Од две зла, е бирано помалото, велат извори на Радио Слободна Европа за тоа како по последниот тендер, до дијабетичарите стигнаа глукометри за кои велат дека се без оригинално пакување, во најлонска кеса и без спецификација. Националната комисија за дијабетес по првичното укажување од пациенти реагирала, но им било сугерирано да ги земат глукометрите и лентите, оти можат да останат и без нив ако повторно се оддолжи постапката за набавка.
Дијабетичарите и за овој „сет“ помагала чекаа девет месеци, уште од почетокот на годинава. Ова е најдолго чекање досега, иако проблемите со тендерите за лицата со дијабетес се влечат со години наназад – а ги „решава“ секој нов министер за здравство кога ќе дојде на функцијата.
„Досега секогаш, со години, сме ги добивале глукометрите спакувани во кутија, на неа пишува земја на потекло, апаратчињата се во футрола, внатре има ланцетар..овојпат имаше исклучиво апаратче и ленти. Јас добив, други пациенти се жалат дека ни тоа не го добиле. Автоматски, од тука потекнува сомнежот - што е ова?“, вели Татјана Јордева, лице со дијабетес, во изјавата за Радио Слободна Европа.
Со неа симулиравме мерење на гликемијата во реално време - новиот апарат покажа 8,8 милимоли вредност. Нејзиниот апарат, со кој мери постојано, покажа 8 милимоли. И во двата случаи, нивото на гликемија ѝ беше во граници на нормала. Но, тоа не е секогаш случај.
„Разликата од 0,8 милимоли е важна кога гликемија е висока (хипер) или кога е ниска (хипо). Тогаш мора многу да се внимава на корекцијата што треба да се внесе“, објаснува Татјана.
Од околу 44.000 лица со дијабетес во цела држава, само тие во Скопје досега добиле глукомери и ленти од распределбата преку инсулинските аптеки што почна на 21 септември. Дијабетичарите од Куманово, Прилеп, Велес, Гевгелија, Битола, Пробиштип и други градови не добиле ништо. А и ако ги добијат, велат страв им е да ги користат, по реакциите на „соборците“ од овие денови. Ова се информациите што досега ги има Сојузот на здруженија на дијабетичари - национална организација која ги застапува правата, интересите, проблемите и обврските на околу 125.000 лица со дијабетес од 23 здруженија на граѓани во 21 општина.
„Очекуваме ставови и препораки од Националната комисија за дијабетес. Ние бараме да се поништи тендерот и итно да се воведе референтна цена. Проблемот не е решен, можни се протести и нови тужби од наша страна“, изјави Диме Велев, претседател на Сојузот, пред почетокот на состанокот.
Велев посочува дека на Балканот само уште Северна Македонија набавува ленти и глукометри преку тендер, сите други држави одат преку референтна цена. Набавка преку референтна цена значи дека пациент може да си подигне лек или помагало во аптека до сумата што ја определила државата – ако сака поскапо или поквалитетно, ќе си доплати од џеб. Дијабетичарите бараат тоа да се спроведе и кај нас. Пресметале дека за овие повеќе од девет месеци, колку што приватно купуваа глукомери и ленти, вкупно се оштетени за 240.000 кутивчиња. Или, за околу 156 милиони денари, ако просечната пазарна цена е околу 650 денари за кутија.
Тендерот е само за ленти
Министерството за здравство во април годинава распиша тендер за набавка на инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење гликемија за периодот јануари 2023-декември 2024. Одлуката за избор на најповолна понуда е од 10 јули 2023, а носител на набавката е веледрогеријата „Д – р Пановски“. Моделот е Tyson Bio AC 200 од производителот Tyson Bioresearch од Тајван, Кина, покажуваат податоците објавени на интернет – страницата на Бирото за јавни набавки. Вкупната вредност на договорот е околу 125 милиони денари, или околу 2 милиони евра.
Од „Д-р Пановски“ велат дека се избрани за најповолен понудувач во предметната набавка, за ленти за мерење гликемија, за двата типа дијабетес.
„Врз основа на склучен Договор за јавна набавка од 21.07.2023, ние, како носител на набавката успешно ја испорачавме вкупната количина ленти за мерење за шеќер, апарати за мерење на шеќер и ланцети, согласно добиената нарачка и распоред за распределба на предметните медицински средства од Министерство за здравство, во оригинално пакување од производителот Tyson Bioreasearch Тајван, со уредна спецификација и упатство за употреба на македонски јазик. Глукометрите кои имаме должност да ги обезбедиме во оваа набавка се регистрирани медицински средства во МАЛМЕД соодветно на законските прописи за регистрација на медицински средства. Приложените сертификати за квалитет на производот се гаранција за нивната безбедност и квалитет“, велат од „Д-р Пановски“ за Радио Слободна Европа.
Според Законот за лекови и медицински средства, медицинските средства што се во промет мора да бидат означени на надворешното и контакното пакување на македонски јазик и неговото кирилско писмо и да содржат упатство за употреба. Означувањето на пакувањето мора да е најмалку со: информации за производителот, односно увозникот, информации потребни за идентификација на медицинското средство и содржината на пакувањето, потребните ознаки („стерилно”, „специјално направено”, „за клинички испитувања”, “за еднократна употреба“ и други), код за идентификација, рок на употреба, услови за складирање, специјален начин на користење, предупредувања и намена и други информации поврзани со соодветното користење на средството што го засегаат јавното здравје. Надлежна за контрола е Агенцијата за лекови (МАЛМЕД).
МАЛМЕД - Набавката е според законот
Од МАЛМЕД брифираа дека направиле контрола и во делот на увоз и потребна документација, набавката е според законските прописи. Глукометрите се регистрирани и имаат спецификација. Според упатените, проблемот е настанат како резултат на договорот меѓу Министерството и веледрогеријата, според кој Министерството не набавува цел сет, туку само ленти. Глукометрите за 44.000 пациенти требало да ги добие гратис. Притоа, носителот на набавката е должен истите да ги испорача во рок од шест месеци - што е некаде до јануари следната година.
Сојузот на здруженија на дијабетичари во средината на овој месец (септември 2023) поднесе претставка до Народниот правобранител од кого бара да им ги заштити правата. Дијабетичарите летово и протестираа пред Министерството за здравство со барање државата редовно да набавува терапија за нив. „Додека сум јас министер, доцнење на набавки за лекови повеќе нема да има“, им вети министерот за здравство, Фатмир Меџити, на средбата по протестот на 21 јули.
Лицата со дијабет стравуваат да не се повтори ситуацијата од 2016 година кога Северна Македонија ја тресеше скандал со фалсификувани лекови набавени преку паралелен увоз, што тогаш беше законски дозволено. По овие информации Обвинителството отвори истрага и предметот беше проследен во во одделението за организиран криминал и корупција. Резултатот од истрагата досега не е јавно објавен. После тоа, во 2018 година, Министерството за здравство во 2018 година направи измени во законите, па сега од веледрогериите треба се бара документација која се однесува на квалитетот на лековите и медицинските помагала, сертификат за квалитет издаден од производителот, како и од овластена лабораторија или од земјата производител или од земјата извозник на лекот.