Достапни линкови

Семејно насилство: Пораз за институциите, аларм за државата


Илустрација
Илустрација

Двојното убиство во Кратово покажува дека во очај жртвите почнуваат да се бранат сами, што е последица на непостапување на институциите, вели адвокатката Катерина Котеска Стисниовска. Јавното обвинителство допрва ќе цени за кое дело ќе ја обвинат В.И, кратовчанката што ги уби сопругот и свекорот.

Под хаштагот #ПравдаЗаВале се обединуваат граѓански здруженија, адвокати, јавни личности и други граѓани во обид да издејствуваат слобода за 36-годишната кратовчанка В.И. која со нож ги уби свекорот и сопругот кој претходно физички ја нападнал, како што покажа истрагата на обвинителството.

Овој чин што во јавноста се толкува како одбрана од семејното насилство што со години го трпела В.И. и двете деца, според изјавите на лица што го познавале семејството.

„При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож, со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на самото место“, соопшти Основното јавно обвинителство Куманово на 15 јуни.

Судот определи 30 дена притвор за осомничената.

Ова е најмалку трет случај во последните три години на убиство на сопруг или партнер по случаите со велешанката Пале Илоска во 2021 година и на Танкица Младеновска од Кочани во 2023 година.

Илоска го уби својот вонбрачен партнер полицаец, кој, според полицискиот извештај, претходно ја фатил за врат со намера да ја дави. Основниот суд Велес констатираше дека делото е направено во нужна одбрана и ја ослободи од обвинението за убиство на миг.

Младеновска лани беше убиена од својот вонбрачен партнер Усеин Рашидов со 40 убоди од нож. Рашидов беше осуден на доживотен затвор, но пред две недели, на 8 јуни, беше пронајден мртов во затворот во Куманово. Од затворот известија дека се обесил со чаршав.

Случаите предизвикаа лавини реакции во јавноста по информациите дека жените биле малтретирани со години, пријавувале во институциите, но не добиле заштита.

Самоодбрана или убиство со умисла?

Да престане праксата на правосудството на погрешното третирање на семејното насилство, побара Платформата за родова еднаквост.

„Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство. Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство сега е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство“, соопштија од Платформата за родова еднаквост.

Оттаму бараат „ова да биде последен случај на погрешно третирање на семејното насилство и повикување на одговорност на жените кои се најмногу погодени од насилството, вклучително и од отсуството на навремена и соодветна реакција од институциите“.

Од Јавното обвинителство велат дека допрва ќе се одлучува за кое дело ќе ја обвинат В.И.

„Јавното обвинителство има обврска да постапи, да ги преземе сите дејствија и да ги изврши сите проверки за да ги испита сите околности на настанот. Токму тоа се прави во фазата на истрага. Во зависност од прибраните докази ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката и правната квалификација“, велат од обвинителството за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Адвокатот Jанаки Митровски се понуди да ја застапува жената од Кратово. Нејзе ѝ беше определен бранител по службена должност.

„Од лимитираните информации од ОЈО Куманово, се чини дека се работи за нужна одбрана. Во моментов се води истрага за двојно убиство со потенцијална и доживотна казана затвор. Тоа може да биде подложно на промени по завршување на истрагата и носењето јавно -обвинителска одлука. Клучен момент е дали во моментот кога ги нанесува убодите нејзе ѝ е загрозен животот. Ако во моментот ѝ е животот загрозен или нејзината психа верува во тоа, особено поради неколкукратно повторување на физичкото нсилство, во тој случај станува збор за нужна одбрана. Во спротивно, би требало да оди со обвинение за убиство на миг, бидејќи истата во тој момент била силно раздразнета од противправниот напад кој истовремено се случувал кон неа“, вели Митровски за РСЕ.

Според него, многу се „меки“ казните за сторителите на семејно насилство.

„ Јас моментално имам случај за жртва на семејно насилство во кој насилниот сопруг во четири предмети доби условни осуди, па дури во петтата доби една година затвор, казна која е неправосилна и ја обжали. Факт е дека со вакви казни, насилниците ја сфаќаат судската постапка како шега и тоа само ги охрабрува да бидат уште понасилни“, вели Митровски.

Котеска Стисниовска: Жртвите од очај почнуваат сами да се бранат

Двојното убиство во Кратово е уште еден пораз на нашите институции во борбата против семејното насилство, вели адвокатката Катерина Котеска Стисниовска.

Таа е позната по тоа што го доби предметот за случајот „Јавна соба“ и често застапува жртви на семејно насилство.

„Минатата година имаше пет жртви на семејно насилство што ги проследив, а оваа година во која сме на половина ова е трета или четврта жртва. Тоа е трагедија за политиката против семејното насилство кое се водеше до сега. Се покажа дека истата е неефикасна, поради повеќе фактори: немотивираност и недоволна обученост на институциите, несоодветна законска регулатива, долги и неефикасни судски постапки, синдромот на мала средина и „фаќање врски“ за спас од одговорност, виктимизирање и осуда на жртвите, несоодветна или никаква финансиска помош за напуштање на насилникот“, вели Котеска Стисниовска за РСЕ.

Катерина Котеска Стисниовска, адвокатка
Катерина Котеска Стисниовска, адвокатка

Според неа, и случајот од Кратово треба да покаже дека жртвите се оставени сами на себе.

„Двојното убиство во Кратово ни покажува дека во очај жртвите почнуваат да се бранат сами. Ова е последица на не постапување на институциите при пријавување на семејното насилство. Овие примери треба да ни покажат дека насилството раѓа насилство ако не се санкционира. Никој правник не сака да коментира пред да изврши увид во доказите, но евидентно е дека жената од Кратово се бранела и барала спас. Според соопштенијата во јавноста, таа пријавила четири пати во рок од пет години, а институциите не се потрудиле да ја одделат од таа средина, детектирајќи ја како жртва“, вели Котеска Стисниовска.

Според измените во Кривичниот законик, сторителите на фемицид се соочуваат со повисоки и построги казни, кои се движат од 10 години до доживотен затвор.

Но, статистиките покажуваат дека семејното насилство во 2023 година е зголемено за околу 20 отсто во споредба со 2022 година. Само од јануари до септември 2023 година имало 1. 166 случаи на насилство во семејството, според податоците на Министерството за труд и социјална политика.

Во 202о година имало 992 дела поврзани со семејно насилство. Бројките растат и во следните две години: 1056дела во 2021 и 1.117 дела во 2022 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Во 2022 година регистриран е 61 случај на семејно насилство на 100.000 жители, што е пораст во однос на 2018, кога имало 53 случаи.

Според анализите на граѓанските организации, мал е бројот на пријави на семејно насилство, само околу 15 отсто од случаите се пријавуваат. Уште помалку завршуваат на суд.

XS
SM
MD
LG