Достапни линкови

Вести

Арсовска сепак ќе го гради „автобуското метро“

План за брз автобуски превоз во Скопје
План за брз автобуски превоз во Скопје

Системот за брз автобуски превоз во Скопје доби зелено светло од меѓународните партнери, со што започнува неговата реализација, информираа од Град Скопје.

Проектот за брз автобуски превоз или „автобуско метро“ во главниот град го најави претходниот градоначалник Петре Шилегов, но по стапувањето на новата градоначалничка Данела Арсовска на функција пред две години, проектот беше запрен.

„Од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку е и на штета на граѓаните на градот Скопје. Пред се затоа што за тој БРТ превоз, нема одлука од Советот на Град Скопје,“ напиша Арсовска пред две години на својот Фејсбук профил.

Сега во соопштението на Град Скопје се наведува дека „по две години отстранување на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, градот Скопје конечно ќе добие нов транспортен систем“.

Градската администрација, се наведува во соопштението, посветено работела за да се надминат сериозните пречки кои биле откриени во основниот проект.

„Градот Скопје и покрај сите блокади продолжува со заложбите кои ќе им овозможат на граѓаните модерен и навремен јавен градски превоз“, стои во соопштението од Град Скопје.

На соопштението, реагираше претходниот градоначалник Шилегов, употребувајќи фраза што ја користел негов професор – „На будалите од после им текнува“.

„После 2 години однесување како вошка во перика, заради очигледната некомпетентност, немање визија и основно познавање, новото градско раководство се враќа онаму каде што требаше да продолжи пред 2 години“, пишува Шилегов на својот Фејсбук профил.

Тој вели дека новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос во главниот град и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато. Па затоа е важно сè што е во интерес на граѓаните да се реализира, а тие да добијат градски превоз како што доликува на главниот град, додава поранешниот градоначалник.

Проектот за еколошки јавен превоз „Бас Рапид Транзит“ е вреден 70 милиони евра и се спроведува со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Арсовска го победи Шилегов на локалните избори во октомври 2021, со околу 28 илјади разлика. Едно од главните ветувања и беше бесплатен јавен превоз во главниот град. Но на средина од мандатот такво нешто се уште нема, а повеќе од една година скопјани се жалат дека градски автобуси нема, ако дојдат доцнат многу и се преполни.

Вработените во Јавното сообраќајно претпријатие штрајкуваа, протестираа и приватните превозници кои се дел од јавниот превоз во градот, па градоначалничката им ги раскина договорите, за по неколку месеци пак да склучи договори со нив.

Скопје има само автобуски јавен превоз, нема метро и трамвај, како што имаат други престолнини.

види ги сите денешни вести

Невладини од регионот со осуда за забрана на фестивал на српскиот и албанскиот народ во Белград

Србија, Протести против фестивалот на современа уметност од Косово - Миредита, добар дан
Србија, Протести против фестивалот на современа уметност од Косово - Миредита, добар дан

Околу стотина граѓански организации од регионот ја осудија одлуката на властите во Србија да го забранат фестивалот „Mirëdita, добар ден“.

Во заедничкото соопштение се наведува дека ги поддржуваат колегите од Младинската иницијатива за човекови права и граѓанските иницијативи од Србија, како и Интегра од Косово, чиј фестивал кој промовира пријателство и соработка меѓу српскиот и албанскиот народ во Србија е забранет.

„Ја осудуваме одлуката на властите во Србија да го забранат фестивалот само затоа што беше нападнат од криминални структури, членови на десничарски групи кои ја загрозуваат безбедноста и најбрутално им се закануваат на неговите организатори и учесници“, се вели во него.

Во соопштението се изразува загриженост поради негативниот однос на највисоките претставници на Србија кон фестивалот.

„Ги повикуваме властите на Србија да ја преиспитаат одлуката за забраната, да ги заштитат нашите колеги и да ги санкционираат сите оние кои ја загрозуваат нивната безбедност“, се вели во соопштението потпишано од организации и активисти од Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија, како и од Косово и Србија.

