Марија Ралева, од Универзитетската клиника за психијатрија и професорка на Медицинскиот факултет, веќе една година е во пензија. Таа е еден од докторите на кои здравствените власти во 2022 година(кога министер беше Беким Сали) им го одбија барањето да им се продолжи работниот однос до 67 години возраст. За неа ова е завршена приказна. Кога отиде во пензија, Ралева имаше околу 40 години стаж во здравството.
Нејзина колешка се уште води судска постапка за да докаже дека Министерството за здравство го прекршило законот кога не ѝ дозволило да работи до 67 години.
„До последен момент никој од нас кои поднесовме барања, не знаеше дали ќе добиеме продолжување. Потоа добив решение да работам уште една година. Сето тоа беше многу понижувачки и веќе не побарав продолжување. Имам колеги, на кои директорот на клиниката не им дозволи да продолжат со работа, па не ни стигнаа до министерот“, вели докторка специјалист и професорка на Медицински факултет, која сакаше да остане анонимна.
Други поднесуваа претставки до Народен правобранител. На некои клиники, како Клиниката за кардиологија и Стоматолошкиот факултет, лекари беа пратени во пензија, па потоа вратени на работа уште извесно време.
„Постапувавме по три претставки. За жал, министерот за здравство, со таканареченото дискрециско право, одлучил да ги пензионира. Согласно информациите, ваквата практика се користи за селективно пензионирање, без соодветно образложение. Сметам дека законот треба да претрпи измени и да се ограничи дискрециското право на министерот за здравство за вакви случаи“, изјави Јован Андоновски, заменик-народен правобранител, за РСЕ.
Само едно од овие три лица успело да ја добие правната битка.
Видете и ова: Јавното здравство во принудна пензијаСпоред податоците од Синдикатот на Клинички центар, на околу 180 вработени само на скопските Клиники не им беше да дозволено да работат до 67 години, во периодот 2022-2023 година, само поради тоа што министерот им ги одбил барањата.
Во меѓувреме, клиниките немаат доволно кадар, младите лекари бегаат во странство, а специјалистите во пензија што се способни да работат, продолжуваат во приватно здравство.
Предлог - работата до 67 години да не зависи од министерот
Сега, доктор кој сака да продолжи да работи по пензионирањето, треба да поднесе барање до директорот на институцијата во која работи и до министерот за здравство. Министерот по свое уверување одлучува на кого ќе му го одобри барањето.
Од Министерството за здравство не добивме одговор колку вкупно барање се поднесени до клиниките за работа до 67 години од 2022 досега и колку од нив се одобрени или одбиени.
Поради ваквата ситуација, до Собранието е поднесен предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, со кој се овозможува здравствените работници кои сакаат да продолжат да работат до 67 години, по автоматизам да го добијат тоа право.
Предлогот е на Мартин Костовски и Соња Михаиловска, пратеници од СДСМ.
„Ова е предлог кој треба да ги опфати сите лекари во државата, од сите болници, не само специјалистите или професорите. Мотив да го поднесеме до Собранието е дефицитот на лекари и намерата да се избегне субјективизам при одлучувањето на кого да му се дозволи да работи до 67 години. Решението е во тоа да не одлучува министерот, туку директорот на институцијата да е обврзан да го продолжи вработувањето на докторот кој сака да остане на работното место и по пензионирање“, вели Костовски за РСЕ.
Според него, само во општата болница во Куманово, регионот од каде беше избран за пратеник, девет специјалисти побарале да работат и после пензија.
Видете и ова: Демири: Во предизборие нема промени во здравствениот системСобраниската Комисија за здравство минатата недела (12.3) го прифати предлогот на законот, но постапката е блокирана поради амандмани од партијата „Левица“. Костовски очекува блокадата да се надмине и процедурата да продолжи процедурата.
Според Лекарската комора, продолженото ангажирање на докторите е поволно и обезбедува подостапни здравствени услуги за пацентите.
„Станува збор се искусни доктори чие богато знаење од праксата е клучно и многу важно и за поквалитетна обука на младите лекари кои допрва почнуваат да ја градат својата професионална кариера. Тоа што со новите законски измени кое се во собраниска процедура не се бара децидна согласност од директорот и министерот за здравство за продолжување на работниот однос до 67 години, сметаме дека е добро решение бидејќи така ќе се исклучи субјективниот момент во одлучувањето“, велат од комората за РСЕ.
Уште 214 лекари ќе наполнат 67 години до крајот на 2024
Според Регистарот на лиценци во Лекарската комора, во Северна Македонија има околу 9.400 доктори кои имаат активна лиценца за работа. Вкупно 214 лекари од нив ќе наполнат по 67 години до крајот на 2024 година.
Тоа значи дека нема да можат да работат во јавното здравство, бидејќи ќе ја дистигнат горната граница до кога може да се продолжува вработувањето. Колкумина од нив ќе продолжат во приватните болници - немаат обврска да ја известат Комората.
Речиси нема болница или клиника која има лекари и сестри колку што ѝ требаат - сите кубурат со кадар.
„Недостиг постои во одредени специјалности, но поголем проблем е што кадарот кој е расположлив не е рамномерно распределен во целата држава, туку е сконцентриран во Скопје. Доколку се креираат решенија кои ќе овозможат подобра дистрибуција на докторите спрема потребите на регионалните болници и пациентите тогаш би имале многу подостапни здравствени услуги“, велат од комората.
Видете и ова: Работа и по пензија, синдикатите против, власта молчиСпоред податоците од Синдикатот на Клинички центар, пак, од 450 лекари кои годишно добиваат лиценци за работа од комората, 430 земаат дипломи за странски јазик, што е показател дека заминуват да работат во други држави.
„Не може некои лекари што се експерти во својата област и останале во јавно здравство, да ги пуштате да заминат, а местата да се полнат со партиски кадри. Станува збор за специјалисти со долгогодишен стаж, кои сакаат да работат и од кои бенефит имаат и пациентите и здравството во целост. Затоа, ако се донесе одлука работното место полсе годините за пензија да не зависи од потписот на министерот, тоа е за поздравување“, вели д-р Предраг Серафимовски, претседател на Синдикатот на Клинички центар.
Во извештаите на Европската Комисија за Северна Македонија, во делот на здравството, редовно се нотира дека пристапот до лекари специјалисти во јавните здравствени установи е проблематичен, дека здравството се соочува со загуби на медицинскиот персонал особено лекарите специјалисти кои или преминуваат во приватните здравствени установи или заминуваат во странство.