Достапни линкови

Белорусија сѐ поблиску до унија со Русија


Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко, Санкт Петербург, 13 јули 2021.
Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко, Санкт Петербург, 13 јули 2021.

Пред повеќе од 20 години лидерите од Белорусија и Русија потпишаа договор за создавање унија меѓу двете држави. Но, деталите никогаш не биле договорени. Сега, Александар Лукашенко е подготвен да склучи договор што радикално би можел да го поткопа суверенитетот на неговата земја. Тони Весоловски

Неколку дена пред да се состане со својот руски колега Владимир Путин постојат силни знаци дека Александар Лукашенко можеби ќе го направи она што со години се противеше: да потпише договор што може радикално да го поткопа суверенитетот на неговата земја еднаш засекогаш.

На 31 август, амбасадорот на Белорусија во Русија Улаздимер Сијамашка објави дека сите таканаречени патокази-или поглавја-на договорот за унијата, за кој Минск и Москва преговараа две децении, се речиси готови и може да се потпишат наскоро. „Фала му на Бога, дојдовме до целта“, рече тој, додавајќи дека преговорите може да завршат оваа недела.

Циханускаја побара од САД да ја гарантираат неависноста на Белорусија

Средбата меѓу Лукашенка и Путин е закажана за 9 септември во Москва, и е нивна петта средба лице в лице оваа година. Тоа доаѓа нешто повеќе од една година откако Белорусија беше во состојба на невидени политички протести, што се најголемиот предизвик за Лукашенко откако тој ја презеде власта во 1994 година.

Доколку се потпише конечната верзија на договорот, тоа ќе сигнализира сеизмичка промена во односите меѓу Белорусија и Русија и ги поврзе уште подлабоко политички, воено и економски, вклучително и со единствена валута.

„Ако се потпише договорот за интеграција, тоа ќе биде значајно предавање на белоруските власти под притисок, на кои тие не можеа да одолеат“, изјави политичкиот аналитичар Сиархе Бохдан за Белоруската служба на РСЕ.

Преговорите за унијата траат од 1999 година, кога лидерите на Русија и Белорусија потпишаа договор со кој се обврзуваат дека ќе се заложат за таков ентитет. Со текот на годините, се појавија неколку конкретни детали за содржината на преговорите, при што разговорите се одвиваа зад затворени врати.

Аналитичарите велат дека главните несогласувања биле околу даночната политика, цените на енергијата и единствената валута. Но, не е првпат Лукашенко или неговите потчинети да даваат такви објави, за да се повлечат во последен момент, очигледно поради стравувањата дека секој таков договор ќе ја намали неговата лична моќ.


Но, овој пат работите се поинакви

Односите меѓу Белорусија и Западот се распаднаа од август 2020 година, кога Лукашенко го потврди неговиот реизбор на функцијата за кој опозицијата и Западот го сметаат за фалсификуван, како и сите други избори за време на неговото 27-годишно владеење.

Дали однесувањето на Лукашенко ќе го погоди богатството на српските браќа Кариќ?

Кога десетици илјади луѓе излегоа на улица за да протестираат, Лукашенко одговори брутално. Оттогаш, повеќе од 34.000 луѓе беа приведени, стотици тепани на улица и во затворите, независните медиуми се под клуч, а лидерите на опозицијата се или во затвор или во прогонство, вклучувајќи ја и Свјатлана Циханускаја, која опозицијата ја прогласи за најверојатен победник на претседателските избори.

Со оглед на тоа што Западот одби да го признае изборниот резултат и веќе наметна четири рунди санкции против Лукашенко, неговиот тесен круг и бизнисите поврзани со него, 67-годишникот е зависен од поддршката на Путин повеќе од кога било досега.

