Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков очекува одлука од Апелацискиот суд во Скопје дали предвреме со условен отпуст ќе биде пуштен на слобода од струшкиот затвор. Некогашната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева доби ослободителна пресуда за патните трошоци. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева ја отслужува седумгодишната затворска казна во Идризово, но од неодамна се вработи во адвокатската канцеларија на нејзиниот син – наутро излегува за да оди на работа и се враќа попладне.
Ова се дел од вестите од изминатата недела кои говорат за епилогот во дел од случаите што изминатата речиси една деценија ја брануваа јавноста, особено по формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во 2015 година.
СЈО ги покрена најголем дел од високопрофилните предмети за корупција и злоупотреба на службената положба и овластувања. Дел од нив како „Друмарина“ против Бонева завршија со ослободителна пресуда, дел застареа особено по измените во Кривичниот законик и намалување на казните за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба, дел се уште се во судска постапка, а помал дел завршија со правосилни затворски казни.
Видете и ова: Корупција ќе има се додека судовите не казнуваатСпоред Коалицијата „Сите за правично судење“ ако се земат предвид епилозите од случаите на СЈО, но и оние со висока корупција отворени од Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), дискутабилно е дали може да се зборува за задоволување на правдата во вистинска смисла на зборот особено поради завршниците кои ги добија предметите и долгите судски постапки.
„Важно е да се напомене дека и во оние малку предмети во кои беа изречени осудителни пресуди демонстрираа исклучително блага казнена политика која во практиката е повообичаена за полесни кривични дела. Ова за жал, е особено изразено во предметите во кои се инволвирани актуелни или поранешни високи државни функционери и политички експонирани лица, во кои како резултат на стореното кривично дело е прибавена голема имотна корист или пак е причинета штета од поголеми размери и слично“, велат од Коалицијата.
Затоа, според набљудувачите од оваа невладина организација, генералниот впечаток води кон тоа дека „имаме исклучително сериозен проблем во поглед на сеопфатен и ефикасен институционален одговор во сузбивањето и борбата со организираниот криминал и високата корупција“.
Зошто се чека многу за пресуда?
Набљудувачите го споделуваат впечатокот дека судските постапки од јавен интерес траат исклучително долго и нивните анализи покажуваат дека има предмети што траат и повеќе од пет години, а немаат пресуда.
„Причините поради кои овие постапки траат долго се повеќе и се однесуваат како на недоволни капацитети за темелно и детално спроведување на истрага, особено финансиска истрага која треба да го открие текот на нелегално стекнатата имотна корист. Притоа, тука не се мисли единствено на истрагите спроведени од страна на поранешното СЈО, туку и на неактивноста на обвинителствата што придонесе до формирање на СЈО, а потоа и неактивноста на обвинителствата со преземањето на истрагите започнати од СЈО“, посочуваат од „Сите за правично судење“.
Видете и ова: СЈО - разочарување или успех?Меѓу причините за долгите постапки, според невладината, се и тоа што во дел од предметите се среќаваат и невообичаено голем број на предложени докази, честото враќање на судењата на почеток поради промена на судечки совет или поради неодржување рочиште во рок од 90 дена, како и самото менаџирање од страна на судот.
На оваа листа на долги постапки е предметот „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности и беше еден од најобемните што произлегоа од СЈО. Дел од обвинетите признаа вина и добија казни, но за дел судењето се уште трае – повеќе од пет години.
Кратка листа на познати осуденици во затвор
Меѓу ретките актуелни или поранешни високи функционери, пак, кои отслужија затворска казна е поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Во случајот „Тенк“ таа беше осудена на четиригодишна затворска казна и во ноември лани беше пуштена со условен отпуст 11 месеци порано. Во затвор пред неа влезе и помошникот-министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој во истиот случај е осуден на четири години, а на пет за набавката на 300 возила во Министерството. Во „Идризово“ влезе и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески за случајот за изборни нерегуларност „Титаник“, каде тој призна вина и доби четири и пол години затвор.
