Косовскиот премиер Албин Курти доаѓа во посета на Северна Македонија по покана на градоначалникот на скопската општина Чаир, Висар Ганиу по повод преименување на скопска улица со името на Адем Демачи, се вели во одговорот на кабинетот на Курти за Радио Слободна Европа на прашањето која е целта на посетата на косовскиот премиер на Скопје најавена за в петок.
Во одговорот дополнително се вели дека Курти добил покана за средба и со градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами за промовирање на идејата за патно поврзување на Призрен со Тетово.
При неформалната посета на земјава, според одговорот од кабинетот на Курти, тој ќе се сретне само со опозициските лидери на албанскиот политички блок на нивна покана, и тоа со лидерот на опозициската Беса Касами, и Изет Меџити и Висар Ганиу, кои се дел од фракцијата на владејачката ДУИ. Оваа посета е во пресрет на формирањето на нивната нова партија „Демократско движење“ која произлезе од фракционерите на ДУИ познати во јавноста како „Огнените“.
Поддршка за албанскиот опозициски блок?
Меџити вели дека со Курти ќе разговараат за актуелните политички случувања во земјава, околу уставните измени и најавите за избори, но и за случувањата во регионот. За Меџити оваа средба со Курти значи продлабочување на соработката на партијата на Курти „Самоопределување“ со опозициски Алтернатива, Беса и Демократско движење од Македонија.
„Ова ќе биде политичка средба за продлабочување на соработката и поддршка на албанската опозиција во земјава. Во Чаир ќе биде поставена табла со име на политичкиот ментор на Курти, Адем Демачи и со присуство на семејствата на Демачи и Адем Јашари. Ќе се разговара и за актуелните политички случувања како и за поделбите околу Отворен Балкан и ние кои сме заинтересирани заедно со Курти за Берлинскиот процес,“ вели Меџити за РСЕ.
Видете и ова: Партиски фракции - тројански коњ или отскочна даска за нова партија?До објавувањето на овој текст не добивме одговор од Владата, ниту од раководството на владејачката ДУИ за тоа, како ја толкуваат пораката што ја испраќа косовскиот премиер Курти со неформалната посета при која ќе се сретне само со лидерите на опозицискиот албански блок.
Лидерот на партијата од власта, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците кој се нудеше да биде посредник во помирувањето на Курти со албанскиот премиер Еди Рама, не гледа проблем во каква било неформална посета.
„Јас немам покана за средба. Неговата посета е негова работа како премиер на Косово. Тоа е негова одлука со кого сака да се сретне, ние не можеме ниту да смениме ниту да влијаеме на тоа“ вели кусо Таравари. Тој не сака да коментира ниту толкува каква порака Курти испраќа до власта со оваа посета.
Каква порака им испраќа Курти на владејачките ДУИ и Алијанса за Албанците?
Политичкиот аналитичар Џељал Незири смета дека со најавената посета Курти искажува конкретна политичка поддршка кон опозициските партии, што во основа е карактеристика за него и неговата партија „Самоопределување“. Македонската БЕСА и косовската „Самоопределување“ се поддржуваа меѓусебно уште од 2016 година кога беа во опозицијата, додава Незири и посочува дека сега со оваа посета им изразува поддршка за обединување на опозициските албански партии за да издејствуваат на следните избори подобри резултати.
„Ако се случи регрупирање на албанскиот блок во два блока, мислам дека и трката ќе биде поинтерена и понудите посодржајни. Но, дали ќе биде реален конкурент ваква опозициска коалиција, наспроти коалицијата која би можела да се формира од ДУИ, Алијанса и останатите партии, тоа не можеме да кажеме“, вели Незири.
Видете и ова: Какви шанси има третата опцијаЗа помалку од една година ова е трета посета на Курти на земјава од кои претходните две беа официјални средби со владини претставници. Од кабинетот на Курти не одговараат конкретно на прашањето зошто овој пат е поинаку.
„Во јуни, во рамките на Форумот во Преспа, во Струга, премиерот Курти оствари средби со албански претставници на Северна Македонија, меѓу кои и со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Во меѓувреме, комуникацијата меѓу владините кабинети е редовна“, се вели во одговорот од кабинетот на Курти на прашањето зошто при оваа посета во агендата не е предвидена средба со раководството на владејачките партии во земјава.
Незири- Ривалството меѓу Рама и Курти и на македонската политичка сцена
Претходно во јули во посета на земјава беше и албанскиот премиер Еди Рама. Лидерот на опозициската Беса Биљал Касами изјави дека одбива средба со Рама уште пред тој да пристигне во земјата.
„Како одбил да се сретне со мене, кога воопшто не сум побарал состанок со него. Или можеби претходно одбил мислејќи дека јас можеби ќе побарам да се видам со него. Тоа би било превентино одбивање. Билал е градоначалник на Тетово нели? Добар дечко. Никогаш не би го сменил од функцијата на градоначалник“, се пошегува Рама, одговарајќи на новинарско прашање.
Видете и ова: Рама и Ковачевски- Берлинскиот процес е поголем од Отворен Балкан
Рама по посетата на Скопје замина во Приштина како дел од неговата балканска турнеја, каде се сретна само со претседателката на Косово, Вјоса Османи, но не се сретна со Курти, за кој вели дека имаат спротивставени ставови за политиката околу, како што вели, самоизолацијата на Косово.
Според политичкиот аналитичар Џељал Незири, ваквите коментари и средба на Рама со власта, а на Курти со опозицијата за помалку од еден месец само укажуваат на прелевање на нивното ривалство во албанскиот политички блок на македонско тло. Токму тоа што Курти и политичката партија „Самопределување“ како радикално левичарски настроена партија имаат добри односи со конзервативниот десничарски ешалон во албанскиот опозициски блок во Македонија може да се толкува само како поддршка кон напорите на опозициските партии за обединување во коалиција.
„Отворањето на вратите во Владата за Алијансата на Албанците се случи по средбата на Таравари со Рама на која не присуствуваше Касами. Така што, тоа ривалство меѓу Рама и Курти може да се забележи и на македонската политичка сцена при што се забележува дека Рама ги поддржува партиите на Албанците кои се дел од власта, додека Курти веќе долго време се обидува да ја окрупни и обедини албанската опозицијата со цел победа на следните избори. Ова ривалство може да се насети и на македонската политичка сцена,“ вели Незири.
„Оддалеченоста “ во односите меѓу Курти и Рама следува откако албанскиот премиер го проследи нацрт-статутот до претседателот на Франција Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.
Потоа ја откажаа заедничката седница на двете влади поради кризата на северот на Косово. По ваквите настани Курти одби да учествува на неформалниот состанок на лидерите на Западен Балкан што се одржа на 17 јули во Тирана, главниот град на Албанија.