Фестивалот „Mirëdita, добар ден“ на 27 јуни во Белград не ни започна кога ултрадесничарските групи се собраа пред просторот каде што требаше да се одржи и го блокираа влезот.

Полицијата, која не била на лице место, набрзо наредила „прекин“ на фестивалот поради „опасност од загрозување на безбедноста“.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека не ја гледа поентата на фестивалот и дека лично смета дека најдобриот одговор кон организаторите на настанот е „презир“.

Забраната на фестивалот ја осудија некои опозициски партии во Србија, а жалење изрази и Европската унија.
Ден откако беше забранета „Mirëdita, добар ден“, на адреса на Софија Тодоровиќ, една од организаторите на фестивалот, пристигна пакет со заканувачки писмо и отсечена свинска глава.

Писмото во кое се наведува дека „ситуацијата во светот се менува и дека доаѓаат некои други времиња“, го потпишала „Националната патрола“.

Станува збор за нерегистрирана ултрадесничарска организација, позната по антиимигрантските акции и врските со идеолошки блиски групи од Русија.

Првото основно јавно обвинителство во Белград нареди идентификација на лицето кое го испрати пакетот со заканувачката порака.

Гир: Нема можност за промена на преговарачката рамка

Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир
Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир

Не гледам можност за промена на преговарачката рамка и таа позиција не е променета по изборите, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, по денешната средба со Министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Ова е одговорот на Гир на прашањето дали има шанса за промена на преговарачката рамка.

„Секогаш сум бил многу јасен за овој договор што беше постигнат во јули 2022 година што резултираше со отворање на пристапните преговори и скрининг процесот. Не гледам можност за промена на преговарачката рамка “, рече Гир.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски рече дека не гледа причина да не се додаде уште еден предлог кон Договорот за добрососедство со Бугарија.

Мицкоски појасни дека т.н. француски предлог од кој прозилегоа уставните измени е всушност репреговарање на Договорот за добрососедство.

Неговиот коментар следуваше откако американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за Радио Слободна Европа рече дека преговори нема да има ниту за Преспа, ниту со Бугарија за влез во ЕУ.

Во однос на пораката што се праќа со намалувањето од вицепремиерско на министерско место за европски прашања според Гир, важно е тоа што процесот на евроинтеграција останува високо на политичката агенда.

„Ова е тоа што Владата го вели. Ќе ја оценуваме Владата врз основа на тоа што го прави. Ако сака да продолжи напред на евроинтегративниот пат ние ќе бидеме цврсти и посветени партнери, изјави Гир.

Прашан за планот на Питер Ванхојте за евроинтегративниот пат на земјава, Гир рече дека не е сигурен дека постои таков план, посочувајќи дека Ванхојте работи на проект, финансиран од Белгија, за градење на добрососедски односи во Северна Македонија и соседите.

- Но, надвор од тоа ние во ЕУ не сме поврзани со таа конкретна иницијатива, нагласи Гир.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани посочи дека секоја помош во процесот на зачленување кон ЕУ е добредојдена, вклучителчно и помошта на Питер Ванхојте, но дека тој како новоназначен министер нема видено никаков конкретен план, за да може да даде коментар.

Иранците размислуваат за продолжување на бојкотот на претседателските избори

Иран, избори
Иран, избори

Повеќе од 60 отсто од гласачкото тело во Иран не гласаше на претседателските избори на 28 јуни, и покрај тоа што беа наведени како важна анкета со оглед на улогата што следниот претседател би можел да ја игра во наследувањето на врховниот водач, Али Хамнеи.

Бидејќи ниту еден кандидат не успеа да обезбеди доволно гласови за целосно да победи на изборите, на 5 јули ќе се одржи втор круг гласање меѓу реформаторот Масуд Пезешкијан и тврдокорниот конзервативец и поранешен преговарач за нуклеарната програма Саид Џалили.

Рекордно нискиот одѕив дојде по широко распространетите повици на неистомислениците дома и во странство за бојкот на изборите, тврдејќи дека нема промена од гласањето на минатите избори.

