Од почетокот на оваа година регистрирани се вкупно седум лица со голема кашлица, а последните два случаи се бебиња од два до два и пол месеци, изјави за РСЕ портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.
Мехмедовиќ додава и дека од овие седум случаи има и еден случај на возрасно лице со голема кашлица, кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Бебињата заболени со голема кашлица или претусис не биле лекувани во болница.
Како резултат на овие случаи со големата кашлица, како и случувањата со грипот, Комисијата за заразни болести, следната среда, ќе одржи седница на која ќе бидат разгледани токму овие состојби.
Големата кашлица се појави во земјава кон почетокот на јануари, а најпрво беа регистрирани два случаи – лице од Кичево со голема кашлица дојдено од странство и шестмесечно бебе од Скопје.
И двете лица не беа вакцинирани, а докторите тврдат дека најдобра заштита се создава со ДиТеПер, комбинирана вакцина која штити од бактерии предизвикувачи на три различни болести – дифтерија тетанус и пертусис.
Докторите велат дека големата кашлица може да се превенира со вакцинацијата која е во три дози, на возраст од 2, 4 и 6 месеци, како што и било случај и досега, па со години оваа болест не се појавуваше.
„Ризикот за стекнување на болест и појава на компликации е најголем кај новороденчињата и кај малите деца кои не се вакцинирани. Во средини со висок опфат на вакцинација, пертусисот може да се јави и кај адолесценти и возрасни лица заради слабеење на имунитетот“, изјави за РСЕ проф д-р Кристина Ставридис од Институтот за јавно здравје.
Според последните податоци, во Северна Македонија опфатот за примарна вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – против жолтица или хепатитис Б (ХепБ), за вакцината против грип или хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), тројната против дифтерија, тетанус и пертусис ( ДиТеПер) и МРП вакцината против морбили, како и против хуман папилома вирусот (ХПВ), која бележи најнизок опфат од сите вакцини.
За да има колективен имунитет, над 95 отсто од населението треба да е вакцинирано. Во моментов, според др- Ставридис, опфатот е под 85 % со првата доза, а за првата ревакцина е 69 %.
Состојбата со големата кашлица алармантна и во Србија
Со загриженост во земјава се следи состојбата во соседна Србија каде што е прогласена епидемиоја на голема кашлица. Во текот на цел јануари пријавени се 253 случаи со пертусис, бактеријата која ја предизвикува големата кашлица, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ Батут“, откако беше објавено дека како последица на оваа болест починале четири деца на Институтот за мајки и деца „Др. Вукан Чупиќ“ во Белград.
Според информациите на Институтот, во Србија меѓу починатите од голема кашлица е и бебе од три месеци кое не било вакцинирано.
Во здравствените домови ширум Србија во јануари пристигна и упатство составено од Институтот „Батут“, а со кое се повикуваат родителите да ги вакцинираат децата. Оваа вакцина ја примаат бебињата со наполнети два месеца.
Минатата недела две жртви од грип, а шестмина заболеле и од грип и од ковид
Во Северна македонија се шири и сезонскиот грип, а веќе има и смртни случаи. Во текот на последната недела од јануари од грип во земјава починале две лица, а регистрирани се 1.834 нови случаи, според најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Тоа претставува зголемување за 9,5 проценти во споредба со претходната недела кога имало 1.675 заболени.
Најголемиот дел од заболените во текот на последната недела од јануари се на возраст од 15 до 64 години – вкупно 982 лица, додека помал број на заболени се регистрирани кај старосната група над 65 години – 254 лица.
Речиси иста инциденца неделава е забележана и кај децата на возраст од 0 до 4 години, каде биле регистрирани 256 случаи со грип.
Иако според податоците на ИЈЗ најголем број на заболени од грип минатата недела се пријавени во Скопје – 238 лица, сепак како нови жаришта во последните денови од јануари се евидентирани Ресен, Кавдарци и Кратово. Овие бројки се добиени само од заболените кои побарале лекарска помош и биле пријавени, но се претпоставува дека вистинската бројка на заразени од грип е поголема.
Двете лица пак кои починале од грип во последната недела од јануари се лица на возраст од 20 и 36 години од Скопје и Демир Хисар.
Од ИЈЗ додаваат дека кај починатите лица е утврдено и присуство на коморбидитети, а тие не биле ниту вакцинирани со вакцината против сезонски грип. Досега во земјава оваа зима евидентирани се вкупно осум смртни случаи од грип.
Институтот наведува и дека во текот на минатата недела лабораториски биле тестирани 999 примероци на лица кои се жалеле на симптоми слични на грип и на Ковид-19, а од нив 160 биле позитивни на грип, додека 34 лица биле позитивни на коронавирусот.
Кај шест пациенти пациенти пак истовремено бил регистриран и грип и ковид-19.
Меѓу другото, во извештајот на ИЈЗ стои и дека биле регистрирани и 133 позитивни случаи на респираторен синцицијален вирус (РСВ) и 10 други респираторни вируси.
Матичните лекари смируваат - ситуацијата со грип не е драматична
Иако бројките на заболени од грип и други вируси од недела во недела постојано се во пораст, Мехмедовиќ уверува дека овие бројки не отстапуваат од просекот.
„Зголемувањето на процентот на заболени од грип во однос на последните 13 години на случаите регистрирани во четвртата недела од месец јануари е за само седум проценти, што уште еднаш укажува на тоа дека одговара на стандардната крива за грип во изминативе 13 години“, вели Мехмедовиќ, додавајќи дека пикот сезонава се очекува да се случи кон крајот на февруари и почетокот на месец март.
Претседателот на здружението на приватни лекари, матичната докторка Лилија Чолакова Дервишова, за РСЕ вели дека кај неа нема голем број на пациенти кои се јавуваат со грип, повеќе вели станува збор за пациенти со одредени вируси и настинки за кои се знае причинителот.
„Нормално е тоа во овој период, бидејќи имаме минусни температури и секој што нема соодветно да се облече може да се разболи, но секако од имунитетот зависи дали ќе се развие во некоја супер инфекција или нема. Но, во моментот не се случува ништо страшно“, објаснува Чолакова.
И матичната докторка од Скопје Ирена Витановска вели дека со грипот не се случува „ништо драматично“, а таа посочува и дека кај неа воопшто немало пациенти со инфлуенца.
„Имаше пациенти со некој вид на вирус кој ќе го идентификуваме, ќе имаат пациентите симптоми еден или два дена и потоа ќе им помине“, вели Витановска.
Пред појавата на сезонски грип, во октормви, почна вакцинацијата и досега, според министерот за здравство Фатмир Меџити, оваа вакцина против грип ја примиле над 61.000 граѓани.