На кратката листа на оние кои издржаа или издржуваат затворски казни изминатите години се и бизнисменот Сеад Кочан за „Труст“, како и Сашо Мијалков и Орце Камчев. Додека Мијалков очекува одлука дали ќе добие условен отпуст за „Империја“, бизнисменот Камчев искористувајќи го времето поминато во притвор и спојувањето на казните за „Империја“ и „Плацови на Водно“ заврши со отслужувањето и уште од ноември 2022 година е на слобода.
И Камчев и Мијалков со промена на адресите на живеење од Скопје во Охрид, за отслужување на казните се „чекираа“ во затворот во Струга каде е дозволено осудениците да се работно ангажирани и да излегуваат за да одат на работа, како и да користат викенди и годишен одмор.
Видете и ова: Мајката на Камчев, Сергеј Самсоненко и сопругата на „црната листа“ на САДНајзвучното име од поранешните функционери кои имаат правосилна затворска казна е поранешниот премиер Никола Груевски, меѓутоа, тој досега не одлежа ниту еден ден. Груевски избега во Унгарија во ноември 2018 година кога требаше да почне да ја издржува двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес. Во меѓувреме, тој беше правосилно осуден од една година и шест месеци затвор и во случајот „Насилство во Центар“ и на седум во „Плацови на Водно“. Против него се водат и други постапки, од кои дел, како што е предметот „Траекторија“ за кинеските автопатишта, застареа по измените на Кривичниот законик со кои беа намалени казните за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Се редат барања за надоместок на трошоци од државниот буџет
„Траекторија“, во кој покрај Груевски беа опфатени и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексминистерот Миле Јанакиески, е само еден од предметите кои застареа поради контроверзните измени на Кривичниот законик.
Само од случаите отворени од СЈО, според последните анализи на Коалицијата „Сите за правично судење“ застареле осум предмети. Меѓу нив е ТНТ за рушењето на „Космос“ каде меѓу обвинетите беа Груевски, Јанакиески и ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски. На оваа листа е и „Топлик“ за изградбата на „Сончев град“ каде Јанакиески беше првообвинет. Потоа, случајот „Моќник“ со кој беше опфатен пратеникот Антонијо Милошоски, како и „Дизајн“ за набавката на кинески автобуси за ЈСП каде Јанакиески призна вина, а на обвинителна клупа до застарувањето остана пратеникот Игор Јанушев. Застареа и случаите „Продуцент“ против ексминистерот за земјоделство Љупчо Димовски и новинарката Ивона Талевска, како и предметот „Пациент“ за злоупотреби со тендери за градежни активности во повеќе здравствени установи. Во случајот првично беше опфатен и Бујар Османи како поранешен министер за здравство, но против него постапката беше запрена уште пред подигање на обвинението бидејќи обвинителството сметаше дека кај него немало свест и волја за извршување на кривично дело.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И најважниот случај, кој во јавноста го нарекуваат и „мајка на сите предмети од СЈО“, со кодно име „Таргет-Тврдина“ застаре во делот за масовното нелегално прислушување за што меѓу обвинетите беше ексшефот на УБК Сашо Мијалков.
Застарувањето на предметите го отвори патот обвинетите и нивните адвокати да побараат од судот надоместок на трошоци. Според информациите на Радио Слободна Европа од Кривичниот суд, барања за утврдување трошоци има речиси во сите предмети што застареле. Процедурата предвидува дека секој адвокат односно обвинет поднесува барања, по што судот носи решение.
Досега, решение, кое се уште не е правосилно, е донесено само за предметот „Траекторија“ каде надоместок за трошоци побарале тројца обвинети за пет адвокати кои ги бранеле. Тие барале надомест во вкупен износ од 30.516.421 денари (речиси 500 000 евра), но судот само делумно им ги уважил барањата и досудил да им се исплатат трошоци од 8.636.377 денари (околу 140 000 евра).
Измените на кривичниот законик кои доведоа до застарување на дела беа донесени во септември лани. Намалувањето на казните за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања беше критикувано и од меѓународната заедница. Забелешки имаше и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата презентиран во ноември лани, а меѓу последните критики ги упати и меѓународната организација Транспаренси Интернешнл која наведе дека со нив Собранието го поткопало судството.