По пасоши само дома - Лукашенко им поставува стапица на противниците

илустрација

Според указот потпишан од белорускиот претседател Лукашенко, белоруските амбасади повеќе нема да издаваат или обновуваат пасоши на државјаните кои живеат во странство. Тоа значи дека Белорусите за пасош ќе мора да се вратат дома, што пак според критичарите ги отвора стравувањата од можен политички прогон и апсења.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко им постави „стапица“ на оние кои побегнале во странство за да избегаат од неговото репресивно владеење, велат неговите противници.

Според новиот указ потпишан од Лукашенко, белоруските амбасади повеќе нема да издаваат или обновуваат пасоши на државјаните кои живеат во странство. Доколку им треба документот, Белорусите ќе мора да се вратат дома, стои во указот отпишан на 4 септември.

Се проценува дека 200 000 - 300 000 Белоруси ја напуштиле земјата од август 2020 година, кога Лукашенко беше прогласен за претседател за шести петгодишен мандат по изборите кои беа широко окарактеризирани како „наместени“.

Тие избори предизвикаа бран протести кои беа задушени од безбедносните сили на Лукашенка. Стотици беа уапсени, многумина беа мачени, а неколкумина умреа во задушувањето на протестите. Лидерите на опозицијата беа приведени, а многумина беа затворени. Другите избегаа. Западот одби да го признае Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија.

Белоруската група за човекови права „Вјасна“ вели дека повеќе од 1 500 луѓе во моментов се зад решетки во Белорусија како политички затвореници.

Опозицискиот лидер Свјатлана Циханускаја, која побегна во Литванија откако го предизвика, а многумина велат дека и го победи Лукашенко на изборите во 2020 година, ги предупреди Белорусите, дека „дури и ако ви е истечена важноста на пасошот, не треба да се враќате во вашата матична земја ако ризикувате прогонство“.

Новите ограничувања доаѓаат во време на, како што велат противниците и активистите, се позасилени напори на режимот на Лукашенко да ги собере противниците. Притворите на Белорусите кои живееле во странство и се вратиле дома се зголемени оваа година, велат тие.

Активистите предвидуваат дека овој последен потег би можел да резултира со повеќе Белоруси кои аплицираат или за азил или за нови пасоши во земјите каде што живеат, или на крајот дури и да се одлучат за „нов национален пасош“ што неодамна го претстави белоруската опозиција во егзил, но сè уште не е меѓународно признат.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Организиран криминал“ - Украински деца однесени во Белорусија

Осудата за последниот потег на Лукашенко брзо се прошири.

„Најавата за плановите за задржување на услугите за пасоши за Белорусите кои живеат во странство е уште една репресивна мерка за нивна контрола и ограничувања“, објави Амбасадата на Соединетите Држави во Белорусија на платформата X, порано позната како Твитер.

„Овој најнов драконски потег на белоруската влада е очигледна одмазда против нејзините критичари во егзил“, рече Анастасија Круопе, помошник истражувач за Европа и Централна Азија во организацијата Хјуман рајтс воч.

„Оние кои се принудени да се вратат во земјата за да добијат суштински документи ќе бидат изложени на ризик од апсење и политичко гонење“, предупредува Круопе.

Ставање ги Белорусите во „несигурна позиција“

Според декретот на Лукашенко, белорускиот пасош сега може да се обнови само кога сопственикот е регистриран дека живее во Белорусија. Досега, белоруските иселеници можеа да добијат нови пасоши во дипломатските претставништва на земјата во странство.

„Откажувањето на конзуларните услуги сега ги става протераните Белоруси во несигурна положба. Освен ако не се вратат во Белорусија за да ги обноват пасошите со истечен рок, тие би можеле да се најдат без нивниот основен документ за идентификација и да не можат да пристапат до широк опсег на основни услуги во нивните сегашни земји на живеење“, напиша Хана Либокова, нерезидентен соработник во Атлантскиот совет.

„Како и да е, враќањето во Белорусија може да резултира со апсење и кривично гонење во врска со нивното претходно учество во антирежимските протести. На пример, Белорусин во странство кој сака да продаде имот дома, треба преку трето лице да даде полномошно, но тоа може да се направи само од внатрешноста на Белорусија, изјави Кристина Рихтер, правен советник на Циханускаја, за белорускиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Истото важи и за нотарската и државна регистрација на договорите поврзани со недвижен имот и возила“, рече таа.

Видете и ова: Белорусија: кривично дело е и кога носите погрешни чорапи или танцувате

Нема сигурни податоци за тоа колку Белоруси ја напуштиле земјата од извалканите претседателски избори во 2020 година. Истражувањето на Парламентарното собрание на Европа покажува дека во тоа време можеби околу 500 000 Белоруси се преселиле во странство.

