Разногласие во Влада - од прелажани до непослушни министри

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија, Крешник Бектеши, 16 март 2023 година

Не запираат министерските препукувања поврзани со концесијата за рудникот „Иловица - Штука“. Ваквите јавни спротивставувања на функционери во владина коалиција за експертската јавност не се непознати, но, велат дека создаваат хаотичен имиџ за Владата и влеваат несигурност кај граѓаните.

Дека државните институции претставувани од политичарите носат одлуки водејќи се од „гласот на народот“ важи за флоскула која честопати се слуша во јавниот дискурс. Такви пораки пост фестум упатија и премиерот Димитар Ковачевски и дел од министрите во Влада, по граѓанскиот протест против владиното спојување на концесиите за „Иловица – Штука“ и новата неизвесност за иднината на потенцијалниот рудник.

Токму по оваа владина одлука, која го доби епитетот на „затскриена“ од јавноста, се редеа и функционерските изјави кои го изнесоа на површина и разногласието во владиниот состав. Министри контра министри, жестока јавна полемика и меѓусебни обвинувања за изиграност, но, и министерска непослушност.

Министерката за животна средина, Каја Шукова, прва го изнесе нејзиниот личен став дека таа е против отворање на рудници во државата и присуствуваше на организираниот протест против „Иловица-Штука“. Друштво и правеше и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која потоа изјави дека Владата ќе ја преиспита одлуката за спојување на концесиите.

Видете и ова: Струмичани на протест поради Иловица, како што го нарекоа, „рудникот на смртта“

Шукова е една од трите министерки, покрај министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и Славјанка Петровска, кои народски кажано, наводно биле „пренесени жедни преку вода“ од министерот за економија, Крешник Бектеши. Сите три беа на ставот дека одлуката за спојување на концесиите била дополнителна точка на владина седница на предлог на Бектеши, а министрите сите гласале „за“ бидејќи Министерството за економија презентирало документ во кој се тврдело дека Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите.

Но, премиерот Ковачевски не одговори директно дали се чувствува изигран од Бектеши и најави дека на првата владина седница министерот за економија ќе реферира за целиот предмет за рудникот кој датира од 2012 година. Прво пред владата, а потоа пред медиумите.

Но, не само што Бектеши не се појави на владината седница, бидејќи беше на службено патување во Соединетите Американски Држави, момент што Владата го изуми, туку и откако се врати, постапи своеволно. Прво закажа средба со новинарите, а тој доби задолжение да реферира за случајот на следната владина седница.

Видете и ова: Бектеши: Уште 100 пати да се бара од нас, исто толку пати би одлучиле идентично за Иловица

„Не успеав да се слушнам со колегите, но целосно ги отфрлам сите тврдења кои деновиве ги видов во медиумите. Во сите документи имаа увид преку системот е-влада, ден претходно. Со никој од нив не сум во нарушени односи и во вторник на седница се ќе им презентирам, и додатно ќе им ја доставам хронологијата за тоа како е дојдено до концесии“ изјави министерот Бектеши на 19 јули.

Новинарите бараат, Владата не дава детали од седницата

„Радио Слободна Европа“ побара, но, не доби одговор од Владата што ќе преземе премиерот за постапката на Бектеши и непочитувањето на ставот на Ковачевски? Владин одговор нема ниту на прашањето поврзано со тврдењата на Бектеши дека материјалите за случајот со концесијата, министрите ги имале еден ден пред владината седница.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, со кое раководи министерката Каја Шукова, сепак остануваат на ставот дека немале увид во материјалите пред почетокот на седницата.

„Системот функционира на начин што кога ќе се стави дополнителна точка на седница на Владата, истата се појавува во системот пред министрите оној момент кога ќе се усвои дневниот ред на самата седница. Ниеден ресор нема увид во материјалите се додека не се усвои дневниот ред, освен во случај кога е побарано мислење од одреден ресор. Во овој слулај мислење од други ресори вклучително и од Министерството за животна средина и просторно планирање не е побарано. Сметаме дека вакви точки не треба да бидат ставени како дополнителни точки на владини седници, бидејќи истите бараат повеќе време за разгледување и дискусија од сите засегнати сектори“, велат од министерството за РСЕ.

Видете и ова: Владината одлука за спојување на концесиите за Иловица може да се поништи

За начинот на кој се водела и што се разговарало на владината седница на 27 јуни, на која е усвоена одлуката за спојување на двете концесии во една за рудникот „Иловица - Штука“, новинарите бараат, но, не добиваат повеќе детали од Владата. Осуда за ваквиот однос денеска дојде од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), за како што го нарекува игнорантскиот однос на Секторот за односи со јавноста и на Генералниот секретаријат на Владата кон медиумите.

„Наместо одговор, од Канцеларијата на портпаролот на Владата до јавноста се споделува оправдување дека согласно член 94 став 6 од Деловникот за работа на Владата, тие не можат да достават извадоци од стенограмот. Со цел да не се остави впечаток дека оваа постапка од страна на Владата е обид да скријат информации кои се од особена важност за јавноста, ЗНМ бара тие итно да бидат ставени на увид на новинарите, а преку нив и на сите граѓани. Покрај ова, ЗНМ забележува и на сериозно отстапување на Владата во областа на транспарентноста имајќи предвид дека официјалната веб страница во делот за записници од владините седници не е ажурирана повеќе од два месеци“, се вели во реакцијата на здружението.

Незири: Хаотичен имиџ на Владата

Според политичкиот аналитичар Џелал Незири, односите меѓу владините коалициони партнери СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, функционираат како три засебни, а не заеднички во една Влада. За Незири, последните случувања со концесијата за „Иловица - Штука“, но, и критиките од коалициониот партнер Алијанса за Албанците кон владините политики се показател на немање синергија помеѓу партнерите во коалицијата, што ја прави премногу заснована на интереси на политичките партии, а не на заеднички вредности и начела или општ интерес на граѓаните.

„И во самите политички партии има несогласувања и судири, камоли во коалиции кои се дел од Владата кои имаат моќ содржат во себе различни политички и бизнис интереси. Мислам дека лошо се одразува врз владините партии за кои се очекува да делуваат како проевропски фронт кој би промовирал други вредности и политики во однос на тоа каде треба да оди државата. Овој хаотичен имиџ кој Владата го има во моментов најмногу и одговара на опозицијата. Ваквите поделби во владината коалиција не придонесуваат кон реализирање на владината програма“, вели Незири.

Видете и ова: Алијанса со над 30-тина директорски места - една богата фирма и претежно загубари

Но, вакви политички спротивставувања, според Незири, се случувале и претходно и не се непознати во политичкото делување. Смета дека се нормални ако се има предвид дека државата наближува кон парламентарни и претседателски избори.

Критики за владините политики неретко доаѓаат и од коалициониот партнер Алијанса за Албанците. На 16 јули, лидерот на партијата, Арбен Таравари изрази несогласување со ставот на премиерот Ковачевски дека е светла иднината на „Отворен Балкан“, оградувајќи се од секоја нова иницијатива на Владата во рамките на „Отворен Балкан“. Со излегувањето на Албанија од оваа иницијатива, тој ја нарече „бесмислена и нелегитимна“.