Достапни линкови

Д-р Зекири: Ние немаме здравствен систем, имаме здравствена анархија


Д-р Орхан Зекири
Д-р Орхан Зекири

Д-р Орхан Зекири, педијатар со 35 годишно работно искуство и началник на детското одделение во охридската болница, кое се соочува со недостиг од лекари во интервју за Радио Слободна Европа вели дека комплетниот здравствен систем треба да се менува од корен.

Одделот за лекување деца во охридската болница веќе со месеци врши само прегледи, не и хоспитализација бидејќи се соочува со недостиг од лекари. Во моментов има само двајца педијатри од кои едниот веќе следната година ќе се пензионира. Здравствените власти најавуваат решенија, но тие се на долг рок, прашањето што се поставува е што во меѓувреме? Кој ќе ги лекува децата?

Д-р Орхан Зекири, началник на одделот со 35 годишно работно искуство и самиот има уште неколку години до пензија. Во интервју за Радио Слободна Европа, д-р Зекири говори за состојбите во здравството, но дава и лично видување за слабостите во системот.

Охридската болница со години наназад се соочува со недостиг од лекари, како функционира во моментов одделението за педијатрија и колку лекари има?

„Во моментов имаме двајца педијатри и имаме две специјализантки кои секој ден очекуваат повик да тргнат на специјализација. Тие ни се од голема помош во моментот, но наскоро ќе заминат и ќе останеме само двајца“.

Д-р Зекири: Треба нешто од корен да се менува во овој систем
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:57 0:00
Директен линк


Како ќе функционира одделот со само двајца лекари?

„Па како и досега. Ние уште тогаш најавивме дека ќе работиме амбулантски, од 08 часот наутро до 08 навечер, со тоа што на наша желба покриваме и саботи и недели бидејќи имаме многу деца кои што примаат инфузии и не е во ред да ги пуштаме во сабота и недела да патуваат за Струга. Значи во моментов функционираме 24/7 без дежруства“.

Значи деца не се хоспитализираат?

„Нема хоспитализација затоа што немаме кој да ги гледа децата навечер. Нема хоспитализација туку примаат инфузиона терапија на дневна болница. Работиме прегледи, иследувања, се она што се работи во секундарна заштита, освен третман со лежечки болни“.

Како оваа состојба се одразува и лично на вас како лекар, но и на пациентите?

„За мене и за мојата колешка навистина е прилично тешко. Имаме по 84 дена неискористен годишен одмор во последните три години. Немаме право на годишен одмор, немаме право ниту на боледување. Еве колешката скоро имаше смртен случај во семејството, па од работа излезе да оди на погреб. Мачно е, но тоа е тоа“.

Како продолжувате да работите и покрај ваквите состојби?

„Да не делуваме демагошки, љубовта кон децата или љубовта кон професијата, ние сме професионалци, сме ја одбрале таа работа и ќе ја работиме додека можеме, иако верувајте дека во овој момент работиме повеќе отколку што можеме. Мојата колешка за неколку месеци заминува во пензија така што ќе останам јас сам. Имаме специјализанти од кои што најбрзо една специјализантка која што ќе дојде е за две и пол години. Како ќе биде наредниве години никој не знае“.


Има ли најави за некакви решенија?

„Директорот се труди преку министерството за здравство, преку клиника за детски болести, но секаде е ситуацијата е лоша така што искрено да ви кажам не знам како ќе биде, но драстично подобрување за нас како лекари нема. Сега нешто почна да се работи да се праќаат на специјализација, да се обидува да се среди но ова требаше да почне пред 15 години. Ова требаше да се направи по математички систем. Требаше да има служба која ќе ја следи возраста на докторите, па да види кога некој ќе се ближи до пензија да одма се пополни тоа место со специјализант, кој во моментот кога докторот ќе замине во пензија, тој ќе биде во здравствениот систем. Јас кога се вработив на времето бевме 8-9 педијатри и тогашниот директор го осети сенсот па ние добиме тогаш шест специјализации по педијатрија, а останавме девет души на одделение па некому му се чинеше дека сме многу, епа видете многу брзо врви времето, па ние останавме на двајца, а да се работеше како што треба на овој начин како што велам јас немаше да дојде до ваква ситуација. Јавното здравство нема шанси да покаже знаци на подобрување, се ова ќе биде на ниво на импровизации и на ниво на моментални можности“.

