Работодавачите бараат работници, а работниците повисоки плати

Илустрација, работници ..

За само една недела во земјава словенечки и македонски работодавци на саеми бараа вкупно 16 илјади работиници, додека во Агенцијата за вработување речиси 100 илјади бараат работа. На што се должи расчекорот во бројките, каков кадар се бара, а каков се нуди, се прашањата што се наметнуваат.

Речиси сто илјади луѓе се без работа, а македонските работодавачи мака мачат да најдат 11 илјади луѓе да вработат, покажуваат податоците на агенцијата за вработување. 40 годишниот машински инженер Васко од скопската населба Лисиче е еден од тие сто илјади невработени кој повеќе од една година бара работа во земјава.

Пред три години се врати во Скопје откако му заврши договорот за работа на нафтена платформа во Африка. Незадоволен од платата и понудата во земјава за вработување на машински инженери, вели дека решил да инвестира во образование, па се преквалификувал. Поминал година ипол курс во една од скопските фирми кои нудат обуки за ИТ секторот. Но, Васко вели дека откако го завршил курсот за тестирање на софтвери, сега има нов проблем.

„Не сум млад, затоа не сум вработен. Според македонските закони само луѓе до 36 години може да одат на пракса во фирма, за да можам да го практикувам наученото, по што ќе одлучи фирмата, дали ќе ме вработи или не. Со 40 години не можам да одам на пракса, треба веднаш да ме вработат, ама за веднаш да ме вработат ми треба искуство во тестирање на софвери, а тоа го немам. Нив им е подобро да земат прво практикант, па ако се вклопи во нивниот систем на работа да го вработат“, вели Васко.

Видете и ова: Првомајски протести - Ќебапче за работникот, бифтек за функционерите

Според него кризата во ИТ секторот дополнително ги прави компаниите внимателни при вработување на нови кандидати, и не ризикуваат со примање на повозрасни кандидати со платена пракса, бидејќи бараат луѓе со искуство. По една година потрага на работа во ИТ секторот, Васко одлучил да се врати на примарната професија и сега бара работа како машински инженер. Со месеци испраќа биографии по фирми, во потрагата по работа.

„Јас заглавив во ситуација во која сум преквалификуван, ама немам искуство за да ме вработат, не можам да работам работа под мојата диплома, ама немам искуство да почнам да работам работа како машински инженер, јас во Африка работев како техничар, не како машински инженер, и сега ако ме вработи некој како машински инженер ќе треба да почнувам од почеток, “ вели тој.

Инфографика - Број на невработени лица според образование со евиденција во Агенцијата за вработување на 31.10.2024

Статистиката покажува дека повеќе од половина од невработените луѓе се или без образование или со само завршено основно образование. Според анкетата на Агенцијата за вработување, на пазарот на трудот се бараат најмногу програмери и информатичари, машински инженери, економисти и правници како и продавачи, шенкери, келнери и готвачи, но и градежни работници, бравари и заварувачи.

Последниот податок од државниот завод за статистика покажува дека најголемиот проценти од слободните работни места се во секторот дејности со храна, услужни дејности и продажба, а потоа во јавната администрација и секторот одбрана.

Според анкетата на Агенцијата за вработување, работодавачите најмногу имаат потреба од луѓе кои би работеле во преработувачката индустрија, такви се потребни над седум илјади луѓе, а бараат и продавачи и возачи околу 1600 луѓе а бараат и стотици градежници и рудари.

Ако се погледнат активните огласи кои се објавуваат на Агенцијата за вработување, само од почетокот на декември се отворени огласи за вработување на над 500 наставници во основно и средно образование.

Во огласите се бараат 66 готвачи и 90 келнери. Од високо образовани профили огласи за вработување на разни видови инженери се 68, а за доктори и стоматолози 24. Другите огласи се однесуваат на магационери, комерцијалисти и продавачи.

Но, податоците од Агенцијата покажуваат дека без работа се и над шест илјади луѓе со високо образование од кои 543 се магистри и 18 доктори на науки.

Една од причините за расчекорот меѓу понудата и побарувачката на вештини на пазарот на трудот според Ангел Димитров од Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ) досега беше токму видот на образувани кадри што им се потребни на работодавачите.

„Но, сега веќе ни тоа не си го поставуваме како прашање, туку единственото прашање е како да дојдеме до работник, што ние ќе го обучиме, ќе го мотивираме само за да остане кај нас. Овде ни требаат реформи во образованието, да не се измислуваат студиски програми само за да се упишат студентите, туку она што му е потребно на стопанството“, вели Ангелов.

