Децата кои од други стоматолози плачат и бегаат, во ординацијата на д-р Кристијан Ристовски се смеат и пак се враќаат да им поправи заб. Особено децата со попреченост, за кои ретко кој стоматолог се нафаќа да работи без да ги заспие - а тоа се прави само во болница, со општа анестезија и е постапка за која неретко има ред за чекање.
„Кој би можел да чека три месеци за да му поправат заб? Кој би трпел болка толку време“, прашува Кристијан додека влегуваме во ординацијата сместена во куќа во скопското село Бардовци.
Ординацијата постои шест години и од почеток концептот бил да ги услужува сите што имаат потреба од стоматолошки услуги. Но, најпозната е по тоа што покрај другите пациенти, доаѓаат деца и возрасни лица со аутизам, со церебрална парализа, Даунов синдром или со друг вид физичка или интелектуална попреченост поради што не секој може им поправи или извади заб.
„Не е тешко да се работи со луѓе со попреченост, не е сложено ниту е драматично. Кои се ризиците? Некои имаат неконтролирани движења, некои имаат послаби коски или порасклатени заби. Децата со аутизам, без разлика на спектарот, се хиперактивни. Кај лицата со церебрална парализа, најлошо што може да се случи е пациентот да добие епилептичен напад додека седи на столот. Некој знае и да ме касне на рацете“, вели Кристијан.
Кој филм ќе го гледаме денес?
Затоа тој во својата ординација прави буквално сè за децата да го надминат стравот од стоматолог – се слуша музика, се пуштаат филмови, се менуваат улогите – докторот станува пациент, а пациентот доктор...
Вели дека кога ќе треба дете првпат да дојде кај него – тој ден не закажува други пациенти.
„Нема тежок пациент, само пациент што бара повеќе време и трпение. Кога треба, седнуваме и гледаме цел филмови, по два и пол часа. Ако ги вознемирува звукот од машините, им ставам слушалки. Детето мора да е релаксирано и мора да функционира соработката со родителот и со медицинската сестра. Стоматологот е само човек што ја држи машината, учествува 20 отсто во третманот. Ако сестрата не е обучена, ако родителот не е доволно информиран како да одржува добра орална хигиена, секој од нас посебно не можеме ништо да направиме. Ни треба да функционира цел синџир на соработка“, вели докторот.
Особен предизвик е работа со децата со аутизам, кои поради нивната хиперактивност се сметаат за непредвидливи пациенти.
„Во шест месеци ми пратија 86 деца со аутизам, кои имаа препорака да им се направат забите со општа анестезија. Пратени беа од здравствени институции од различни градови во државата. Само 11 не можевме да ги „средиме“. Останатите поминаа со локална анестезија. Од почеток сметам дека прво треба да дадам се од себе како доктор, а потоа и како човек за да ја завршам работата со најмал стрес за детето и родителите. Знаете, родител што ќе го одбијат на четири - пет места, си вика дај нека проба човекот, може и ќе успее“, раскажува Ристовски.
Видете и ова: Децата со попреченост сѐ почесто мета на говор на омраза, неедуцираноста е проблемотЗа методите на работа, вели – ако сте добар доктор, треба да направите детето само да сака да седне на стоматолошкиот стол. Затоа кај него третманот не почнува веднаш – туку неколку дена претходно, кога родителот ќе се јави да закаже термин. Тогаш Кристијан зема детални податоци за состојбата на детето, дијагнозата, дали има проблеми како што се испади, епилептични напади и слично.
„Ги убедувам родителите дека никако, никако не смеат ништо да сокријат. Потоа ни останува вториот голем предизвик , а тоа е да ја добиеме довербата на детето. Генерално за сите деца е дека се плашат од нешто ново. Второ, се плашат од униформи. Кога доаѓаат првпат, јас не носам мантил. Инсистирам детето, ако може да објасни, само да ми каже каде го боли, да го ислушам. Дури и да не е разбирлива комуникацијата, сакам да има чувство дека сам ми кажал за проблемот“, вели стоматологот.
Емпатијата наспроти профитот
Кристијан има и претходно искуство со лица со попреченост. Во училиште седел со дете со Даунов синдром. На Стоматолошки факултет, првиот атипичен пациент му бил 19-годишно момче со истата дијагноза.
„Од секогаш имав некоја способност да се разберам со лица со попреченост и тоа многу лесно, како да комуницирам со типично лице. На Детска стоматологија имав еден д-р Ристо и тој ја виде таа способност кај мене. Уште тогаш ми рече, ти ќе работиш со тие луѓе. Барав работа на неколку други места, не ми беше овозможено да го правам тоа што сакам и така, на 25 години, сам отворив ординација“, вели докторот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Можеби логично било и што меѓу првите пациенти му биле деца со Даунов синдром, на кои забите им ги поправал бесплатно. Поради нив за неговата работа се слушнало и надвор од Северна Македонија.
„Децата со Даунов беа пратени на една Специјална олимпијада во странство. Кога им дале да пополнат листови со прашање кој се грижи за нивното здравје секој напишал различен матичен лекар, но сите десет деца го напишале моето име како матичен стоматолог“, раскажува доктор Ристовски.
Вели дека и сега му доаѓаат пациенти од странство, покрај веќе редовните од Скопје, Куманово, Струга, Гостивар, Охрид, Струмица...
Ако троши по 2-3 часа за еден пациент со попреченост, и притоа за некои од пациентите со Даунов синдром сè уште интервенциите се бесплатни, како финансиски опстанува ординацијата каде цените се според општиот стоматолошки ценовник? Кристијан вели – може да се издржи.
„Проблемот сега е што стоматологијата е многу комерцијализирана. Дали доаѓа типичен или нетипичен пациент, не ми прави голема разлика. Не гледам зошто би наплатил повеќе само зошто некој има дијагноза. Се соочувам со истите финансиски проблеми со кои се соочуваат и моите колеги кои работат со типични пациенти и успевам да врзам крај со крај. Но, задоволството е големо и можат да го разберат само родителите на децата со попреченост кои знаат што значи вака да им помогнеш и да ги спасиш од болките“, смета Ристовски.
Д-р Кристијан има и лично искуство што значи да си „поинаков“ кога на 17-годишна возраст, во сообраќајна несреќа со мотор му била оштетена главната артерија во мозокот и одредено време имал последици.
„Лицето ми беше искривено, бев со избричена глава од операцијата, ја влечев ногата, имав амнезија и не ги препознавав другарите. Тогаш видов како е да си од другата страна, и погледите на другите кон мене во тоа време никогаш нема да ги заборавам. Затоа велам – треба да им дадеме шанса на сите, да бидеме лекари за сите“, порачува тој.
Видете и ова: Различно исти - бавно паѓаат предрасудите за лицата со Даунов синдромЛично му пречи кога политичарите се фотографираат со лица со попреченост само по одреден повод, како што е на пример нивниот ден, 3 декември.
„Одат по институции, се фотографираат, ветуваат ќе направат ваков центар, онаков центар... за мене нема „ќе“, што следниот ден го забораваат. Јас направив ординација и со тоа конкретно помагам“, вели Кристијан.
Негова желба е да мотивира повеќе стоматолози да се зафатат со оваа работа и на Стоматолошки факултет да се едуцираат повеќе кадри за стоматолошко згрижување на лица со попреченост, за тие да не трпат болки поради нешто што може да се поправи на побрз и полесен начин отколку со заспивање.
Северна Македонија нема податок колку лица со попреченост живеат во државата. Во отсуство на национален регистар, проценките од стручните лица се дека околу 200.000 жители на земјава имаат некаков вид попреченост.