Достапни линкови

Дел од лековите за епилепсија ги нема - проблемот е глобален велат од МАЛМЕД


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Веќе цела година ги нема дел од лековите за епилепсија, алармираат од здруженијата на пациенти. Лекарите препишуваат алтернативна терапија. Од Агенцијата за лекови велат дека проблемот е на глобално ниво, а се должи на недостаток на активни супстанции за повеќе лекови.

Губење на свеста, грчеви, вкочанетост и тресење на телото, вака изгледа епилептичен напад кај пациентите со епилепсија. Со лекови состојбата се контролира и овие лица функционираат нормално, но кога нема лекови ризиците за влошување се зголемуваат. Во таков ризик живеат стотици пациенти во Македонија бидејќи веќе цела година во земјава го нема дел од антиепилептичните лекови.

Од здружението на пациенти „Епилепсија Македонија“, велат дека дел од пациентите се приморани сами да се снаоѓаат за да набават лек. Некои одат или ги нарачуваат од Србија, други од Грција, но ги плаќаат поскапо.

„Тоа не е решение на проблемот, овој проблем трае веќе цела година и не гледаме решение на повидок“, вели Деан Бунески, претседателот на пациентското здружение.

Терапијата се зема со години, а не ретко и цел живот. Нередовноста може да ја влоши состојбата и затоа не треба да се прекинува, објаснува Деан.

Но, не само што лековите се поскапи кога се купуваат во странство, туку иако името на лекот е ист сепак се работи за различно количество на состојки, со различно дејство, а антиепилептиците не треба да се менуваат, додава Деан.

„Тука морам да напоменам дека иако генеричкото име му е исто, производителот различен за исти лек, ефектот не може да биде ист затоа што се работи за различно количество на состојки кои што влијаат во намалување на нападите, така што можам да кажам дека иако е истиот лек во Грција, тој сепак може да биде со различно дејство. Затоа антиепилептиците не треба да се менуваат“, објаснува Деан.

Д-р Иван Барбов, директорот на Универзитетската клиника за неврологија, потврдува дека постојано се случува да нема некој од лековите, но сепак вели дека лекарите препишуваат алтернативна терапија и заменски лекови на пациентите.

„Фактички фирмите што ги произведуваат лековите не ги доставуваат редовно, нешто има проблеми со производството и дистрибуцијата, но ние ако пациентот не може да најде лек му наоѓаме соодветна заменска терапија или лекови. Тоа е хронична терапија, која што е на позитивна листа, но факт е дека во последно време вистина има проблем во аптеките“, вели д-р Барбов.

Официјален податок колку лица со епилепсија нема, но според податоците на здружението има околу 25.000 лица со сите видови на епилепсија, меѓу кои и деца.

Недостиг од лекови на глобално ниво

Од Агенцијата за лекови велат дека станува збор за проблем на глобално ниво, бидејќи има недостаток на активни супстанции и тоа за повеќе лекови.

„Агенцијата за лекови во соработка со Носителите на одобренија и увозниците настојува колку е можно помалку да се осети овој дефицит на лекови во нашата држав“, велат оттаму.

Конкретно за лековите за епилепсија од Агенцијата тврдат дека веќе имаат одобрено увоз и очекуваат наскоро да пристигнат во аптеките.

„Лекот Депакине се увезува во одредени колични во нашата држава и истиот би требало да е достапен во аптеките иако можно е во моментот да не се задоволени реалните потреби на пациентите. Што се однесува до лекот Карбамазепин тоа е паралела на лекот Тегретол ,значи се работи за иста активна супстанција, Агенцијата веке има одобрено увоз и лекот овие денови ке биде достапен во аптеките“, одговорија од МАЛМЕД.

До Министерството за здравство пак ниту една фармацевтска компанија не се обратила дека нема да испорачува лекови за епилепсија. Оттаму велат дека доколку има поголем проблем со недостиг од лековите, Агенцијата за лекови може да го реши и со интервентен увоз.

За недостигот од лекови алармират и од Фармацевтската комора од каде велат дека има доста лекови кои што ги нема во аптеките.

„Во однос на дефицитарноста на лекови, кои што моментално се случува на фармацевтскиот пазар, тоа се лекови за епилепсија, лекови за срце, кортикостероиди, некои антибиотици недостасуваат, но сепак тоа се должи на немањето активна супстанца и е поврзано со општата економска криза во светот. Фармацевтските куќи се тие што може да кажат зошто во моментов се се случува овој дефицит“, вели Весна Ставрова од Комората на фармацевти.

Ставрова очекува дека проблемите ќе се надминат со ревидирање на позитивната листа на лекови, која вели дека е веќе застарена и треба да се стават нови формули на лекови за пациентите, кои што ќе бидат многу поефикасни. Но иако веќе со години наназад се најавува, конкретни информации кога ќе се обнови листата нема.

Како што веќе пишуваше Радио Слободна Европа, периодов во аптеките има недостиг и на дел од антибиотици, кортикостероидни, лекови за срце, притисок и други лекови. Дел од веледрогериите за РСЕ потврдија дека се соочуваат со застој на планираните испораки на некои од лековите од страна на производителите и тврдат дека се прават обиди за да се обезбедат нови количини. Како ќе се решава проблемот кој што може да стане уште поголем за пациентите на кои им се потребни лекови засега не се знае.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG