Ред се чека за вакцина против голема кашлица во поликлиниката „Идадија“ во центарот на Скопје, пет дена откако Комисијата за заразни болести препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје и невакцинираните деца да не се примаат во градинка.
„Од утрово вакциниравме 56 деца со вакцина ДиТеПер. Во петокот сме имале 67. Претходно вакциниравме просечно по 20 деца дневно, што кажува дека интересот е тројно зголемен“, вели д-р Сирма Кировска од вакциналниот пункт во „Идадија“ за Радио Слободна Европа.
ДиТеПер е комбинирана вакцина која штити од бактерии предизвикувачи на три различни болести - дифтерија, тетанус и пертусис (голема кашлица). Вакцина и ревакцина се става на 2,4,6 и 18 месеци и на 7 години.
Во скопските вакцинални пунктови се вакцинираат и бебиња до една година, но и поголеми деца од три и повеќе години, кои не биле вакцинирани според редовниот календар на имунизација. Д-р Кировска вели дека главно, станува збор за претшколски деца.
Видете и ова: Нови случаи на голема кашлица, најголем дел од заразените од СкопјеРодители што ги затекнавме во вакционалниот пункт велат дека тука гужвата е помала отколку во поликлиниката „Јане Сандански“, каде чекањето е по повеќе од еден час. Оваа поликлиника е во општината Аеродром, која пак е една од општините со најнизок степен на вакцинација на децата според Министерството за здравство.
„Од градинка ни бараат потврда дека детето е комплетно вакцинирано со ДиТеПер. Имавме одложувања затоа што се разболуваше. Тука сум за да го проверат вакциналниот картон и да се информирам кои вакцини не сме ги ставиле. Многу луѓе прашуваат, добро е да има некој отворен шалтер, или можност за онлајн консултација, за да не се прават вакви редици“, ни изјави скопјанката Магдалена Радева.
Видете и ова: Меџити ги повика родителите да ги вакцинираат децатаПрепораката да не се примаат невакцинирани деца од голема кашлица во градинките е она што ги мотивирало родителите да побрзаат да ја стават вакцината
„Детето сите вакцини редовно ги примаше, се додека тргна во градинка. На 18 месеци требаше да ја ставиме ревакцината ДиТеПер, но откако оди во градинка не може да спои две недели да е здрав, без да закачи некоја бактерија. Откако се појавија случаите со голема кашлица решивме да го чуваме дома за да биде здрав и да го вакцинираме, среќа што тука се бабите и дедовците да помогнат. Од контактите со другите родители во градинка тоа е и најголем проблем на повеќето што не успеале да ги вакцинираат навреме, нема кој да им ги чува децата за да бидат здрави и да може да ја примат вакцината“, вели скопјанецот Александар, татко на дете од година и пол.
До 8 февруари, Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) регистрира вкупно 22 случаи на голема кашлица. Тоа е повеќе од двојно зголемување на бројот на заболени, во однос на минатиот петгодишен период (2019-2022 година) кога се регистрирани вкупно девет случаи.
Најголем број од заболените, 16 лица, се од Скопје. Три лица се од Куманово, двајца од Гостивар и еден од тетовското село Боговиње.
Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години.
Првиот пријавен случај на голема кашлица во Северна Македонија беше на 5 јануари. Потоа, за само седум дена беа пријавени 11 нови случаи.
Според Извештајот на Институтот за јавно здравје за 2022 година, вкупно 3.322 деца не се вакцинирани со третата доза вакцина против голема кашлица, што значи дека не се целосно имунизирани. Тоа е последниот извештај на Институтот, бидејќи податоците за 2023 допрва ќе се сумираат.
Најголем број (1368 невакцинирани деца) се од Скопје, по што следува Куманово (910 невакцинирани деца).
Видете и ова: УНИЦЕФ: 67 милиони деца без рутински вакцини во пандемијатаСо оглед на порастот на бројот на заболени, Комисијата за заразни болести на 7 февруари препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје.
Сега веќе поранешниот министер за здравство, Фатмир Меџити најави дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија, но во меѓувреме, пред два дена беше разрешен од функцијата поради расколот во неговата партија Алијанса за Албанците.
Нов министер се избира на денешната седница на Собранието.
Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.