Видете и ова: Сивата економија ја чини државaта 700 милиони евра годишно

Од друга страна, дел од работниците тврдат дека ниските плати се причината зашто дел од невработените не прифаќаат вработување. 36 годишната жителка на Демир Хисар, која дипломирала психологија, вели дека не сака да работи во земјава, затоа што не може да најде работа која ќе биде платена повеќе од 500 евра.

„Не, сме соодветно платени, јас сум работела и за плата од 23 до 25 илјади денари, со тие пари треба да платиш трошоци за стан, превоз до работа, храна да си купиш и сметки, не ти остануваат пари за ништо друго, па не ми се живее само за сметки, а и за нив не ми се доволни“, вели таа.

Вели дека во изминативе години аплицирала на неколку места, но никаде не нашла плата поголема од 25 илјади денари. Тоа е само една причините поради која лани се нафатила да работи сезонска работа како собарка во хотел на хрватското приморје.

„Многу бев среќна што го направив тоа, никогаш не би се вратила на стариот начин на живот, заработував три пати повеќе од една просечна македонска месечна плата. Сега не размислувам да барам постојано вработување во земјава, си барам работа нешто додека да најдам за следната сезона некаде надвор“, додава таа.

Со парите што ги заштедила од работата во Хрватска вели скромно врзува крај со крај, ама нема дополнителни трошоци за да оди до работа.

Ангелов вели дека работодавачите не можат да нудат плати во земјава како хрватските хотели за готвачи и келнери, затоа што не ги наплаќаат собите што ги изнајмуваат по хрватскиот ценовник.

„Не можеме да даваме плати на ниво на Словенија, Германија па и Хрватска, нивото и структурата на стопанството диктира какви плати ќе се даваат, ние немаме високотехнолошки компании кои ќе продваат знаење, лиценци или инвестиции па да даваат огромни плати. Но, во секој случај, согласно моќта на стопанството платите растат“, вели Ангелов.

Тој смета дека од 2017 година па навака македонските плати растат побрзо од што расте брутодомашниот производ по жител и дека платата не е главната причина поради која младите не прифаќаат вработување во земјава.

Во последната анализа на Агенцијата за врбаотување, работодавачите навеле неколку причини поради кои се се соочуваат со потешкотии при обедзбедување на кадар:

  • недостаток на кандидати кои поседуваат практични знаења и вештини потребни за извршување на работните задачи во конкретното занимање;
  • недостаток на кандидати за вработување со соодветно работно искуство;
  • недостаток на кандидати со соодветно образование
  • недостаток на кандидати кои би прифатиле работа за понудената плата.

Една третина од невработените во земјава чекаат на списокот за работа повеќе од пет години, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување. Само 4 илјади луѓе успеале да најдат работа за помалку од еден месец, додека 11 илјади луѓе не чекале повеќе од пет месеци за вработување.

Според Ангелов, луѓето кои со години се на списоците за вработување, се дел од сивата економија.

„Ние не си ја знаеме вистинската состојба со вработените, јас сум сигурен дека голем дел од тие луѓе работат на црно, значи огромна сива економија, голем дел се надвор од државата, а ние ги водиме како невработени. Ништо не правиме за да го расчистиме тој список и да видиме со што располагаме како невработен кадар“, додава тој.

Според последната анализа на невладината Фајнанс тинг, 21 процент од работната сила е непријавена, а најголем дел од неа е во преработувачката индустрија. Следни на листата се градежниците и мајсторите, кои честопати работат непријавени.

Инфографика - Број на невработени лица според време на чекање за вработување евидентирани во Агенција за вработување до ноември 2024

Според возрасната структура, над 13 илјади од вкупниот број на невработени се луѓе над 60 години, додека на возраст од 50 до 60 години се заведени над 26 илјади луѓе. Тоа е една третина од заведените невработени луѓе. Вкупно 16 илјади млади од 20 до 30 години се заведени во Агенцијата како активни баратели на работа.

Агеницијата нуди и програми за едукацијата и обука на невработените, како и субвенционирање на вработувањето. Оттаму засега нема одговори со каков плод вродиле овие мерки, и за тоа дали е потребно некаква промена во мерките со цел намалување на невработеноста во земјава.

Во меѓувреме 40 годишниот Васко од Скопје и 36 годишната жена од Демир Хисар, ќе продолжат со својата потрага по работа која ќе одговара на нивните квалификации.