Русија со години ја субвенционира белоруската економија делумно со дозволување евтин извоз на сурова нафта во Белорусија, која потоа се рафинира и се продава на западните пазари со значителна додадена вредност. Кремљ обезбеди 1,5 милијарди долари заеми и друга поддршка, вклучувајќи и можна воена помош што ја објави Лукашенко минатата недела. Тоа најверојатно ќе има голема цена.

Аналитичарите стравуваат дека Кремљ ја користи ранливоста на Лукашенко за да извлече тешки отстапки. Кон крајот на 2018 година, Русија сугерираше дека Белорусија ќе мора да прифати подлабоки врски доколку сака да има поголема економска соработка.

„По потпишувањето на сите договори, Белорусија и понатаму ќе остане посебна земја, формално независна, но интегрирана во руската економија и правниот систем во невидени размери“, вели за РСЕ Камил Клисински, виш соработник во Варшавскиот Центар за источни студии.

Пост-изборната акција на Лукашенко, вклучително и принудното пренасочување на летот на „Рајанер“ во Минск, за апсење на опозицискиот блогер Раман Пратасевич и неговата девојка, руската државјанка Софија Сапега, го оттурна Лукашенко од Западот и цврсто го врати во рацете на Кремљ.

Висока цена за плаќање?

Американската амбасадорка во Белорусија Џули Фишер, на која ѝ беше одбиена виза за да ја преземе својата функција, во Сенатот во јуни изјави дека Лукашенко, откако ја презеде власта пред повеќе од две децении, постојано го отстапува белорускиот суверенитет на Русија за лична корист.

Лукашенко ги обвинува САД за заговор за атентат

„Додека Лукашенко останува на власт, Белорусија е под закана од апсорпција од Русија, со страшни последици за луѓето во Белорусија, нивниот глас, нивната култура и нивниот идентитет“, рече Фишер во Комитетот за надворешни односи на 9 јуни.

Циханускаја на истото сослушување рече дека Лукашенко ја претвора Белорусија „во Северна Кореја на Европа: „нетранспарентна, непредвидлива и опасна“.

Лукашенко е категоричен дека секој договор нема да доведе до губење на суверенитетот. „Денес, ние сме толку образовани и паметни што без губење на суверенитетот ниту на Русија, ниту на Белорусија, можеме да изградиме такви односи“, рече тој во август. Лукашенко, исто така, изјави дека договорот за унијата може да биде потпишан во октомври или ноември.

Унијата можеби сѐ уште е далеку?

Сепак, аналитичарите се скептични. „Сите сме слушале многу пати различни изјави за тоа дека договорите за интеграција ќе бидат потпишани во блиска иднина“, изјави аналитичарот Андреј Казакевич за Белоруската служба на РСЕ, наведувајќи:

„Не мислам дека ќе се потпишат какви било „патокази“ што сериозно го ограничуваат суверенитетот на Белорусија, но Русија го користи процесот за да го зголеми своето влијание врз Белорусија, кое веќе е и онака е доста силно“.

Политичкиот аналитичар Артсиом Шрајбман од Московскиот центар Карнеги центар пак смета дека иако Путин во 2019 година вршеше притисок за да се постигне договор, сега можеби не е толку желен за тоа, со оглед на „радикалните промени“ во Белорусија.

„Може да се прогласи за успех во преговорите за продлабочување на интеграцијата, но секој сфаќа дека Лукашенко никогаш нема да се согласи да стане гувернер на руска провинција. И ако биде натеран, нема тоа да го поддржи белорускиот народ и нема да го признае Западот, со оглед на проблемите на Лукашенко со легитимитетот“, оценува Шрајбан.

За аналитичарот Клисински пак договорот за унијата е последната карта што Лукашенко може да ја игра со Кремљ и затоа е малку веројтано да се откаже од таа карта. „Лукашенко со предавање на најскапиот имот - независноста на Белорусија - ќе биде многу помалку важен за Москва, а потоа Кремљ би можел да го замени со некој психички постабилен и попредвидлив лик“, вели Клисински.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG