Тивко и без експертска дебата, пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ предложија низа измени во законот со кои, како што велат од невладиниот сектор кој бара стопирање на постапката, се отвора широко поле за коруптивни ризици.
Со предлог измените се укинува механизмот за управна контрола кој е во надлежност на Бирото за јавни набавки, кој сега прави проверки додека трае тендерската постапка.
„По објавување на огласот, главниот механизам на контрола е правната заштита која економските оператори ја остваруваат преку Државната комисија за жалби по јавни набавки“, се вели во предлог законот.
Видете и ова: Финансиска полиција истражува кои предмети се чувале во фиокаНо, државната комисија може да постапува само ако до неа пристигне жалба или барање од странка во тендерската постапка.
На пример, ако на еден тендер се јави само еден понудувач и никој не се жали за изборот, тој ќе си помине „многу глатко“, затоа што Бирото за јавни набавки нема да има обврска да го проверува тендерот.
Од минатогодишниот тендерски буџет на институциите од 1,5 милијарди евра, околу 530 милиони евра беа предвидени за тендери во кои се јавил само еден понудувач.
А тој, единствениот понудувач, често нуди услуги во вредност колку што институцијата однапред проценила да плати, покажуваат податоците на Центарот за граѓански комуникации.
„Совпаѓањето на вредностите е симптоматично затоа што процената вредност на овие тендери не била јавно објавена и таа е наведена само во одлуките за јавни набавки, коишто не се јавно достапни документи“, се вели во последната анализа на Центарот за граѓански комуникации.
Со предложените законски измени за проверка на тендерската процедура може да се земат само оние тендери кои се обжалени, а во ситуација кога има еден понудувач, нема кој да се пожали на постапката.
Тоа создава ризик за ситуации во кои без контрола ќе се исцртаат контурите на добитникот на тендерот преку ограничување на условите кои се специфични само за „еден понудувач“, предупредуваат експертите.
Жалбите најчесто доаѓаа од конкурентите фирми кои се јавиле на огласот, а се незадоволни од изборот или се жалат на неправда до Комисијата за жалбени постапки.
Лани за тендерска неправда биле поднесени 980 жалби од вкупно 24 илјади спроведени тендери. Државната комисија за жалба во јавните набавки, пак прифатила само една третина од пристигнатите жалби, останатите ги отфрлила како неосновани.
„Жалбената постапка не е механизам за борба против корупција, таа си има друга основа и постапка, така што едноставно ќе останат набавките без контрола, за време на спроведување на тендерите. Тоа ќе значи дека единствениот механизам што ќе остане е државната ревизија на веќе спроведените тендери“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Видете и ова: Град Скопје купува дрвја од по 600 евра додека долговите растатНивната анализа покажува дека лани Бирото за јавни набавки при употреба на механизмот за управна контрола тендери открил сомнежи за злоупотреба на јавните набавки и доставил до надлежните вкупно 4 предмети. За разлика од Бирото, Државата комисија за жалби немала сознанија, ниту добила информации за сомнежи за корупција или злоупотреби во јавните набавки.
Филков додава дека управната контрола требаше да се јакне, а не да се укинува.
„ До сега се спроведуваше управна контрола само на големи тендери како тие над 500 илјади евра за стоки и услуги и над 2 милиони евра за работи. Сакавме Бирото да го зголеми тоа одделение на управна контрола, да се зголеми контролата и над другите тендери, повеќе по случаен избор, повеќе по основ на ризиците од корупција. Ако институциите знаат дека секој нивни тендер условно може да влезе под управна контрола, поинаку ќе се однесуваат. Но, наместо тоа сега имаме укинување на управната контрола“, вели Филков.
Измените на законот за јавни набавки доаѓа по само еден месец откако општините потпишаа договор за 274 проекти кои ќе ги финансира централната власт со парите од унгарскиот кредит. Поголемиот дел од нив се однесуваат на стоки и услуги кои градоначалниците ќе треба да ги набават преку тендери.
За СДСМ упад во системот, за власта само ефикасност
Според опозициската СДСМ, владините предлог измени на законот се чекори назад во транспарентноста во трошењето на државните пари.
Пратеникот и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи кој ги поднесел на амандманите вели дека законот кој сега е на сила, а е донесен во 2019 година, беше целосно усогласен со директивите за јавни набавки со Европската Унија. Проблемот со малиот број на спроведени контроли врз тендерите од страна на Бирото за јабни набавки се должи на недостатокот на вработени и пари.
„ Не можеме да укинуваме одредби затоа што не се спроведуваат во целост поради недостиг на капацитет на институција. Според Реформската Агенда ние треба да се ги јакнеме капацитетите, не да ги укинуваме одредбите. Укинувањето е давање слобода, без контрола на различни чинители на власти да управуваат како мислат и сакаат“, вели Битиќи за РСЕ.
За власта, измените имаат за цел само подобрување на ефикасноста за да нема преклопување на надлежноста на Бирото за јавни набавки со државната Комисија за жалби по јавни набавки.
„Односно да се зголеми ефикасноста на Бирото за јавни набавки во почетокот на самата постапка кога има одредени поголеми јавни набавки, а државната Комисија за жалби по јавни набавки да биде крајната инстанца која ќе значи правна заштита на оние стопански субјекти кои сметаат дека има повреда на постапката и сметаме дека ова разграничување ќе ги направи двете институции поефикасни во управувањето со финансиите и големи јавни набавки“, вели пратеникот Антонио Милошоски еден од седумте пратеници кои се предлагачи на законот.
Предложените законски измени првично пристигнаа во Собранието по скратена постапка, но на 13 декември, по средба на пратениците предлагачи со претставници на Државната комисија за спречување корупција беа повлечени и доставни до Собранието по редовна постапка. На 18 декември се очекува во Собрание да се најде на дневен ред утврдувањето на потребата за носење на овој закон.
Антикорупциска загрижена за законските измени
Освен укинувањето на механизмот за управна контрола на тендерите, со предложените законски решенија се предвидува и смена на членовите на Државната комисија за жалби и нејзиниот претседател Кирил Каранфилов. Дополнително предвидено е и зголемување на членовите на комисијата од пет на седум.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата велат дека ги загрижува оваа идеја за смена на членовите на Државната комисија без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации. Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите.
Видете и ова: Сменети членови на Комисии кои го имаат последниот збор за трошење државни париСериозна загриженост изрази и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поради предложените измени и отпочна со спроведување на антикорупциска проверка.
„ Особено загрижува фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена, што отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени“, се вели во соопштението на ДКСК.
Според последниот извештај на Европската Унија, македонското законодавство до сега беше усогласено со европските директиви, но проблемот е спроведувањето на законоте и контролните механизими. Како клучен проблем се наведува недоволниот капацитет на Државната комисија за жалби по јавни набавки, како и потребата од дополнителен квалификуван кадар за да се осигури навремено постапување по жалбите.
Во 2023 година, против одлуките на Државната комисија за жалби по јавни набавки до Управниот суд беа поднесени 88 жалби.