Девет апликации за да се стават нови, иновативни лекови на позитивната листа на лекови досега стигнале до Комисијата која треба да ја ажурира листата. Наменети се главно за третман на онколошки болести.
Барањата од фармацевтските компании се пристигнати во текот на минатиот месец (септември 2023), потврдија од Министерството за здравство за Радио Слободна Европа. До крајот на овој месец Комисијата треба да ги разгледа и да одлучи дали ќе ги препорача лековите за пациентите.
Ажирурањето на листата е нова надеж за пациентите со Хепатит Б. Тие десет години бараат посовремен лек на рецепт, откога на западниот пазар стигна „тенофовир“, што би можел да биде поефикасен за нивната болест. По една деценија од појавувањето, сега во светот има и негова понапредна верзија. Кај нас уште се користи лекот „зефикс“, од позитивната листа, иако во Европа е исфрлен од употреба.
„Очекуваме во првиот бран на ажурирање на листата на неа да биде ставен и „тенофовир“. Овој лек не е многу скап, а за луѓето со Хепатит Б буквално значи живот, вели Милан Мишковиќ од „Хепар центар“ - Битола.
За да го набават овој лек, македонските пациенти сега одат во Албанија, Црна Гора или Турција.
„Без оваа терапија, се зголемува бројот на карциноми на црн дроб. Тоа се случува и кај нас“, објаснува Мишковиќ.
Посовременени лекови чекаат и пациентите со висок притисок, со хемофилија, леукемија, дијабетес...
Ставањето на нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо - често и од други држави. Затоа што листата не е ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.
Видете и ова: Тендерите врват, дијабетичарите страдаат„Стручната комисија за позитивна листа на лекови во септември го одржа својот прв конститутивен состанок на кој усвои деловник за начинот на работа и одлучување. Исто така, комисијата го утврди годишниот план за одржување на редовни седници, според кој редовните состаноци ќе се одржуваат еднаш месечно, а по потреба ќе се свикуваат и вонредни седници. На својот прв одржан состанок, комисијата донесе заклучок лековите што се присутни на листата, а имаат истечено одобрение за ставање во промет од кои било причини, да се означат на Листата на лекови, во согласност со правилникот за позитивна листа, во цел на нивно ревидирање и оцена“, велат од Министерството за здравство.
Додека се „крчка“ листата, пациентите болни од канцер вчера, 2 октомври 2023 предупредија дека повторно нема и дел од редовната терапија што ја примаат на Клиниката за онкологија. Обвинителството пред еден месец отвори предистрага за наводите дека скапа биолошка терапија се крадела од клиниката и се препродавала на црниот пазар. Граѓани петта недела по ред протестираат и бараат одговорност за скандалот.
Кога лекот чини пари, а парите се штедат ...
Стручната комисија секој месец ќе доставува предлози до Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), во случаи кога лекот нема влијание врз буџетот на Фондот. За лековите што ќе имаат дополнително фискално влијание, предлог до ФЗО ќе се доставува двапати годишно. Управниот одбор на Фондот ќе ја носи конечната одлука за тоа со кои лекови ќе се дополни позитивната листа.
Според тоа, уште нема „тајминг“ кои нови лекови ќе станат достапни за пациентите и кога.
Лилија Чолакова - Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека докторката фела одамна укажува да се ревидира листата.
„Огромен е бројот на пациенти кои поквалитетни лекови купуваат приватно. На пример, за хипер-тензија сега некои пијат и по три таблетки, а има двојни и тројни комбинации современа терапија што може да се користи. Мора да ги следиме трендовите во медицината и соодветно на тоа да воведуваме нови лекови“, вели Чолакова - Дервишова.
Видете и ова: Бројни нерешени афери во здравството среде скандалот на онкологијаОд Здруженија на пациенти нагласуваат дека оваа листа, и кога ќе има нови лекови на неа, нема да ги опфати сите пациенти. Исклучок се оние кои добиваат лекови преку различни програми на Министерството за здравство. Меѓу нив се на пример, и болните од ХИВ.
„Ако има механизам во една земја за лекови за пациентите, тогаш тој механизам треба да важи за сите. Главниот проблем е во целиот процес на планирање на потребите на пациентите, кој буквално се прави „од ракав“. Секоја година има по 40-тина нови пациенти со ХИВ, а набавката на лекови се прави според стари бројки од претходни години“, вели Андреј Сених, извршен директор на здружението „Заедно посилни“.
Нивните податоци се дека во моментов има околу 400 пациенти со ХИВ кои се лекуваат на Инфективна клиника.
Овие програми засега се единствениот начин институционално да влезе нов лек во државава.
Немајќи друго чаре, пациентските здруженија почнаа да лобираат - одат од една до друга фармацевтска компанија да укажат кои лекови им требаат и да ги замолат компаниите да поднесат апликации за тие лекови до надлежната комисија. Тука, „пресметката“ е дали на фармацевтите им се исплати да го набавуваат лекот, според тоа колку е голем бројот на пациенти што ќе го користат. И државата калкулира - не како да донесе најскапи и најдобри лекови, туку како да „покрие“ повеќе пациенти за лекови со минимална доплата.
Трета среќа со комисиите
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, ја претстави оваа нова Комисија на 1 август годинава. Составена е од претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински средства, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од Универзитетските клиники, кои се доктори специјалисти, од различни области на медицината и фармацијата. Претседател е проф.д-р Љубица Шутуркова од Фармацевтски факултет.
Од нив се очекува да сработат нешто што не им успеа на тројцата последни министри за здравство: Беким Сали, Венко Филипче и Никола Тодоров. Извори вклучени во процесот велат дека веќе нема никакви пречки да се ажурира листата, бидејќи административните бариери се отстранети. Последната беше Правилник со дефинирани јасни критериуми кој лек под какви услови може да биде на листата. Правилникот е донесен и актуелната Комисија одлучува според него.
Тодоров, додека беше министер формира дури 14 комисии за истата работа. Од нив не произлезе ниту еден нов лек. Филипче, пак, изјавуваше дека ќе ги укине сите 14 комисии и ќе формира една комисија за позитивна листа, но до завршувањето на неговиот мандат тоа не се случи.
Според годишниот извештај на ФЗОМ за 2022 година, и лани на прво место по бројот на реализирани рецепти и според вкупниот фактуриран износ се лековите за третман на заболувања на кардиоваскуларниот систем. Во 2022 година се реализирани околу 10,3 милиони рецепти во износ од 718,7 милиони денари. На второ место, според бројот на реализирани рецепти, во 2022 година се лековите со дејство на дигестивниот тракт и метаболизмот. Веднаш зад нив се лековите кои делуваат на респираторниот систем.
Според Светската здравствена организација (СЗО), Северна Македонија е меѓу земјите кои имаат големи приватни плаќања за здравствена заштита мерено според капацитетот на домаќинството да плати за истата. Тоа најмногу ги погодува посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Трошоците се должат главно на приватни плаќања за лекови.