Достапни линкови

Корупција ќе има се додека судовите не казнуваат


Индекс на перцепција на корупцијата во Северна Македонија на Траспаренси Интернешенел
Индекс на перцепција на корупцијата во Северна Македонија на Траспаренси Интернешенел

Скокот од девет места не значи и реално подобрување на борбата со корупцијата. Според извештајот на Транспаренси Интернешнл, таа останува на високо ниво. Измените на Кривичниот се главната забелешка. Институциите остануваат глуви на критиките и препораките, според Транспаренси Интернешнл.

Северна Македонија е рангирана на 76. место од 180 држави во светот според Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година што традиционално го објавува меѓународната организација Транспаренси Интернешнл.

Земјава има освоено 42 бода на скалата во која нула значи дека една држава е многу корумпирана, а 100 – некорумпирана односно држава чиста од корупција.

Во споредба со извештајот за 2022 година, Северна Македонија бележи скок од девет места – тогаш беше рангирана на 85. позиција, но ако се гледаат освоените поени, има само два плус во споредба со една година претходно.

Тоа што има 42 поени значи дека во земјава останува високото ниво на корупција.

„Секој резултат под 50 поени, согласно мерилата на Индексот на перцепција на корупцијата, во која група припаѓа и Македонија, укажува на сериозни корупциски проблеми во јавниот сектор“, рече претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија, Благоја Пандовски при презентацијата на извештајот.

Коментирајќи ги резултатите, тој рече дека нивниот став е оти во земјава „корупцијата е се уште на многу високо ниво и нема реално подобрување на работата кај голем дел од институциите кои треба да бидат на чело на борбата против корупцијата“.

Под прагот од 50 бодови се повеќе од две третини од земјите во кои се мери Индексот.

infographic - Corruption Perception Index in the Western Balkans for 2023.
infographic - Corruption Perception Index in the Western Balkans for 2023.

„Собранието го поткопа судството“

Она што најмногу го привлече вниманието на Транспаренси Интернешнл кога станува збор за борбата против корупцијата се измените на Кривичниот законик што беа донесени во Собранието на почетокот на септември 2023 година. Како забелешка, меѓународната организација ги посочи и во глобалниот и во извештајот за Источна Европа и Централна Азија.

„Во септември 2023 година, Парламентот на Република Северна Македонија значително го поткопа судството. Нетранспарентно, по брза постапка, пратениците го изменија Кривичниот законик кој доведе до намалување на затворските казни и скратување на застареноста на делата за злоупотреба на службената положба. Ова ќе предизвика застарување на околу 200 претпоставени случаи за корупција од кои во многу се вклучени поранешни функционери на високо ниво“, пишува во извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата.

Работата на правосудните органи и достапноста на правдата, глобално годинава биле во фокусот на анализите на Транспаренси Интернешнл, а во таа насока беа забелешките кои ги изнесе и претседателот на организацијата во Северна Македонија.

Пандовски потенцираше дека судството и јавното обвинителство, кои треба да бидат водечки ентитети во борбата против корупцијата повторно покажале ниска доверба кај граѓаните што е загрижувачки.

„И онака нискиот процент на доверба од четири отсто падна на еден отсто што е реален показател на тоа дека главните институции кои треба да ги применуваат законите и да одредуваат што е во согласност со правото, треба да имаат огромно подобрување во нивната работа“, рече Пандовски.

Тој потсети и на тоа што лично претседателката на Врховен, Беса Адеми, јавно истакна дека постојат политички притисоци во највисокиот суд во државата, како и на оценската мисија што ЕУ ја имаше за Судскиот совет при што утврди голем број недостатоци и даде дури 40 препораки за подобрување на работата. Ги наведе и скандалите со партиските вработувања во пресрет на изборите, но и упадот во М-НАВ.

Сите овие примери, посочи Пандовски, се само дел од негативната слика која државата ја добива за борбата против корупцијата, а институциите остануваат глуви на критиките и препораките.

„Се уште постои недоволна демократија, транспарентност во работата на јавните институции и владеењето на правото кои мора да бидат подобрени ако сакаме да покажеме реални резултати во борбата против корупцијата“, порача претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија.

Оваа меѓународна организација не е единствената која упати остри критики за правосудството и борбата против корупцијата изминатиот период.

„Неприфатливо е несоодветното политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, беше една од последните пораки што одекна во јавноста, а ја испрати холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп по средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети кому му порача и дека земјава има двегодишен постојан пад на владеење на правото.

Јасни пораки во повеќе наврати упати и американската амбасадорка Анџела Агелер. Една од нив беше уште во јули лани кога рече „разочарани сме кога станува збор за напредокот на судството“.

Сериозна загриженост за корупцијата во земјава испрати и Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава презентиран во ноември лани. Нема напредок во судството и борбата против корупцијата, во голема мера влијание имаа и измените на Кривичниот законик, беа дел од пораките што пристигнаа тогаш од Брисел.

Зошто нема реален напредок на Идексот на перцепција на корупција?

Скокот од 85. на 76. место на Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл, како што објасни Пандовски, не значи и реален напредок. Земјава од 2020 бележи постојан скок, меѓутоа како ќе се рангира не зависи само од неа.

„Реално гледано самата позиција во која се наоѓа една земја не зависи само од нејзината успешност, туку и од успешноста или неуспешноста на другите земји. Како пример, може да кажеме дека 2020 сме имале 35 поени. Исти поени сме имале и во 2020 и 2019 година, но сме биле различно рангирани“, посочи Пандовски.

Затоа она што треба да се гледа како реално мерило на успехот, нагласуваат од македонското претставништво, е надминување на прагот од 50 поени што би ја извадило земјата од групата држави со високо ниво на корупција.

Показател за реалниот напредок се и истражувањата кои Транспаренси Интернешнл ги користел за рангирањето. За најновиот извештај биле користени шест оценувачи (за разлика од лани годинава го нема Светскиот економски форум). Од шесте оценувачи, Северна Македонија има добиено исти резултати од пет од нив. Единствено скок од осум места земјава бележи во извештајот на фондацијата Брителсман, но на што се должи тоа, како што рече Пандовски, ќе биде познато во март кога фондацијата ќе го објави целосниот извештај.

Кога правдата се купува, а политиката се меша, страда народот

Кога станува за глобалната состојба, извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година на Транспаренси Интернешнл покажа дека повеќето земји постигнале мал или никаков напредок во борбата против корупцијата во јавниот сектор. Глобалниот просек на бодови во Извештајот за индексот на корупција останува непроменет и изнесува 43 – дванаесетта година по ред.

Во светот се бележи генерален пад на функционирањето на правосудните системи за што порака испрати и претседателот на Транспаренси Интернешнл Франсоа Валеријан.

„Корупцијата ќе продолжи да напредува сè додека правосудните системи не можат да го казнат престапот и да ги држат владите под контрола. Кога правдата се купува, а политиката се меша во неа, народот е тој што страда. Лидерите треба целосно да инвестираат и да ја гарантираат независноста на институциите кои го почитуваат законот и се справуваат со корупцијата. Време е да се стави крај на неказнивоста на корупцијата“, рече Валеријан.

Кој е најмалку, а кој најмногу корумпиран?

Од 180 земји што се рангираат како најнекорумпирана на врвот на листата со 90 бодови се најде Данска, а по неа следуваат Финска (87 бодови) и Нов Зеланд (85 бодови). На дното, пак, се: Сомалија (11), Венецуела (13), Сирија (13), Јужен Судан (13) и Јемен (16).

Интересен податок од извештајот е и што 23 земји – меѓу нив некои високо рангирани демократии како Исланд (72), Холандија (79), Шведска (82) и Обединетото Кралство (71), како и некои авторитарни држави како Иран (24), Русија (26), Таџикистан (20) и Венецуела (13) – сите се на историски најниско ниво според индексот на корупција оваа година.

Од земјите во регионот, пак, подобри од нас се Словенија (42. место, 56 бода), Хрватска (50. место, 57 бода), Црна Гора (63. место, 46 бода) и Бугарија (67. место, 45 бода). Полоши се: Босна и Херцеговина (108. место, 35. бода), Србија (104. место, 36 бода), Албанија (98. место, 37 бода), Косово (83. место, 41 бода).

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG