„Цело време треба по саат време за еден автобус да се чека и одеднаш да се појават три. Тоа е лошо. Чекам од 10 часот, а сега е 10:40. Тоа е многу, стварно е многу“.
Вака младиот скопјанец Метин Зубери зборуваше пред камерата на Радио Слободна Европа (РСЕ) за неговото искуство со јавниот градски превоз во главниот град.
„Овде нема ништо. Само скапани автобуси. Извинете, но мораме да го направиме ова како треба“, рече Евгение Пановски, уште еден скопјанец кого го затекнавме на една од автобуските станици во центарот на Скопје.
А, за да се направи како треба или барем да се подобри моменталната состојба, на хартија постојат два проекти – едниот за задолжување на Градот Скопје со 10 милиони евра за купување нови еко автобуси, а другиот за воведување на брз автобуски превоз односно т.н. систем „Бас рапид транзит“ (БРТ).
Првиот ветување на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, вториот проект започнат од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Двата се заглавени на иста станица – Советот на Град Скопје. Според расположението кај градски власти, малку е извесно дека до крајот на мандатот на градоначалничката и на овој состав на Советот, работите ќе се помрднат од мртва точка.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Парите на сметката на ЕБОР, провизиите сè уште не се плаќаат
Доколку се реализираа плановите за воведување на брзиот автобуски превоз, скопјани сега би ги „одбројувале“ деновите кога ќе профункционира првата линија од БРТ системот – од Ново Лисиче до Ѓорче Петров бидејќи проекциите беа дека ќе се заврши до крајот 2024 година. Втората – од Бутел до Кисела Вода требаше да се завршни в година.
Проектот го промовираше ексградоначалникот Шилегов, а во април 2021 во Собранието беше изгласан и закон за заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кој требаше да се исплаќа во две транши. По три години, парите се нечепнати.
Во законот е предвидено дека „Република Северна Македонија ќе и плаќа на ЕБОР провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво“.
Видете и ова: Арсовска сепак ќе го гради „автобуското метро“Меѓутоа, тие сè уште не се плаќаат. Според објаснувањето од Министерството за финансии, кое во име на државата го потпиша Договорот за заем од ЕБОР, Градот Скопје како имплементатор на проектот лани побарал пролонгирање на роковите за стапување на сила на Договорот и на ефективноста на заемот.
„Имено, согласно потпишаниот Договор со ЕБОР, до почнување на имплементација на проектот средствата стојат на сметка во ЕБОР, и не е повлечена ниту една транша од заемот за реализација на овој проект. Исто така и во однос на провизиите, бидејќи проектот не е со статус ефективен, односно не се преземени конкретни дејствија за негова реализација, тие не се исплаќаат“, велат од Министерството за финансии за РСЕ.
Арсовска ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за блокадата
За имплементација на проектот во ноември 2023 беше потпишан трипартитен договор меѓу Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски (МТВ) и Министерството за финансии.
Оттогаш, од МТВ посочуваат дека Градот како имплементатор на проектот до нив не поднел никакво барање за да повлече дел од парите.
Видете и ова: Арсовска градоначалник „За модерно Скопје“ или „Скопје што потона“Од Кабинетот на Арсовска, пак, велат дека блокадата е во Советот кој треба да даде зелено светло за имплементацијата.
„Проектот за брз автобуски превоз е заглавен во Советот на Град Скопје каде власт е мнозинството на ВМРО ДПМНЕ, односно советниците кои повеќе од една година не гласаат за имплементација на проектот како ниту за сите останати проекти за подобрување на јавниот превоз во Скопје. Истиот не може да продолжи сè додека советот на Град Скопје не донесе одлука за реализација на истиот“, велат од кабинетот на Арсовска за РСЕ.
Арсовска која дојде на власт во октомври 2021 – неколку месеци по договорот за заем во мандатот на Шилегов, стана градоначалничка со поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, патиштата им се разидоа и според расположението во советничката група на оваа партија, малку е извесно дека таа ќе ја добие нивната поддршка за да го реализира проектот. И претходно и сега, ВМРО-ДПМНЕ се противи на проектот со тврдења дека, меѓу другото, ќе се уништи средишното зеленило на булеварите каде треба да поминуваат двете линии и оти проблем е што се предвидува БРТ да поминува над главната водоводна цевка на „Партизанска“.
Имплементација на проектот како точка ќе се најде на дневен ред и на денешната седница на Советот, но исходот се чини однапред познат. Досега, таа над десет пати беше ставена на гласање.
Видете и ова: Арсовска- Никогаш не се откажав од БРТ, проектот е во почетна фазаВо советничката група на СДСМ, која го поддржува проектот, се песимисти дека нешто ќе се промени до крајот на мандатот.
„(ВМРО-ДПМНЕ) Ниту ја гласаат одлуката со која имплементацијата на проектот за БРТ треба да продолжи, ниту образложуваат зошто … Точката на дневен ред на седниците на Советот е ставена 10-тина пати. И со вакво мнозинство мала е веројатноста дека нешто ќе се смени до крајот на мандатот, ако се земе во обѕир дека ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа ни сопствените проекти од програмата за Модерно Скопје со која настапија на изборите во 2021 година“, вели за РСЕ советничката од СДСМ, Љубица Јанчева.
Еко автобуси – со кои пари да се платат?
А, 20-тина пати, пак, досега неуспешно се гласаше и за набавка на нови еко-автобуси за градскиот превоз. Арсовска предлага тоа да се направи преку задолжување од 10 милиони евра кај некоја од домашните банки.
Претседателот на Советот, Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ, во разговор со РСЕ, пак, прашува зошто градоначалничката кога веќе не успева да обезбеди поддршка од нив како советници, не предвиди купување нови автобуси во градскиот буџет.
Но, од нејзиниот кабинет велат дека како и сите општини поради ниското ниво на децентрализација имаат ограничен буџет и затоа праксата и во минатото била парите за инвестиции со позначајни суми да се обезбедуваат преку задолжувања и кредити.
„Тоа беше случај и со претходната набавка на автобуси во 2019 година или со финансирање од страна на централната власт која располага со државниот буџет. Доколку Советот не изгласа обнова на возниот парк, го изложува јавниот превоз на ризик да поради дотрајаност не биде во можност да ја испорача услугата до граѓаните, што е и сè почесто случај поради честите дефекти на автобусите кои се амортизирани“, велат од кабинетот на Арсовска.
Видете и ова: Tрамвај наречен желба
Последната седница кога и точката за БРТ и таа за еко-автобуси се најдоа пред Советот на Град Скопје се одржа на 30 мај. По низата неуспешни обиди да се изгласаат, Славевски тогаш соопшти дека Комисијата за прописи му предложила повеќе воопшто да не се ставаат на дневен ред.
„Не знам од која причина не ја прифатив оваа сугестија, а можеби и требаше“, рече Славевски.
Расправата и гласањето за овие точки поврзани со јавниот градски превоз во Скопје, тој ја заокружи и со една дефиниција.
„Има една дефиниција на зборот лудило. Јас ќе ја кажам затоа што таква атмосфера овде почувствував. Тоа е кога одново и одново и одново правите една иста работа, а очекува различен резултат“, рече Славевски.
Следните локални избори во Северна Македонија, на кои скопјани ќе гласаат за нов состав на Советот на Град Скопје и за градоначалник треба да се одржат во октомври 2025 година.