Пензија на 67 години - спас за ПИОМ или удар за работниците?

Илустрација

Може ли пензискиот систем да се спаси од крах со зголемување на старосната граница за пензионирање? Фискалниот совет предлага таква мерка, велејќи секоја година бројот на пензионери е поголем за најмалку 1.500 нови, а иселувањето на младите ги намалува приходите во Пензискиот фонд. Синдикатите се жестоко против.

Одржувањето на Пензискиот фонд на Северна Македонија е под ризик поради трендовите на стареење на населението и емиграцијата на младите, поради што е потребно зголемување на старосната граница за пензионирање. До овој заклучок дојде Фискалниот совет – независно државно тело формирано од Собранието што изработува анализи за фискалните претпоставки и фискалната стратегија.

Се предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години за мажи и за жени.

„Доколку не се преземат итни мерки, пензискиот систем може да стане неодржлив, што ќе доведе до дополнителни фискални ризици“, предупредуваат од Советот.

Засега овој предлог за следната 2025 година не е усвоен во Собранието, а Владата наведе дека во моментов не размислува за зголемување на старосната граница и дека прават се за да ја стабилизираат состојбата во Пензискиот фонд.

Видете и ова: Пензија плус заштеда е единствен „рецепт“ за мирни пензионерски денови на Балканот

Предлогот наиде на жестоки критики од синдикатите кои зголемувањето на старосната граница за одење во пензија го сметаат за непопуларна мерка, која особено ќе ги погоди работниците во индустријата, градежништвото, земјоделието, производството.

Од друга страна, експерти во земјава и претходно предупредуваа дека одржувањето на Фондот за пензиски и инвалидско осигурување (ФПИОМ) ќе биде предизвик, особено поради негативните трендови, но и по последните најави за покачувања на пензиите.

Академик Абдулменаф Беџети, кој е член на Фискалниот совет во изјава за медиумите вели дека предлогот меѓу другото е направен и поради зголемувањето на векот на живеење на населението во земјава.

Неодамнешни податоци на Светската банка покажуваат дека очекуваниот животен век кај жените е 77,6 години, додека кај мажите е 73,6 години.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ќе може ли ПИОМ да го издржи зголемувањето на пензиите?

Работниците ќе платат за лошите политики

Реакциите за поместување на старосната граница за одење во пензија се поделени.

Предлогот за зголемување на старосната граница е очекуван, како што вели и новинарот Горан Теменугов, кој додава дека тоа е логичен след на лошите политики на скоро сите досегашни влади кон ФПИОМ.

„Ако се исклучи само владата на Заев каде министерка за труд беше Мила Царовска која ја направи последната реформа која даде резултати за намалување на зависноста на Фондот од буџетот, сите влади пред и после тоа ги користеа пензиите за купување гласови и трошеа далеку повеќе од реалното. Затоа дојде време за наплата на лошите политики“, вели Теменугов.

Видете и ова: Повисоки пензии со нови заеми или зголемување на старосната граница

Во моментов старосната граница за пензионирање е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж. Просечната пензија изнесува 21.287 денари, што е 346 евра и е помала од минималната плата од 367 евра.

Со 337 илјади приматели на пензии на 687 илјади вработени, сегашниот сооднос меѓу вработени и пензионери е 2 спрема 1, според официјалните статистички податоци на Државниот завод за статистика и на Министерството за труд и социјална политика.

Од Фискалниот совет велат дека секојa година бројот на пензионери се зголемува за 1.500 до 1.700 нови, додека растечката емиграција на младите ја намалува основата за собирање придонеси.

Намалување, а не зголемување на границата?

Но и покрај тоа, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот на УПОЗ тврдат дека е потребно спротивна реформа: предвремено пензионирање, наместо зголемување на пензиската граница.

„Ваквите предлози ги избркаа младите работници, а некој сериозно сака да ги избрка и постарите работници од Македонија“, велат од ССМ.

Синдикатите реагираат дека предлогот за зголемување на границата за одење во пензија на 67 години е „апсолутно неразумен и неприфатлив“, како што вели Трпе Деаноски од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

„Напротив, УПОЗ и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) отсекогаш преговарале за намалување на старосниот праг за заминување во пензија и за изнаоѓање на решенија за предвремено пензионирање“, вели Деаноски.

Видете и ова: Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите

Постепено зголемување и на придонесите

Покрај зголемувањето на старосната граница, Фискалниот совет препорачува постепено зголемување и на придонесите за пензиско осигурување.

Се предлага да се зголеми стапката за пензиско осигурување, од сегашните 18,8 проценти на 19,5, и постепено да расте до 21 процент до 2029 година.

Зголемувањето на придонесите би дошло по направена анализа во 2027 за фискалната одржливост на Фондот на ПИОМ.

Зголемување на границата за дефицитарни дејности

Од Организацијата на работодавачи сметаат дека границата за пензионирање за мажи и жени не треба да биде иста, како што вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата. Ако се прави реформа, жените, според него, треба да одат во пензија на 65 години, а мажите на 67.

Исто така, додава дека за бизнисот и работодавачите е важно ако реформата се ограничи на дефицитарни дејности и на работници со специфични технички познавања.

„Статистиката покажува дека од околу 900 илјади работоспособно население, само 54 отсто е реално вработено, тоа значи законски и евидентирано, а останатиот дел е вклучено во некакви активности кои не се регулирани и се дел од сивата економија. Подобро е да се работи на политики за поттикнување на вработувања и формализирање на работата и бизнисите, отколку тоа да се однесува на целата економија“, вели Бошков.

Видете и ова: Работниците бараат повисоки плати, владата нуди минимални корекции

ОД Сојузот на синдикати велат дека потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање: со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде работниците работат во тешки услови, штетни по нивното здравје. Исто така старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст и можност за докуп на стаж, велат од ССМ.

Од таму критикуваат дека со предлогот нема да се решат структурните проблеми, туку дека продолжувањето на возраста за пензионирање сметаат дека е само за потребите за покривање на дефицитот во Пензискиот фонд.

„Потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места кои ќе бидат резултат нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и намалување на сиромаштијата“, велат од ССМ.

Различни реакции во јавноста

Зголемувањето на старосната граница за пензионирање и придонесите предизвика мешани реакции кај јавноста. Дел од граѓаните во реакциите на социјалните мрежи го гледаат како неопходен чекор за стабилизација на системот, додека други го доживуваат како дополнителен товар врз веќе напорниот работен век.

Сепак не е само населението во Северна Македонија кое брзо старее. Во земјите во Европа трошоците се повеќе за пензии, додека владите сакаат да ја зголемат старосната граница за пензионирање.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека над една петтина од населението на Европската унија е на возраст од 65 или повеќе години, бројка што се очекува да достигне една третина до 2050 година.

За справување со зголемени трошоци за пензии, неколку земји на ЕУ најавија промени на пензиски системи, вклучително и на зголемување на возраста за пензионирање.

Франција изминатиов период се соочи со повеќемесечни протести поради плановите на властите работниците да се пензионираат на 64 години, од сегашната граница на 62 годишна возраст.

Во Холандија возраст за пензионирање е 67 години откако постепено беше зголемена од 65 години во 2012 година.

Во Италија, реформа беше усвоена кон крајот на 2011 година, со што постепено се зголеми законската возраст за пензионирање на 67 години.

Германија и Шпанија постепено ја зголемуваа законската старосна граница за пензионирање, која треба да биде 67 години до 2027 година, со исклучоци за долгогодишни работни кариери над 38 години и 6 месеци.