Знаете ли дека во Скопје имаше трамвај на крајот на 19 век. А сега нема Трамвај. Епa, првиот трамвај во Виена се појавил во 1864 година, а Скопје имало трамвај во 1884 година? Добро, тоа не биле трамваји како денешните, туку биле влечени со коњи. Но за оваа приказна за првиот скопски Трамвај малку подоцна. Во поткастот на Слободна Европа „Зошто“, ве прашавме преку социјалните мрежи што мислите дали на Скопје му треба Трамвај.
Добивме над 120 коментари.
Ванчо Попов на пример вели:
„На Скопје му треба трамвај, му треба железница до Аеродром Петровец и Драчево, му требаат две три подземни делници како за метро во центар, и ефикасен систем на автобуски превоз што комбинацииве ќе ги направи возможни и практични. Така функционираат велеградовите во Европа“.
Чангул Шабан пак додава:
„Да. Потребен е трамвај. Само една единствена линија.. Брз трамвај, ограден.. од Сарај до Лисиче.. поставен на левиот брег на Вардар.. да работи постојано, 24 часа, секој ден“.
Некој од вас се и против. Но повеќето ни порачувате дека се За трамвај. Имате разни идеи“.
Според разни истражувања па и она на Институтот за просторно планирање ,изградба на шински јавен градски превоз во Скопје е неопходна. Се констатира дека заради неконтролираната и брза експанзија на главниот град, патната инфраструктура не е во состојба да ги задоволи потребите на градот Скопје. Констатации има реализација нема. Тројца бивши градоначалници имаа иницијативи, се правеа студии, тендери, се потрошија и пари, но ниту една инцијатива, студија, проект не донесе резултат. И сега што? Што би добило а што би изгубило Скопје како град и скопјани како жители ако има или нема Трамвај?
За овие идеи разговараме со е Зоран Кракутовски, професор од Градежниот факултет во Скопје. Човек кој се разбира во оваа проблематика.
Како и да е, приказната за првиот трамвај во Скопје од крајот на 19 век оди вака:
Ова тогашно чудо за скопјани, го овозможиле браќата Шабан-паша, сопственици на една од првите мелници во Скопје. Едниот од браќата Сулејман Емин тешко се разболел, а браќата веднаш го однеле на лекување во Виена. Таму првпат виделе трамвај, многу им се допаднал, и веднаш решиле таков модел да донесат во Скопје. Во Скопје настанале големи турканици за да се дојде до билет за трамвајот. Тој бил вистинска сензација, велат хроничарите. Сообраќал од култната кафеана Идадија и Дебар маало, кон центарот на градот. Имало и други линии подоцна. Вака така, во Скопје официјално трамвајот постоел сè до 1912 година. Приказните велат дека трамвајот на браќата Шабан паша Емини не се разликувал од европските трамваи, бидејќи оттаму бил донесен. Најпрвин се движел на шпедитерски тркала, а подоцна на шини, влечен со коњска сила. Хроничарите на тоа време велат дека настанувале многу комични ситуации.
Кога ќе се изморел, коњот легнувал среде патот за да се одмори. Патниците чекале, возачот на трамвајот пушел цигара и си правел муабет со минувачите. Но наскоро Скопската општина станала љубоморна на браќата, и решила самата да воведе трамвај. Општината никако не можела да се договори од каде ќе бидат купени шините, а еден службеник, кој за таа цел заминал за Истанбул, ги проневерил парите. Во 1903 година, во Виена веќе бил воведен електричен трамвај.
Како и да е, денеска Скопје, пак сто дваесет и кусур години потоа, е еден од ретките главни градови во Европа, па дури и на Балканот кој не само што нема метро, туку нема ни трамвај. Главен град од 700 - тини илјади жители кон кој гравитираат поблиските градови како Куманово, Велес, Тетово. И секоја зима скопјани се жалат на автобускиот градски превоз, на загадувањето, а на лето се потат, бидејќи не сите автобуси имаат клима.
Зошто Скопје нема барем трамвај. Зошто ниту еден од тројцата бивши градоначалници ветија, а не успеаја да почнат со изградба на Трамвај. Трифун Костовски, па Коце Трајановски, и Петре Шилегов имаа инцијативи, нарачаа студии, некои дојдоа и до тендери за кои градот плати пари и толку.
Слушајте не, следете те не. Само ставете слушалки и побарајте го поткастот Зошто на Слободна Европа и Спотифај, Јутјуб, Ејпл и Гугл подкаст. Кликнете на Зошто и давајте ни идеи и теми кои сакате да ги слушате, а ние ќе прашуваме преку нашите социјалните мрежи.