Активистите тврдат дека руските власти го попречуваат текот на најголемата река што се влева во Каспиското Море заради политички престиж и без оглед на влијанието врз животната средина.
Жителите на Казан, Русија, живеат 1000 километри северно од Каспиското Море, но тие се директни сведоци на човечките активности кои влијаат на тоа море. Овде реката Казанка се приклучува на Волга, најголемиот извор на вода во Каспиското Море, а тековите овде варираат.
Во септември 2023 година, Казанка беше со многу ниско ниво на вода што забави до протекување. Во октомври 2024 година пак имаше премногу вода.
Ова не е само поради времето.
„Целата Волга е регулирана“, вели Јулија Фаизрахмонова, активистка која го следела нивото на водата таму 10 години, додека не побегнала од Русија по почетокот на целосната инвазија на Украина во 2022 година.
„Постојат голем број акумулации со кои управува Федералната агенција за водни ресурси“, вели активистката Фаизрахмонова за татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Овие акумулации, како и низата брани долж Волга, долго време се поврзуваат со намалување на дотокот на вода во Каспиското Море, што пак придонесува за опаѓање на нивото на водата таму.
Видете и ова: Како Каспиското море стана бојно полеСпоред аналитичкиот сајт Каспиан Вестник, Волга сочинува 85 отсто од водата што се влева во Каспиското Море.
Руските власти признаа дека се манипулира со тековите, на пример за да се помогне во мрестење риби во областите каде што се произведува кавијар во регионот Астрахан во близина на каспиското крајбрежје - оставајќи ги местата како Казан со многу пониски нивоа на вода.
„Тие ја имаат највредната комерцијална риба, есетра, во регионот Астрахан. Но, се разбира, страда нашиот дел од Волга“, рече Фаизрахмонова.
Во октомври 2023 година, нивото на водата во акумулацијата Куибишев, јужно од Казан, беше на рекордно ниско ниво, според податоците објавени од хидроцентралата РусХидро.
Ова доведе до тоа шефовите на петте региони да апелираат до рускиот претседател Владимир Путин, и да побараат да се „стабилизира“ нивото на водата во Волга.
Претседателот на регионот Татарстан, Рустам Миниханов, на состанокот во Москва предупреди дека недостигот на вода предизвикува „социјални немири“.
Една година подоцна, ситуацијата беше обратна и нивото на водата беше превисоко.
Сепак, некои веруваат дека ова е политичка одлука која не е поврзана со жалбите, туку со желбата Казан да изгледа најдобро за странските лидери на самитот на БРИКС во Казан минатиот месец.
„Очигледно е дека е постигнат договор на федерално ниво со функционерите на Каспискиот регион за таков настан“, изјави еколошкиот активист Тимур Ескарајев за локалниот медиум Инказан.
Фаизрахмонова се согласува. Таа за РСЕ изјави дека во текот на годините на работа на Волга забележала корелација меѓу нивото на водата и престижните настани.
Една таква прилика беше Светското првенство во фудбал во 2018 година, кога Казан беше домаќин на неколку натпревари. Други укажуваат на други причини за високите нивоа на водата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Казанскиот биолог Антон Бортјаков изјави за Инказан дека тоа е комбинација од обилен снег во зима и зголемената поддршка за позицијата на Татарстан во владината комисија која го разгледуваше регулирањето на протокот на Волга.
Во секој случај, по самитот, е забележано дека нивото на водата повторно падна на почетокот на ноември, покажуваат официјалните податоци на кои се повикува невладината група.
РСЕ му пиша на Миниханов со прашање дали високиот водостој е поврзан со самитот на БРИКС, но до објавувањето на овој текст тој не добил одговор.
Руските власти ја класифицираа Радио Слободна Европа како „непожелна организација“.