Прилив и одлив на етнички заедници на Балканот

На Балканот сеуште се кршат копја околу етничката припадност, пребројувањата, каде во која земја колку ги има. Во меѓувреме, владите како да не ги загрижува масовното иселување и заминувањето на Запад, особено на младите и образoвани кадри. Њузлетер 05.07.2024

И во Косово ќе се појави бугарска заедница?

Н.Н. од околината на Призрен, припадничка на босанската заедница, вели дека пред неколку години потпишала „документ“ со кој потврдува дека некој од нејзиното семејство има бугарско потекло, за да ја искористи можноста да студира во Бугарија.
„Тој документ го добив од наш човек од околното село“, вели оваа соговорничка на Косовскиот сервис на Радио Слободна Европа, која сакаше да остане анонимна.
Таа вели дека се согласила да го потпише документот „однапред подготвен“, со кој и е сменето потеклото, за да има корист од подобрите услови за студирање во Бугарија - земја членка на Европската Унија.
На прашањето дали е Бугарка, таа одговара:
„Се разбира дека не сум. Но, ако ова ми треба за да се запишам на факултет, зошто да не“?

Претставниците на босанските политички партии на Косово велат дека Бугарија преку одредени поединци од босанската заедница се обидува да создаде бугарска заедница.

Видете и ова: Бугарска заедница во Косово „во создавање“, институциите молчат

Во неколку случаи, во последните години, бугарските власти до косовските лидери доставиле барање за официјално прифаќање на бугарска заедница на Косово.
РСЕ се обрати до надлежните институции на Косово, вклучително и Претседателството, Владата и Министерството за надворешни работи, со прашање каков е нивниот став кога станува збор за постоењето на бугарската заедница на Косово и дали го разгледале барањето на Бугарија. Меѓутоа, до објавувањето на овој текст, ниту една од овие институции не реагираше.
Претставници на Агенцијата за статистика на Косово, за Радио Слободна Европа велат дека засега не можат да дадат официјални податоци од најновиот попис за бројот на граѓани кои се изјасниле како Бугари. Прелиминарните податоци за најважните показатели ќе бидат објавени на 12 јули.
Инаку, бугарското барање за признавање на бугарската заедница не е упатено само до Косово. Истото, претходно беше упатено и до Албанија, која во 2017 година законски го призна бугарското национално малцинство, додека на пописот на населението во 2023 година, бугарската заедница за првпат беше вклучена во податоците за малцинствата.
Според статистиката објавена на 28 јуни, 7057 лица во Албанија се изјасниле како Бугари по националност.
Во меѓувреме, бројот на граѓани од македонска националност е намален, од 5512 во 2011 година на 2281 сега.
Ова предизвика реакција на лидерот на партијата Унија на Македонците за европска интеграција, Васил Стерјовски, кој рече дека Бугарија им нуди пасоши на Македонците од Албанија во замена за тоа да се декларираат како Бугари.

Иселување и одлив на мозоци

И додека некои земји посветено се грижат за своите етнички заедници и во соседните земји, сите македонски влади досега не покажаа грижа ни за своите жители дома, без оглед на етничката припадност, а особено за младите и образувани кадри. Па, така, дојдовме дотаму Северна Македонија да биде во топ десет земји по бројот на иселување на населението во странство. Особено заминува квалификуван кадар, кој, според Светската банка, веќе 40 отсто е заминат од земјава. Ревизорите објавија дека државата нема ефикасни мерки против иселувањето, коe носи загуби од стотици милиони евра.

Видете и ова: Одливот на мозоци чини стотици милиони евра, државата спие

Иако, според ревизорите, државата не знае точно зошто се случува долгогодишниот „одлив на мозоци“ во странство, за младите причините за иселувањето се јасни: корупција, криминал, непотизам.
Со години од Северна Македонија заминуваат секаков тип на луѓе, но, особено е загрижувачка бројката од околу 2.500 високообразовани кадри кои се иселуваат на годишно ниво.
Вакви пресметки направија државните ревизори во извештај кој го работеле во април 2024 година.
Тие ја анализирале ефикасноста на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри. Заклучиле дека државата не знае конкретно какво образование имаат луѓето што заминуваат, колкава е нивната возраст, ниту причините поради кои се иселуваат во странство.

Видете и ова: Не бегаме за пари туку поради корупција и непотизам

Претседателот на Младинскиот образовен форум Ристо Савески вели дека бројките се само потврда на трендот на негрижа на државата и државните образовни институции за иднината на земјата, а тоа се младите.

Директори – „партиски професионалци“

Новата власт најави вработувања во јавната администрација врз основа на ефикасност, квалитет, образование и искуство, но, очекувањата на дел експерти и невладини организации се дека и сега работните позиции во јавниот сектор ќе бидат пополнети со „партиски војници“.
Според нив, партискиот клуч ќе биде применуван особено при именувањата на директори, заменици директори и секретари, како што се случуваше и во изминативе три децении.
Партиите постојано велат дека поддржуваат професионализација на јавниот сектор, но, со години не го донесоа Законот за висока раководна служба кој предлага избор на стручен кадар во агенциите и институциите низ транспарентни постапки.

Видете и ова: Прво се ставаат директори па се дебатира за професионализација

Законот го најавуваше минатата власт на СДСМ заедно со пакет од неколку други закони за реформа во јавниот сектор, но не го донесоа. Универзитетскиот професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје вели дека без законот за висока раководна служба и овој пат може да се очекува дека директори ќе бидат именувани по партиски клуч.
„Тоа го правеше и владата на СДСМ. Откако ќе изберат директори со мандат од четири години, потоа велат дека ќе го носат законот. Толку е демократијата. Овој закон беше дискутиран пред пет-шест години во Собрание“, вели Давитковски.
Но, не е проблем само дали има или нема закон, потребна е политичка волја за професионализација на државната администрација, а тоа не е забрането со ниеден закон.

Трошење пари за неискористени кредити

Десетици милиони евра годишно плаќа државата за камати и провизии кон меѓународните организации поради доцнење со градежните проекти и за неискористеност на грантовите и заемите, покажуваат неколку ревизорски извештаи. Само за автопатот Кичево-Охрид се платени 45 милиона евра за камати, плус 5,7 милиони евра провизија за неповлечени средства.

Видете и ова: Државата си плаќа „казни“ за непотрошени кредити

Од последните неколку ревизорски извештаи кои го следат работење на институциите се заклучува дека државата платила најмалку 26 милиони евра провизија за неповлечени пари од грантови и заеми. Од нив само за пет проекти во изминативе седум години платила 12 милиони евра.
За економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, од Институтот за економски истражувања во Виена, првата причина зошто државата е принудена да плаќа провизија за неискористени кредити за инфраструктурни проекти лежи во тоа што македонските власти во изминативе 30- тина години никогаш не ги сфаќале сериозно јавните инвестиции.
„ВМРО-ДПМНЕ земаше заеми и правеше проекти само за да си наместат провизии за нив. СДСМ потоа инвестициите ги сфаќаше само како средство за политички маркетинг. А ДУИ цело време гледаше само како да си наместат некој тендер и да украдат што е можно повеќе пари за експропријација на земјиште“, вели за РСЕ, Јовановиќ.

Трнлив пат до регистрирање ретка болест

Регистар за ретки болести има, буџетот за лекови се зголемува од година во година, Национална комисија има, но пациенти се жалат дека целиот систем некаде не функционира како што треба - па не можат да се регистрираат бидејќи процедурата е долга и нетранспарентна за нив.
Таков е примерот и со синот на скопјанецот Блаже Арсов, кој не очекувал дека битката со бирократијата ќе биде потешка од битката со самата болест.
„По 14 години лекување на Детска клиника, лани за првпат бевме регистрирани во Регистарот на ретки болести“, вели Арсов за Радио Слободна Европа.
Регистрацијата на ретка болест е битна за да се набават потребните специјални лекови кои треба да ги добијат тие пациенти.

Видете и ова: Регистар за ретки болести има, нема информации за пациентите

За да се регистрираат пациенти со ретки болести во Регистарот на Министерството за здравство, мора да ги пријави доктор специјалист од клиничкиот центар во Скопје. Никој друг нема надлежност тоа да го направи. Докторот мора да го презентира случајот пред комисијата за ретки болести, а претходно и стручен колегиум треба да се согласи за дијагнозата и за лекувањето. Но, многумина пациенти не можат да се справат со бирократијата, па чекаат со години.
Во Регистарот сега се регистрирани 888 пациенти. Само од 1 јануари се вклучени 56 пациенти. Преку Програмата за ретки болести за 2024 година, планирана е терапија за околу 360 пациенти од Регистарот, односно за помалку од половина од нив, покажуваат податоците од Министерството за здравство.

НАТО одбележува 75 годишнина со грижи за војната во Украина и изборите во Франција и САД

Лидерите на НАТО ќе се сретнат во Вашингтон од 9 до 11 јули. Војната во Украина повторно ќе доминира во дискусиите поради притисокот на организацијата да испрати повеќе оружје и да преземе поформална улога во помагањето на Украина. Но, изборите во Франција и потенцијалното враќање на власт на Доналд Трамп, исто така, ќе бидат во мислите на лидерите на земјите членки.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што ќе биде во фокусот на самитот на НАТО во Вашингтон?


Зошто бугарскиот претседател Радев не оди на самитот на НАТО?

На самитот на НАТО во Вашингтон, забележително отсутен, ќе биде претседателот на Бугарија, која е членка на НАТО од 2004 година. Румен Радев изјави дека не бил консултиран за документот што треба да биде презентиран на самитот во кој се наведува официјалниот став на Бугарија за војната на Русија против Украина и обврските на алијансата да му помогне на Киев. Наместо тоа, ќе присуствува само в.д. премиерот Димитар Главчев, наместо заедно со Радев како што беше планирано.
Радев (61), чија позиција е главно церемонијална, но нуди платформа за влијание врз јавното мислење, јасно стави до знаење дека не поддржува испраќање воена помош за Украина, тврдејќи дека таквата помош само го продолжува конфликтот. Оние кои се залагаат за таква поддршка, тој ги нарече „воинствени“.

Видете и ова: Зошто бугарскиот про-руски претседател го бојкотира самитот на НАТО?

Делијан Пеевски, лидер на либералното Движење за права и слободи (ДПС) и еден од погласните критичари на Радев, го нарече одбивањето „потврда дека позициите на Радев им служат на странски, а не на националните интереси и се подложни на зависности и врски со Истокот, спротивно од евроатлантските вредности и принципи“. (Пеевски е санкциониран од САД и Британија за наводна корупција.)
Други, пак, изразија олеснување што Радев нема да го придружува Главчев на самитот, поради загриженоста дека, поранешниот пилот на воздухопловните сили, би можел да го искористи собирот како платформа за да ги пренесе своите ставови наклонети кон Кремљ.
„За да се најде позитивно во целата слика, барем нема да имаме грижи дека Бугарија ќе има двосмислена позиција на средбата во Вашингтон“, вели Елена Поптодорова, поранешна бугарска амбасадорка во САД.

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org