Косовската полиција извести дека тројца нивни гранични службеници наводно биле киднапирани од српските сили за време на патрола во градот Тресава - Баре, на граничната линија на северот на Косово. Селото се наоѓа во општина Лепосавиќ.
Според соопштението на косовската полиција, единицата врши патроли длабоко на територијата на Косово, со цел да се спречи користење на дивите патишта, за кои велат дека се користат од криминални групи за нелегално преминување и криумчарење.
Петковиќ: Уапсените биле длабоко на територијата на Србија
Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, на прес конференција изјави дека антитерористичката единица на Министерството за внатрешни работи на Србија открила и уапсила тројца припадници на косовската полиција.
Петковиќ рече дека полициските службеници Р.З., Б.С. и М.Ш. се наоѓале длабоко на територијата на Србија.
„Тие се уапсени во 12:38 часот длабоко на територијата на Србија во општина Рашка“, изјави Петковиќ.
Тој вели дека српските полицајци не стапнале на територијата на Косово, одговарајќи на тврдењата од Приштина дека нивните полицајци биле киднапирани. Тој прецизираше дека косовските полицајци биле вооружени.
Српската радио-телевизија (РТС) објави дека српскиот претседател Александар Вучиќ бил информиран за апсењето додека бил во руската амбасада, каде што присуствувал на приемот по повод Денот на Русија.
Курти: Киднапирањето на полицајци е чин на српска агресија
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека властите се сомневаат дека ова киднапирање е направено во знак на одмазда.
„Се сомневаме дека тие биле киднапирани од српската армија, јасно како одмазда на Србија за вчерашното апсење на озлогласениот криминалец Милун Миленковиќ, кој претставува еден од водачите на организираниот криминал и шверцот“, вели Курти.
Тој повика на итно ослободување на полицајците и ја повика меѓународната заедница да го осуди, како што рече, „актот на агресија на Србија“.
„Влегувањето на српските сили на територијата на Косово е агресија, а целта е ескалација и дестабилизација“, напиша тој на Фејсбук.
Курти вели дека полицајците патролирале по „нелегалната шверцерска рута“, која се наоѓа на околу 300 метри на територијата на Косово.
Што вели полицијата?
Полицијата соопшти дека оваа единица која ја сочинуваат тројца гранични службеници, забележала маскирани и вооружени лица и дека побарале помош, а кон нив се движеле и други полициски единици.
„По пристигнувањето на местото помошните единици го забележале само службениот автомобил, но не и полицајците кои биле на таа локација. Во правец на тоа место веднаш тргнале и другите полициски единици, а информирани се и други безбедносни институции, меѓу кои и КФОР, бидејќи сомнежите се дека полицајците ги однесе српски трупи“, се наведува во соопштението.
Министерот за внатрешни работи на Косово Џељал Свечла ја обвинува Србија дека „влегла на територијата на Косово и киднапирала тројца полицајци на Република Косово“.
„Нашите полицајци, без сомнение, се стационирани длабоко на територијата на Република Косово, на статичен контролен пункт, каде што извршуваа редовни задачи“, напиша тој на Фејсбук.
Тој побара од меѓународната заедница „веднаш да го зголеми притисокот врз Србија не само да ги ослободи нашите полицајци, туку и да престане со провокациите“.
Информациите доаѓаат во време на зголемени тензии на северот на Косово. Во општините населени со мнозинско српско население, граѓаните од 26 мај протестираат против новоизбраните албански градоначалници.
Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, не учествуваше на претходните избори кои се одржаа во април.