Иран бележи тренд на опаѓачки одѕив на гласачите од 2020 година, кој делумно е поттикнат од зголемената фрустрација поради недостатокот на слободи, нестабилната економија и падот на животниот стандард. Голру рече дека намалениот одѕив на гласачите на неодамнешните големи избори е, исто така, директен резултат на „координиран чин на граѓанска непослушност“ што ѝ овозможува на разочараната јавност „да им го соопшти своето несогласување на властите“.

Повеќе од 50 политички активисти во Иран и други земји ги повикаа масите да продолжат со бојкотот на вториот круг од 5 јули.

„Секое политичко учество или глас за избрани и немоќни кандидати е мрачна и горчлива шега“, рекоа активистите, вклучително и затворената нобеловка Наргес Мохамади, во изјавата на 30 јуни.Тие тврдат дека избегнувајќи ги „наместените сценарија“ на исламската република. јавноста би се ставила во позиција на моќ и би го олеснила „падот на режимот“.

Трамп има ограничен имунитет, одлучи Врховниот суд на САД

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Американскиот Врховен суд во понеделникот пресуди дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп може да бара имунитет од гонење за некои дејствија што ги презел во последните денови од неговото претседателствување.

Таа одлука, според Си-Ен-Ен, најверојатно дополнително ќе го одложи тековниот судски процес за субверзија на федералните избори против него.

Одлуката е во спротивност со пресудата на федералниот суд во февруари, според која Трамп не уживал имунитет за наводните злосторства што ги извршил за време на неговото претседателствување за да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година, кои исто така беа поврзани со немирите во Капитол на САД од 6 јануари 2021 година

Немири во зградата на Капитол, седиштето на американскиот Конгрес, избувнаа откако околу 2.000 поддржувачи на Трамп се собраа во центарот на главниот град на САД на протест за време на кој поранешниот претседател ги повтори неоснованите тврдења дека претседателските избори во 2020 година биле обележани со нерегуларности и кражби.

Протестот кулминираше со насилно упад во зградата на Конгресот, напади врз полицијата и членовите на највисокото американско законодавно тело, кои беа принудени да се скријат и да побегнат.

Тоа беше и единствениот случај во американската историја да не беше извршена мирна транзиција на власта меѓу поразениот и победникот на претседателските избори. Судските постапки во врска со имунитетот на Трамп веќе предизвикаа критики. Сомнително е и дали воопшто било потребно да се покрене ова прашање, бидејќи федералниот апелационен суд го одбил.

На 1 јули, Врховниот суд пресуди дека поранешните претседатели се заштитени од кривично гонење за дејствија што ги преземаат во рамките на нивните уставни овластувања, наспроти приватните капацитети.

„Заклучуваме дека според нашата уставна структура на посебни овластувања, природата на претседателските овластувања бара поранешниот претседател да ужива одреден имунитет од гонење за службени дејствија за време на неговиот мандат“, напиша главниот судија Џон Робертс.

Тој додаде дека, барем во однос на извршувањето на неговите основни уставни овластувања од страна на претседателот, тој имунитет „мора да биде апсолутен“.

„Претседателот не ужива имунитет за неофицијални дела, и не е официјално сè што прави претседателот. Претседателот не е над законот“, напиша Робертс.

Постапката на судот за имунитетот на Трамп веќе наиде на критики. Проблематично е, меѓу другото, дали воопшто било потребно да се покрене тоа прашање со оглед на претходната пресуда на апелациониот суд.

Трамп тврди дека без имунитет, претседателите би биле спречени да ги извршуваат своите должности, секогаш во страв дека обвинителот ќе ги осуди откако ќе ја напуштат Белата куќа.

Коњувца: Во Србија се подготвуваат за можен напад на Косово

Претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњувца 
Претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњувца 

Претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњувца изјави дека косовските институции имаат информации дека група од стотина луѓе во Србија се подготвува за можен напад на Косово.