Колку деца покрива охридската болница?

„Во нормални услови ние го покривавме цел Ресен, доста пациенти имавме од струшките села, од Дебар, во летниот период комплетно сите туристи кои што доаѓаат во Охрид се под наша капа и плус оваа година ги имавме на лекување и децата бегалци од Авганистан кои што беа сместени во охридските центри така што беше многу мачно“.

Како се доведовме до оваа ситуација да немаме педијатри во државава, каде вие лично ги лоцирате причините ?

„Не би сакал да се даде политичка конотација, јас сум доктор 35 години и во овие 35 години сум работел и под различни партии и под различни националности и под различни министри и со различни идеолошки определби, но нашата идеолошка определба се деца, тие се деца на сите нас. Веројатно повеќе од дваесеттина години, ние немаме здравствен систем. И самите гледаме. Ние имаме една здравствена анархија. Имаме еден систем во кој како кој нов министер, власт ќе дојде, си надоградува нешто свое, но за жал на штета на пациентите и на штета на лекарите. Кога некој ќе излезе и јавно ќе каже дека се е ова грешно дека треба да се смени комплетниот здравствен систем во Македонија, дури тогаш македонското здравство ќе тргне напред инаку верувајте ми за неколку години Македонија повеќе не да ќе има лошо здравство, туку ќе нема здравство. Ние ќе тонеме се повеќе и повеќе. И тој систем на матични лекари ќе пропадне. Оксиморонот во македонското здравство е приватно и јавно здравство. И каде во светот сте чуле да има најбогати болници каде што се најплатените доктори да земаат пари од Фондот за здравство и што е најбитно тие болници тие пари што ги земаат од фондот ги користат да понудат високи палти на професорите од јавното здравство да се префрлат кај нив, никој не би отишол, малку се тие кои се водат од таква желба. “


Велите системот на матични лекари ќе крахира, зошто?

„Ако мене лично ме прашувате јас би го вратил стариот диспанзерски систем кој беше идеална работа. Значи си постои диспанзер каде што се примаат младите лекари. Во тој диспанзерски систем во диспанзерот за деца или за општи болести се примаат лекарите кои што оттука се препраќаат на калање на работа и по терени и по села и во рурални средини, ќе држат фабрички амбуланти и по потребите ќе се праќаат како секундарци во одделенијата каде што има потреба од специјализанти. Кај нас тоа се поремети тотално, кај нас секој она што сакаше тоа го доби и сега дојдовме до ситуација да во Охрид имаме 13 интернисти и 4 на специјализација, имаме 10 хирурзи и 4 на специјализација, а педијатар за 4 месеци ќе имаме еден. Каде што влезе овој систем на матично лекарство и мој термин секаде пропадна. А кажете ми сега што имаме ние од системот Мој термин кој сите го величеа. Имаме закажување на магнетна резонанца на болен од карцином во прв стадиум за пет месеци, па кој преживее ќе раскажува, тоа ли е системот Мој термин? Тој систем е функционален само за места каде што има хронично болни. Јас би дал совет не до здравствените власти туку до оние кои ги назначуваат здравствените власти, дека во организација на здравственитот систем мора да влезат луѓе кои што пак ќе го повторам оној збор кој мислам дека е адекватен кои што имаат „сенс“ за здравството, кои што поминале и низ амбуланти и низ операциони сали, тие го знаат здравството и тие знаат како треба да се организира.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG