Романско село на духови во кое градат засолништа поради руските напади врз Украина

Една од напуштените куќи на Плауру. Некогаш дом на над 400 луѓе, сега селото има само 21 жител.

Ретко кој се движи низ прашливите улици на селото Плауру во источна Романија, 300 километри источно од Букурешт.

Сместено преку реката Дунав од украинскиот пристанишен град Измаил, Плауру е дом на само 21 жител и низа распаднати, напуштени куќи кои некогаш ја сочинувале најголемата заедница на овој дел од делтата на Дунав.

Селото повеќе нема училиште, медицинска амбуланта или продавница. За овие потреби, селаните мора да пешачат 6 километри, без оглед на временските услови, до следната најголема населба, Чатаргиу. Црквата и гробиштата останаа.

Селото Плауру кое до 1962 година беше познато како Ласкар Катаргиу, можеби ќе изумреше тивко, доколку не беше целосната инвазија на Русија врз Украина што претседателот Владимир Путин ја започна во февруари 2022 година.

Сега, романското Министерство за одбрана постави засолништа за воздушни напади во Плауру по повторените руски напади на украинските локации преку реката и пронаоѓањето на делови од беспилотни летала на романската страна во текот на овој месец.

Владата во Романија, земја-членка на НАТО, засега не планира да го евакуира Плауру и околните заедници. А некои жители велат дека не сакаат да си одат.

„Сакам да останам. Прекрасно е овде, ми се допаѓа“, изјави 21-годишниот Мариус Танасе за романскиот сервис на РСЕ.

Видете и ова: Романија гради засолништа од воздушни напади на украинската граница

Родителите на Танасе имаат парцела од 9 000 квадратни метри, неколку хектари земјоделско земјиште и добиток на нивната микро фарма, вклучувајќи и 12 крави. Тој е исклучок во Плауру: млад човек кој сѐ уште не заминал.

Единствените тројца малолетници во селото се трите деца на 52-годишниот Корнел Нита, кои се на возраст од 11, 14 и 16 години. Двете помали деца на Нита одат на училиште во Чатаргиу, додека најстарото посетува средно училиште во Тулчеа, која е оддалечена 30 километри.

Нита, поранешен морнар, вели дека не сака неговите деца да останат во Плауру.

„Нека одат да си ја работат работата подалеку. Што може да прават овде?“ вели тој, кревајќи ги широките раменици.

„Многу луѓе останаа овде“

Лоциран на само 300 метри од Измаил, Плауру е најблиското романско село до воената зона што ја запали руската инвазија.

Селцето имало преку 400 жители во 1930 година и било најголемата населба на регионот Чилија на Дунав. Но, по поплавите во 1970 година селото има многу малку жители.

„Овде, од ова село, заминаа многу луѓе. Дотогаш беше големо, имаше три реда куќи“, изјави локалниот жител Костел Танасе (52) за романскиот сервис на РСЕ.

Нита пораснал во селото. За него селото е исполнето со спомени кои ќе бидат избришани кога ќе го нема. Тој укажува на остатоците од куќата која претходно ја користеле граничарите. Низ еден од искршените прозорци на еднокатната зграда, сега излегува дрво.

Село Плауру, Роамнија 12.09.2023

Куќата се уште стои само затоа што се користи како избирачко место. Училиштето од соседството немало толку среќа, на неговата фасада се гледа голема дупка.

„Тие го изградија пред 50 години но никогаш не се користеше. Тука имаше градини, игралишта за одбојка итн. Но, со текот на времето и тие исчезнаа“, вели Нита.

„Ќе мораме да заминеме одовде“

Локалните жители во Плауру имаат увид одблизу кон руската агресорска војна во Украина.

„Кога системот за противвоздушна одбрана пука, ракетите летаат оттаму. Слушаме и дронови како се приближуваат. Кога паѓаат, тоа е природна катастрофа, се тресе како земјотрес“, вели локалниот земјоделец Ѓорге Пуфлеа.

Минатата недела, романската влада ги стави окрузите во областа во состојба на готовност по откривањето на групи беспилотни летала кои се упатуваат кон украинските пристаништа.

Жителите на областа добија предупредувања да бараат засолниште поради „можноста некои предмети да паднат од воздушниот простор“.

„Ако се влоши и нападите со беспилотни летала станат почести, особено ако некој падне врз куќа во селото, тогаш нема да можеме ништо да направиме. Ќе мора да заминеме од тука“, вели Танасе.

Засолниште во Плауру, Романија

Романскиот премиер Марчел Чолаку се обиде да ја смири јавноста, велејќи дека членката на НАТО не била цел на Русија.

„Никој не не нападна и никој не не напаѓа“, рече Чолаку на 13 септември.

„Некои делови паднаа од беспилотно летало што беше погодено од украинската армија. Немаше експлозив. Немаше ништо што може да им наштети на граѓаните“, додаде тој.

Без оглед на близината на руската војна против Украина, Нита, вели дека веројатно нема да остане во Плауру.

„Мислам дека повторно ќе заминам со брод, бидејќи не припаѓам овде“, ни рече тој.