„Нашите безбедносни институции се во највисока подготвеност да се соочат со било што - напад или провокација од Србија“, рече тој на прес-конференција во Приштина, по средбата со претседателката на словенечкиот парламент, Уршка Клакочар Жупанчич.

Тој не соопшти повеќе детали, но истакна дека косовските институции „се во целосна координација со меѓународните безбедносни институции кои работат на Косово“.

Претходно, косовскиот премиер Аљбин (Албин) Курти изјави дека Милан Радоичиќ „продолжува со обука во Србија за нови напади Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз косовската полиција на 24 септември минатата година“. година во Бањска на северот на Косово. Тогаш беше убиен еден косовски полицаец, додека во размената на оган загинаа и тројца српски напаѓачи.

Косово ја обвини Србија дека стои зад нападот, што официјален Белград го негираше Нападот предизвика загриженост за регионалната безбедност и меѓународната заедница повика сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

Американскиот помошник државен секретар Џејмс О'Брајан викендов изјави дека Србија ветила дека Радоичиќ ќе се соочи со законот кога станува збор за нападот во Банска.

Премиерот Курти во меѓувреме изнесе неколку услови за продолжување на дијалогот со Србија, меѓу кои е и барањето Радочиќ да му биде предаден на Косово.

Се верува дека Радоичиќ моментално се наоѓа во Србија, а во декември минатата година Меѓународната полициска агенција (ИНТЕРПОЛ) издаде налог за негово апсење по барање на Косово.

Мицкоски: Не гледам зошто да не се додаде уште некој предлог кон Договорот со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски не гледа причина да не се додаде уште еден предлог кон Договорот за добрососедство со Бугарија.

Мицкоски појасни дека т.н. француски предлог од кој прозилегоа уставните измени е всушност репреговарање на Договорот за добрососедство. Неговиот коментар следува откако американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за Радио Слободна Европа рече дека преговори нема да има ниту за Преспа, ниту со Бугарија за влез во ЕУ.

„Што се однесува во уставните измени, кои се дел од т.н. француски предлог, кој што е додаток на Договорот за добрососедство, односно репреговарање на Договорот за добрососедство и во однос на тоа нашиот став го знаете дека диктати и ултиматуми не прифаќаме, така што ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. „француски предлог“ не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог, кој ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија“, изјави Мицкоски.

Тој повтори дека ако се бара промена во Уставот за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да се види што станува со оние граѓани кај нашиот источен сосед, кои што велат дека се дел од македонската заедница.

Никој не е против бугарската заедница, ние ги почитуваме тие неколку стотина наши сограѓани, кои велат дека се дел од бугарската заедница, рече Мицкоски, но бараме од претедателот на Бугарија да ги почитува малцинските и човековите права на македонската заедница таму.

Во неделното интервју за радио Слободна Европа, американската амбасадорка Агелер порача дека „нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ, зошто тие договори се веќе направени“, додавајќи дека „нема одново преговарање за напредок кон ЕУ“.

Објавен тендер за нови компресори во хируршките сали

Министерот за здравство Арбен Таравари
Министерот за здравство Арбен Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска (1 јули) изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите кои не работат во хируршките сали и најави брзо решавање на проблемот со салите.

„Се надевам дека до крајот на декември ќе се завршат и комплетно и ќе се вратат во функционална состојба хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје. Во меѓувреме ќе инсистираме ако може што поскоро да се случи тоа“, рече Таравари на средба со новинарите.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот истакна дека од она што можел да го види, состојбата со салите на Клиничкиот центар не била добра, а според кажувањата исто е и на Клиниката „8 септември“.

Тој најави дека по консултација со Министерството за финансии ако добие дозвола, и се изнајде начин плаќањето да се одвива во неколку години, ќе инсистира да почнат со реновирање.

Дел од хируршките сали беа затворени на 18 мај, а некои од причините поради кои не работат салите се непријатниот мирис којшто се ширел низ вентилацискиот систем, како и проблемот со доводот на кислород. Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.

Сите останати операции се одложени на неодредено време.