Минск веќе се бори со Белорусите кои се враќаат

Околу 100 Белоруси кои живееле како иселеници се приведени досега оваа година по нивното враќање во Белорусија, наведува невладината „Вјасна“, која беше означена како „екстремистичка“ од владата на Лукашенко во август.

„Бројките се приближни, бидејќи обично ќе слушнеме за масовни случаи на притвор, како што беше случајот во јуни кога беа приведени околу 40 лица. Или дознаваме за случаи на притвор поврзани со кривични предмети“, изјави Свјатлана Головнева, адвокатка на Вјасна за Курент Тајм.

Медиумот објави дека Вераника Казак била приведена од белоруските безбедносни сили на 25 август по нејзиното враќање од Италија, каде што престојувала неколку години. По пристигнувањето, таа наводно била повикана од полицијата во Минск на испрашување за коментарите што ги објавила на социјалните мрежи. Нејзиното моментално место е непознато. Според Вјасна, против Казак е отворена неодредена кривична постапка.

Белорусите кои се враќаат се соочуваат со поголема контрола на границата повеќе од три месеци, велат активистите. Безбедносните службеници често ги проверуваат нивните мобилни телефони или ги испрашуваат дали учествувале во некој од постизборните протести во 2020 година, па дури и нивните ставови за руската агресија во Украина.

Русија ја искористи Белорусија како „место за лансирање“ на нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Многу од 30 000 руски војници стационирани во Белорусија се прелеаја преку границата со Украина, само за да бидат победени.

Затворање на патиштата кон дома

Доаѓањето дома за многу Белоруси не е едноставна задача.

Летовите меѓу европските дестинации и Белорусија се строго ограничени откако Европската Унија воведе забрани за прелети и аеродроми откако Белорусија лажираше закана за бомба за да го пренасочи меѓународниот лет во кој превезуваше дисидентскиот блогер Раман Пратасевич и неговата девојка во мај 2021 година.

За оние кои сакаат да се вратат по пат, опциите исто така се намалуваат бидејќи земјите кои граничат со Белорусија без излез на море ги затворија граничните премини поради тековните мигрантски и безбедносни кризи, заедно со други извори на тензии со Минск.

Видете и ова: Белорусија сѐ поблиску до унија со Русија

Полска годинава ги затвори сите гранични премини со Белорусија освен еден по затворањето на новинар од полско потекло и протерувањето на полските дипломати. Литванија затвори два од шесте гранични премини.

На 28 август, Полска и сите три балтички држави ветија дека целосно ќе ги затворат границите со Белорусија во случај на каков било „критичен инцидент“ во кој учествуваат платеници од руската Вагнер група, рече полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински за Ројтерс.

Членките на ЕУ и НАТО, Летонија, Литванија и Полска, кои делат граница со Белорусија, се повеќе се загрижени за безбедноста на границите откако стотици платеници на Вагнер пристигнаа во Белорусија на покана на Лукашенко по неуспешниот бунт во Русија.

Тие соседи, исто така, забележаа зголемување на бројот на мигранти главно од Блискиот Исток и Африка кои се обидуваат да ја преминат границата во последните месеци и ја обвинуваат Белорусија дека им помага, тврдење што Минск го отфрла. Кризата на источната граница на ЕУ со Белорусија инаку се намали откако Минск ги интензивираше летовите од неевропски дестинации во 2021 година, како дел од она што западните власти го нарекоа нехумано „вооружување“ на Лукашенко со мигрантите од трети земји.

Во февруари, владата на Лукашенко формираше комисија наводно за да им „помогне“ на Белорусите кои се двоумат дали да се вратат дома за да им дадат практични информации, вклучително и дали дома ги чекаат „налози за апсење“.

Критичарите стравуваат дека комисијата е само уште една алатка за лоцирање на противниците на Лукашенко, нешто на што се чини дека тој самиот алудира во изјавите кои ги даде на 6 февруари кога беше објавено новото тело.

„Не треба да гледаме само на таканаречената опозиција во егзил. Може да има и други. Тие многу добро разбираат дека сепак ќе ги најдеме. Некој ќе се пријави во комисијата. Ќе средиме се во комисјата“, рече тогаш Лукашенко.

За Белорусите кои се претпазливи да ризикуваат апсење, дел од организираната опозиција во странство се надева дека ќе се одлучат за нивната верзија на истиот документ.

Самопрогонетите белоруски опозиционери претставија алтернативен „нов национален пасош“ на 6 август. Валер Кавалеуски од групата „Обединет привремен кабинет на Белорусија“ на конференција во Варшава изјави дека разговорите со Европската Унија се во тек за да се признае пасошот.

Дали Меѓународната заедница или Белорусите ќе се одлучат за тоа се уште нејасно. Многу аналитичари, сепак, предвидуваат пораст на бројот на Белорусите кои или аплицираат за азил во странство или бараат државјанство во странските земји каде што сега живеат.