„Вечниот“ страв дека некој прислушува

Илустрација

Прислушувањето и обвинувањата дека некој некого следел или ќе следи, повторно се актуелни на релација власт-опозиција. Граѓаните, пак, стравуваат дека некој постојано прислушува бидејќи најголемата афера со прислушување што СДСМ ја обелодени во 2016 поминува речиси неказнето, а натаму за контрола на следењето комуикации клучна улога игра и човечкиот фактор – дали вистинските луѓе се на вистински места, велат експерти за РСЕ.

Актуелната Влада најавува дека наскоро македонската јавност ќе се запознае со тоа што правела претходната околу прислушувањето. Додека опозициските Социјалдемократи обвинуваат за партизација на независното тело кое треба да прави надзор на следењето на комуникациите.

Законска легислатива и за следењето на комуникациите и за кривичен прогон на тие што го пратат тоа нелегално на хартија има, но поради тоа што за досегашните злоупотреби нема судски исходи и казни, граѓаните со право чувствуваат несигурност дека некој ги следи, смета универзитетскиот професор Башким Селмани.

„Нас ни пропадна целиот систем за прислушувањето и ден денес немаме податоци колку луѓе се казнети, кој злоупотребува и од каде … Не се решени таквите кривични дела, а ние како граѓани не знаеме точно кои се сторителите. Институциите се должни да обезбедат приватен и јавен живот во општеството, но денес никој не е сигурен во ништо – секој може да биде злоупотребен. Кога нема разрешница, а биле прислушувани и најголемите функционери во државата, никој не се чувствува безбеден што создава страв, паника и несигурност“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) Селмани, кој беше дел и од јавните собраниски дебати што се организираа пред шест години кога се правеа реформите и се носеа новите закони поврзани со следењето на комуникациите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Прислушувачите“ куртулија, уништената опрема сè уште во игра

Критикувајќи ја неказнивоста, тој алудира на аферата во 2016, кога СДСМ како опозициска партија почна да објавува прислушувани разговори нарекувајчи го тоа проект „Вистината за Македонија“. Од истрагата за тоа произлезе предметот „Таргет-Тврдина“ според кое обвинение, во прислушувањето нелегално биле таргетирани над 5.000 телефонски броеви, а опфатени биле над 20.000 граѓани.

По ова следуваше реформа во безбедносниот сектор, која во пракса значеше одземање на ингеренции за следење на комуникациите од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во рамки на МВР и формирање на Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Технички гледано, како што сега е поставен државниот систем, според поранешниот шеф на военото разузнавање и автор на законот за ОТА Владимир Пивоваров, злоупотреби не се можни. Како што објаснува, ОТА е таа која ги снима комуникациите откако за тоа добива налог од АНБ, која претходно добила наредба од обвинителството. ОТА нема технички услови да ги претвори снимените материјали во тон и да ги слуша туку ги проследува до Агенцијата за национална безбедност за понатамошна обработка. Иако злоупотребите вака делуваат невозможни, како што нагласува и Пивоваров, важна улога во сето ова игра човечкиот фактор.

Видете и ова: Правдата е бавна, но и незадоволена

Нема детали за обвинувањата за следење од минатата власт

Дека некој злоупотребувал и по најголемата афера што досега изби во земјава, сомнежи неколку пати досега во јавноста фрли премиерот Христијан Мицкоски.

„Се сеќавате на оној проект ’Вистината за Македонија‘? Ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаеле, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда. Тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи“, им рече премиерот Мицкоски на опозициските пратеници на последната седница во Собранието за пратенички прашања на 28 ноември.

Откако и претходно изнесуваше вакви сомнежи, тогаш тој рече дека „за многу скоро од денес“ ќе се види што е правено со безбедносните служби.

„За тоа што го зборува премиерот би било добро да излезе со конкретни докази како што изнесе, на пример, Заев. Тогаш никој не побара вештачење, сите си молчеа затоа што тие беа во разговорите“, вели Пивоваров.

За тоа дали Владата или премиерот за ваквите сомнежи пријавиле во обвинителството или МВР и дали имаат информација дека воопшто се води некаква постапка и во која фаза, од владината прес-служба одговорија со најава дека „навремено ќе ја информираат јавноста“.

„Генералните состојби го потврдуваат она што го говори премиерот Христијан Мицкоски. Доколку Јавното обвинителство и судството досега постапуваа по сите добиени претставки, немаше да појави потребата од целосна реформа и департизација на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. За сите дополнителни информации околу злоупотреба на безбедносните служби навремено ќе ја информираме јавноста. За жал, судско обвинителскиот систем во Македонија е катастрофален и тоа што е пример за заробено судство е денес практично македонското судство и обвинителство“, велат од Владата за РСЕ.

Видете и ова: За опозицијата скандал, властите уверуваат нема нелегално следење

Страв кој и како ќе контролира во иднина

Од друга страна, пак, на владина адреса секојдневно стигаат критики од Социјалдемократите дека Советот за граѓански надзор на следењето на комуникациите е пред „сериозна опасност да стане параван за нови злоупотреби“.

„Наместо да биде составено од компетентни и непартиски експерти, ВМРО-ДПМНЕ го претвора Советот во инструмент на партиска контрола на комуникации и прислушување. За претседател на Советот е предложен Илче Димовски – долгогодишен партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ. Илче е Претседател на УМС Битола и секретар на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Битола“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на последната прес-конференција.

Опозицијата обвинува и дека меѓу останатите предложени членови има поранешен претседател на Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен партиски функционер, а поради блискост до владејачката партија го спори и името на разрешениот врховен судија Стојанче Рибарев…

„Не знам зошто ниедна политичка партија не сака кога ќе дојде на власт за да ја спроведе демократијата. Тој граѓански совет е еден од контролните механизми. Факторот човек е најважна компонента, ако тој е компромитиран, а тие луѓе се од партија, знаеме како функционираат – водачот е прв, наредбата ја дава и до најниско ниво тоа мора да се спроведе. Значи потребни се само чесни луѓе. Ова ако помине вака како што се наведува нема никакви гаранции за злоупотреби на прислушувањето“, коментира Пивоваров.

Овој Совет, вклучувајќи го и претседателот, го сочинуваат седум члена, а иако беше предвиден со закон од пред околу пет години, во пракса не профункционира. Предлогот за неговиот состав изминативе денови помина на собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата и сега треба да се најде на финално гласање пленарна седница.

Видете и ова: Афера прислушување – обвинетите на слобода, државата ќе обесштетува?

„Таргет-Тврдина“ пред нова пресуда

Додека во Собранието се очекува политичарите да го изгласаат Советот, во Кривичниот суд, пак, наскоро се очекува пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“. Тој првично се однесуваше на нелегалното прислушување и на уништувањето опрема во УБК за следењето на комуникациите.

За случајот еднаш се донесе првостепена пресуда со која во февруари 2021 за 11 обвинети беа одредени вкупно 55 години затвор и 10 години условна казна. Меѓу нив беа и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој доби 12 години затвор, како и бегалците и поранешни вработени во УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски со по 15 години.

Видете и ова: „Големото уво“ остана неказнето

Меѓутоа, Апелацискиот суд Скопје во декември 2022 година ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење. Пратениците од минатиот состав во септември 2023 донесоа измени на Кривичниот законик кои опфатија и намалување на казните за злоупотреба на службената положба и овластувања и за злосторничко здружување. Тоа донесе застарување на бројни дела, меѓу кои на Мијалков и уште петмина, кои се гонеа во делот на прислушувањето.

Процесот практично продолжи само за уништувањето на опремата. На 27 ноември обвинителството даде заврши зборови, а на 10 декември тоа се очекува да го направи и одбраната, по што ќе се закаже и датум за изрекување на новата првостепена пресуда.