Таравари, меѓу другото, најави дека за најмногу две недели ќе има нова Позитивна листа, но и модернизирање на јавното здравство, мобилни екипи за граѓаните да пријавуваат директно проблеми во здравството, преговори со доктори за работа во периферијата и друго.

Пашинјан смета дека не е неопходен референдум за членство на Ерменија во ЕУ

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан смета дека не е неопходен референдум за пристапување на Ерменија во Европската Унија.

„Да се одржи референдум за да се дознае мислењето на народот (за влез на Ерменија во ЕУ)? Жал ми е, но како ерменски функционер, го знам мислењето на народот на Ерменија, рече Пашинјан на Ерменскиот демократски форум во Ереван, додавајќи дека земјата е подготвена да биде што е можно поблиску до ЕУ“, пренесуваат руските медиуми.

Според него, Ерменија на највисоко ниво веќе ја изразила својата политичка волја да биде што е можно поблиску до ЕУ.

„Доколку верував дека народот на Ерменија не го дели ова мислење немаше да давам такви изјави, а доколку народот на Ерменија беше против тоа тогаш во контекст на изјавата што ја дадов јас, повеќе немаше да бидам премиер“, рече Пашинјан.

Веќе некое време, Ерменија, која важеше за блиска до Русија, ги зајакнува врските со западните земји. Таа ги поздрави граничните набљудувачи на Европската Унија (ЕУ), бидејќи ЕУ го презеде водството во преговорите меѓу Ерменија и Азербејџан за решавање на нивниот конфликт.

Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Ерменците се чувствуваат предадени од нивниот сојузник, бидејќи руските мировници не покажаа ниту волја, ниту способност да се спротивстават на постојаните напори на Азербејџан да заземе нови територии или да ги подобри постојните позиции.

Разузнавачките служби ќе функционираат како една агенција

илустрација
илустрација

Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една агенција, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој е планот на новата Влада за разузнавачките служби.

„Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност да се спојат и да се фузионираат во една агенција и тоа можам да кажам дека ќе биде процес којшто ќе трае неколку месеци. Очекувам да заврши успешно во Парламентот“, изјави Мицкоски.

Ваков тип на спојување на служби имаат направено многу држави што се земји - членки на НАТО. Меѓу нив, како што појасни Мицкоски, во соседството се Република Словенија на крајот на деведесеттите години, потоа Република Хрватска на почетокот од овој милениум.

Мицкоски најави дека тоа е дел од Програмата на Владата и оти тоа ќе биде направено во месеците коишто следат.

Пред неколку дена претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги разреши досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу и заменичката директорка во Агенцијата, Александра Бакреска-Додовска. На место на Муслиу е назначена Габриела Јаковлева, која, според соопштението од Кабинетот, доаѓа од редовите на Агенцијата.

Русија го презеде претседавањето со Советот за безбедност на ОН

илустрација
илустрација

Русија денеска (1 јули) го презеде едномесечното претседавање со Советот за безбедност на Обединетите Нации. Постојаниот претставник на Русија во ОН Василиј Небензја претходно изјави дека за овој месец се планирани три клучни настани.

Првата седница на Советот за безбедност под раководство на Русија ќе се одржи денеска во првата половина од денот по њујоршко време, а на неа ќе биде одобрена и работната програма за наредниот месец.

По неа Небензја ќе одржи прес-конференција и затворен брифинг за членовите на Генералното собрание на ОН.

Се очекува главните настани на руското претседателство да се одржат кон средината на месецот и ќе бидат посветени на градење поправеден, подемократски и поодржлив светски поредфок, регулирање на блискоисточното прашање, како и соработката на ОН со Организацијата на Договорот за колективна безбедност, Заедницата на независни држави и Шангајската организација за соработка.

Дополнително, како што претходно најави Небензја, ќе биде покрената и темата за украинскиот напад на Севастопол со тактички ракети „ATACMS“ опремени со касетни боеви глави. СБ на ОН овој месец ќе одржи дваесетина отворени седници и затворени консултации.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG