока кавга и физичка борба му „пресудила“ на сопругот.
„Сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место“, беше наведено во соопштението на Обвинителството.
Истрагата е завршена, се чека кумановското Обвинителство да го квалификува делото во обвинението кое треба да го достави до Кривичниот суд.
Убиство со умисла или нужна одбрана
Се наметнува прашањето дали тоа ќе биде убиство со умисла како што беше наведено во истрагата или пак како нужна одбрана, нешто што ќе го докажува во судница адвокатот Христијан Георгиевски кој што ја застапува Вале.
„Мислам дека таа како долгогодишна жртва на семејно насилство, го трпела тоа со цел за да обезбеди дом за себе и своите дечиња. Имаме целосна документација за сите пријави, за сите времени мерки од семејно насилство, за сите поплаки, за сите записници од примање на пријава во полицијата, и се работи за една обемна документација која што со сигурност одбраната ќе ја достави до судот, која што кулминирала до критичниот ден каде што таа морала да се одбрани себе си од бруталниот напад и истовременото насилство кое го трпела критичниот ден“, вели за Радио Слободна Европа нејзиниот адвокат Георгиевски.
Видете и ова: Молкот „соучесник“ во убиства на женитеОд Платформата за родова еднаквост потсетуваат дека случајот на кратовчанката Вале е сличен со тој на 23 годишната велешанка Пале Илоска, која во акт на самодбрана пред три години го уби партнерот. Во нејзиниот случај Судот донесе ослободителна пресуда, третирајќи го убиството како нужна одбрана. Од платформата бараат од Судот да постапува со должно внимание во предметот на Вале.
„Иако судската пракса не е задолжителна, бараме Судот да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале. Особено треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани“, бараат од Платформата за родова еднаквост.
Но, како Вале и Пале, има жени во земјава кои што по долги години толерирање на семејно насилство, во еден миг одлучуваат да им пресудат самите на партнерите, посегнувајќи по нивниот живот. Само во затворот Идризово 5 жени се осудени за убиство на својот партнер.
За разлика од Пале, Анита не е на слобода затоа што според судот, таа извршила убиство со умисла. Таа го убила својот сопруг со токмак на спиење, затоа што, како вели во нејзината одбрана, по ќотек цела ноќ, одлучила да го почека да заспие па го нападнала, плашејќи се што ќе ја чека наутро кога ќе се разбуди.
Тетовчанката Анита вели дека 12 години трпела семејно насилство, а дека во последниве три години кои ги поминува во ќелија се чувствува безбедно.
„ Пријавував и во полиција, и во Центар за социјални грижи и ништо не направија, доаѓаше и пијан и дрогиран, цела ноќ до четири часот наутро ме тепаше“ вели таа за ТВ Алфа.
Лани, при вршење на семејно насилство биле регистрирани седум убиства од кои четири во Скопје, покажуваат податоците од полициските билтени.
Видете и ова: Семејно насилство се пријавува кога модринките ќе излезат на виделинаВо последните 8 години растат пријавите за семејно насилство, но бројките се далеку од реалните, оти според невладините организации, само 2 отсто од жртвите се охрабруваат да пријават во полиција.
Двојно зголемен бројот на жртви
Луѓето кои работат на терен со жртвите од семејно насилство, велат дека често сведочат на сериозни предизвици, како задоцнето пријавување и евидентирање на жртвите. Весна Матевска која е психолог и раководител на програмата за родово семејно насилство во невладината организација Хера, објаснува дека честопати системот односно полицијата и центрите за социјални грижи не ги препознаваат жртвите на семејно насилство се додека не видат физички доказ, а со тоа ретко ги препознаваат жртвите на економско или психичко насилство, и се чека да ескалира за да се реагира.
„ Затоа и се случува ситуација во која што, по одреден период, колку е подолготрајно насилство, колку што е покомплицирано и потешко, кога имаат и поголеми последици по нивното психолошко здравје, и во одредена ситуација доаѓа до одредени ескалации, и реакција како чин на самоодбрана. Како се зголемува насилството, станува и живото загрозувачко се повеќе и повеќе, и во одредени ситуации настануваа немили настани, кои што може да завршат или како фемициди, меѓутоа може да завршат и како одбрана во ситуации кога жртвата е доведена до работ да се брани за животот“, вели Матовска.
Според податоците на Министерството за труд, од 2017 година до сега бројот на жртви од семејно насилство е двојно зголемен. Ако во 2017 пристигнале 2 394 поплаки за ова дело во Центрите за социјална грижа, нивниот број во 2022 изнесува 4 421.
Полициската статистика, пак покажува дека лани 1 097 биле регистрирани како сторители на семејно насилство од кои само 96 се жени, останатите илјада се мажи. Половина од нив се сопрузи и вонбрачни партнери.
Во повеќе од половина од случаите на кривични дела за семејно насилство станува збор за телесни повреди, а на второ место е загрозувањето на сигурноста. Во најголем број насилници се мажите, но има и жени насилнички.
„Во однос на начинот на стореното дело, најголем дел од делата се извршени со употреба на физичка сила или закана, а во четири случаи со закана со огнено оружје, при што сторителите најчесто биле дејство на психичко растројство или алкохол“, се вели во ланскиот извештај на Министерството за внатрешни работи.
Институциите бавно реагираат
Друг проблем е што 80 проценти од оние кои пријавуваат, потоа се повлекуваат од кривично гонење. Жртвите прозборуваат само кога последиците од ќотекот ќе станат видливи.
За да може сериозно да се влијае на намалување на бројот на жртвите од семејно насилство неопходна е брза и навремена реакција на системот, објаснува Матевска. Таа додава дека институциите не се единствени кои што може да влијаат врз овој негативен феномен.
„Но и сите ние сме одговорни како општество, и како соседи, и како семејство, и како средина во која секојдневно слушаме и гледаме ситуации на насилство и за вакви случаи имам општествена одговорност и за таков тип на случаи навремено да ги пријавиме, за навремено и координирано и жртвите да добијат поддршка, кога знаат дека системот и општеството одговараат со поддршка, полесно е да се влијание за да се прекине тој ланец на насилство“, објаснува Матевска.
Видете и ова: Важно ли е „што ќе кажат соседите“ ако си жртва на насилство?Покрај жените кои се најчесто жртвите на семејно насилство, децата се индиректни жртви кои се справуваат со трауми од тоа што го гледаат во својот дом.
Додека Вале од почетокот на нашата сторија е во домашен притвор во Скопје, по семејната трагедија, нејзините деца се сместени во Кратово, кај член од семејството. Тие добиваат помош од социјални работници, психолози и педагози кои им помагаат да се справат со траумата и постепено започнале телефонски да се слушаат со својата мајка, вели нејзиниот адвокат.
„Нашиот фокус е Валентина што побргу и што подобро да ја заврши оваа долга правна битка што и претстои, да и се вратат децата и да почнат нов лид во нивниот живот“, објаснува нејзиниот адвокат Георгиевски.
Многу прашања околу новата правна битка на Вале остануваат отворени. Обвинителството е прво кое треба да донесе одлука како ќе го квалификува двојното убиство доколку поднесе обвинителниот акт, дали како убиство со умисла, или пак како нужна одбрана.