Пад на слободата на интернетот во светот 13-та година по ред

Фридом хаус ги наведува Мјанмар и Иран како најдрастични случаи, чии авторитарни режими егзекутирале луѓе поради искажување на нивните ставови на интернет

Слободата на интернетот во светот се намалува веќе 13-та година по ред, се наведува во извештајот на Фридом Хаус. Според извештајот ситуацијата се влошила во 29, а се подобрила во 20 земји.

И додека развојот на вештачката интелигенција обезбедува придобивки, таа исто така се користи за зајакнување на дигиталната репресија. Фридом Хаус истакнува дека владите користат автоматизирани системи за зајакнување на контролата на информациите и цензурата на интернет.

Во исто време, дистрибутерите на дезинформации посегнуваат по алатки за вештачка интелигенција за дополнително да ги заматат границите помеѓу реалноста и измамата.

Фридом Хаус забележува дека иако иновациите во вештачката интелигенција придонеле за опаѓање на слободата на интернет, постарите форми на дигитална репресија продолжуваат да се шират.

Најголем пад е забележан во Иран, бидејќи властите ги затворија услугите на интернет и ги блокираа социјалните медиуми за да ги смират антивладините протести, додека пак Кина ја задржа титулата најлоша средина за слобода на интернет во светот, деветта година по ред.

Во рекордни 55 од 70 земји (што сочинуваат 88 отсто од интернет корисниците во светот) опфатени со извештајот, луѓето биле затворани или на друг начин прогонувани поради изразување на нивните политички, социјални или религиозни ставови, а во 41 земја многумина биле физички нападнати или убиени поради коментари на интернет.

Најдрастични случаи се Мјанмар и Иран, чии авторитарни режими егзекутираа луѓе под кривични пријави за искажување на нивните ставови на интернет.

„Вештачката интелигенција може да се користи за зголемување на цензурата, надзорот и ширењето на дезинформации. Ова е критично прашање за нашето време, бидејќи човековите права на Интернет се клучна цел на денешните автократи“, изјави Мајкл Џеј Абрамовиц, претседател на Фридом Хаус.

Видете и ова: Новинарството блокирано во над 130 земји

Абрамовиќ посочува дека демократските држави треба да го зајакнат регулирањето на вештачката интелигенција со цел да се обезбеди поголема транспарентност, ефективни механизми за следење и да се даде приоритет на заштитата на човековите права.

Најголем пад на слободите во Иран

Најголем пад на скалата од 100 точки во извештајот има во Иран (-5), потоа Филипините (-4), Белорусија (-3), Костарика (-3) и Никарагва (-3).

Со доаѓањето на „чет-ботовите“ овозможени од вештачката интелигенција, борбата против бранот сурова дигитална репресија започна низ целиот свет.

Никаде не е поочигледно како во Иран. Откако смртта на Макса Амини во притвор предизвика протести низ целата земја во септември 2022 година, режимот повремено ја ограничуваше интернет-врската и ги блокираше платформите WhatsApp и Instagram, единствените меѓународни платформи за социјални медиуми достапни во земјата.

Но, државната репресија не беше ограничена само на протести: две лица беа егзекутирани за наводно богохулење откако ги споделија своите ставови за религијата на Телеграм.

Најтешката е ситуацијата во Кина

„Насилните мерки против слободата на изразување станаа рутина во Кина, која ја задржа титулата најлоша средина за слобода на интернет деветта година“, се наведува во извештајот на Фридом Хаус.

Меѓу многуте затворени поради искажување на своите ставови на интернет е и истакната граѓанска активистка и блогерка Су Жијонг, која беше осудена на 14 години затвор во април 2023 година.

„Во меѓувреме, цензорите ги бришат критиките за забавената кинеска економија и дискусиите за одобрување на трет претседателски мандат за Кси Џинпинг. И покрај таквата интензивна репресија, кинескиот народ покажа инспиративна издржливост“, истакнува Фридом Хаус.

Во ноември 2022 година, на пример, протестите поради смртоносниот пожар во Урумчи, засилени со пререстриктивните мерки на КОВИД-19, ескалираа во еден од најотворените предизвици за владејачката Кинеска Комунистичка партија (ККП) во последните децении, што предизвика ретки промени во владата политика.

Граѓаните користеа креативен јазик на социјалните мрежи за да ја избегнат цензурата, лансирајќи хаштагови како „А4“ и „вежба со бела хартија“ за да ги доловат празните листови хартија што ги држеа во знак на протест против екстремната цензура на Кинеската комунистичка партија.

Егзекуција на активисти во Мјанмар

Мјанмар беше втората најрепресивна средина во светот за слобода на интернет оваа година.

Под воена управа од државниот удар во 2021 година, корисниците на интернет во земјата продолжија да изразуваат поддршка за движењето на демократскиот отпор или да жалат за жртвите на насилството на хунтата, под голем личен ризик.

Војската и нејзините информатори користеа групи на Телеграм за размена на информации за дисидентите, дозволувајќи им на властите да ги идентификуваат, приведат, а во некои случаи и насилно да исчезнат.

Во најстрашниот случај, војската го егзекутираше истакнатиот активист Кја Мин Ју, попознат како Ко Џими, во јули 2022 година, откако го уапси за продемократски објави на социјалните мрежи. Официјални лица, исто така, го принудија последниот провајдер на интернет услуги во Мјанмар, кој имаше одреден степен на независност, да ги предаде средствата на компанија поврзана со државата во септември 2022 година, отворајќи го патот за цензура, без противење од приватниот сектор.

Бројот на земји каде што властите спроведуваат широко распространети апсења и изрекуваат повеќегодишни затворски казни за онлајн активности, нагло се зголеми во изминатата деценија, од 18 во 2014 година на 31 во 2023 година.

Изборите како фокус на дигиталната репресија

Во периодот пред и за време на изборите, многу актуелни функционери криминализираа широки категории на говор, го блокираа пристапот до независните сајтови за вести и наметнаа други контроли на протокот на информации за да обезбедат гласови во нивна корист.

Пред изборите во Камбоџа во јули 2023 година, преку кои долгогодишниот премиер Хун Сен направи трансфер на власта на неговиот син, властите го блокираа пристапот до медиумите како што се Радио Слободна Азија, Гласот на демократијата и Камбоџа дејли, дополнително зацврстувајќи ја контролата на режимот.

Видете и ова: Информациската војна создава поделеност во јавноста

Турската влада, предводена 20 години од Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот, донесе репресивен закон за дезинформација, а потоа го употреби против новинари и опозициски фигури пред општите избори во мај 2023 година.

Во ноември 2022 година, додека тунискиот претседател Каис Саид се подготвуваше за првите избори според новиот устав кој во голема мера ја прошири неговата моќ, властите се заканија на независнаta веб-страница за вести и го приведоа нејзиниот директор поради извештаите кои ја критикуваа владата.

Новоизбраните лидери, исто така, се обидоа да ја преобликуваат онлајн околината во нивна полза.

Филипините го претрпеа вториот најголем пад на слободата на интернет оваа година. По победата на минатогодишните избори, претседателот Фердинанд „Бонгбонг“ Маркос Џуниор, син на диктатор од времето на Студената војна, потпиша закон во октомври 2022 година со кој се бара од сите Филипинци да ги регистрираат своите СИМ-картички под нивните вистински имиња, поткопувајќи ја анонимната комуникација во опасна средина за новинари и активисти.

Маркос, исто така, остави во сила наредба за блокирање со која се ограничуваат 27 веб-страници, вклучително и неколку вести познати по критичкото известување.

Улогата на приватниот сектор во ширењето на руската пропаганда

Владините претставници развија мрежи на приватни актери кои се подготвени да шират лажна и погрешна содржина. Рускиот приватен сектор одигра постојана улога во ширењето дезинформации за инвазијата на Украина минатата година.

Големата и софистицирана операција позната како „Doppelganger“ ги имитираше германските, американските, италијанските, британските и француските медиуми за да шират лажни и конспиративни приказни за европските санкции и украинските бегалци. „Doppelganger“ е поврзана со група компании и непрофитни организации кои имаат блиски врски со руските власти.

Сајбер Фронт З, друга руска мрежа, која се потпира на Телеграм за да ги задолжи коментаторите да споделуваат стотици објави дневно на други платформи, напаѓајќи ги критичарите на рускиот претседател Владимир Путин и промовирајќи антиукраинска пропаганда.

Видете и ова: Кремљ во голем обем присутен во онлајн просторот во Северна Македонија

Во исто време, Роскомнадзор, рускиот медиумски и телекомуникациски регулатор, бара од давателите на интернет услуги да инсталираат единствен, државен систем за длабока инспекција кој овозможува блокирање на веб-страниците низ целата земја.

Кремљ го користеше овој систем за да ги блокира глобалните платформи за социјални медиуми, украинските и домашните веб-страници кои содржеа какви било навестувања за несогласување со руската инвазија на Украина. Засилено е и блокирањето на руски сајтови со ЛГБТ+ содржина, како дел од поширокиот напад врз таа заедница во земјата.

Исланд е најдобрата средина за слобода на интернет

Исланд остана најдобра средина за слобода на интернет петта година по ред, а по неа е Естонија. Шри Ланка го забележа своето најголемо подобрување оваа година бидејќи властите повторно не ги блокираа социјалните медиуми како што направија во април 2022 година за време на масовните антивладини протести.

Иако Гамбија сè уште е рангирана како делумно слободна, таа го забележа најзначајното подобрување во слободата на интернет во изминатата деценија.

Исто така, усогласената политичка акција против технологијата за шпионски софтвер продолжи со континуирана поплава од откритија за степенот до кој бранителите на човековите права, новинарите и владините службеници беа цел на овие алатки.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се појави како глобален лидер во март 2023 година кога издаде извршна наредба со која им се забранува на федералните агенции да користат комерцијален шпионски софтвер што претставува закана за националната безбедност или контраразузнавање, или што може да го користат странски влади за кршење на човековите права или таргетирајќи ги Американците.

Предлози за блокирање на Тикток во Франција и САД

Некои демократски влади кои традиционално ја бранат слободата на изразување размислуваа или наметнаа цензура, често наведувајќи ја загриженоста за странско мешање, измама и безбедноста на интернет.

Францускиот закон воведен во мај 2023 година бараше од пребарувачите, а не од давателите на интернет услуги, да блокираат веб-страници кога тоа ќе го побара административно тело, наспроти судски налог.

Еден месец подоцна, загриженоста за прекумерна цензура повторно беше покрената кога претседателот Емануел Макрон предложи блокирање или забрана на Снепчет, Тикток и другите услуги што ги користат помладите луѓе поради протестите и насилството што следеа по полициското убиство на алжирски тинејџер.

„Иако не се спроведени такви ограничувања, реторичкото одобрување на демократскиот лидер за блокирање на социјалните мрежи како одговор на протестите може да помогне да се легитимира цензурата на глобално ниво“, се наведува во извештајот на „Фридом Хаус“.


Некои политичари и американски држави се залагаат за целосна забрана на Тикток, во сопственост на кинеската технолошка компанија ByteDance, наведувајќи ги потенцијалните закани за националната безбедност и ризикот кинеската влада да пристапи до личните податоци на Американците.

Монтана стана првата држава што донесе закон кој, почнувајќи од јануари 2024 година, ги принудува компаниите како Apple и Google да ги спречат нејзините жители да преземаат Тикток од нивните продавници за апликации.

Од неговото усвојување во мај 2023 година, законот се соочи со уставни предизвици. Во меѓувреме, на федерално ниво, предложеното законодавство ќе го овласти претседателот Џо Бајден да го забрани Тикток на национално ниво.

Технологијата не може да го замени управувањето

Се чини дека компаниите пресметуваат дали можат да користат вештачка интелигенција за да надоместат за намалувањето на стручни лица, дури и во услови на соочување на проблемите кои произлегуваат од самата вештачка интелигенција.

Технологијата не може да биде замена за менаџментот. Повеќето модели со вештачка интелигенција се многу непроѕирни, зависни од обработка на милијарди податоци и ефективно контролирани од неколку компании кои откриваат малку за нивниот развој и обука.

Нивната неразбирлива структура во основа е во спротивност со демократските вредности како што се транспарентноста, пропорционалноста и отчетноста, а нивните информации често се жаришта на потенцијална пристрасност.

Компаниите што создаваат или спроведуваат системи за вештачка интелигенција, од најновите стартапи до најефикасните гиганти, треба да негуваат разбирање за претходните напори за зајакнување на одговорноста на социјалните мрежи.

„Но, со оглед на природната тенденција на приватниот сектор да се фокусира на остварување профит, неговите производи со вештачка интелигенција бараат надзор од информирана јавност, глобална група на граѓански организации и овластени регулатори“, истакнува Фридом Хаус.

Вештачката интелигенција може да помогне во борбата против автократијата

Извештајот ги повикува креаторите на политиките и нивните партнери од граѓанскиот и приватниот сектор да направат повеќе за да ја заштитат севкупната слобода на интернетот, особено кога технологијата за вештачка интелигенција ги зајакнува силите кои го предизвикуваат повеќегодишниот пад.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Алатки за вештачка интелигенција - револуција или ризик за образованието

„Ефикасната одбрана на слободата на Интернет бара не само развој на системи за управување со вештачка интелигенција, туку и елиминирање на долгогодишните закани за приватноста, слободното изразување и пристапот до информации кои ја нагризија пошироката дигитална средина“, наведува Фридом Хаус.

„Кога е дизајнирана и употребена безбедно и правично, вештачката интелигенција може да им помогне на луѓето да избегнат авторитарна цензура, да се спротивстават на дезинформациите и да документираат кршење на човековите права“, рече коавторот на извештајот, Али Фанк.

Таа вели дека лекциите што ги научивме заедно од изминатата деценија од дискусиите за политиката на интернет во врска со државниот надзор, потребата за силен глобален ангажман на граѓанското општество и проблемот со прекумерното потпирање на саморегулација, обезбедуваат ветувачки патоказ за оваа нова ера.

Потребни се силни стандарди

За да ја заштитат слободата на Интернет, поддржувачите на демократијата мора да ги приспособат научените лекции од претходните предизвици и да ги применат на вештачката интелигенција.

Преголемото потпирање на демократиите на саморегулација од страна на приватни компании ги остави човековите права ранливи на различни закани во дигиталната ера, а кратењето на ресурсите во технолошкиот сектор може да го влоши овој недостаток.

„Со цел да се заштити слободниот и отворен интернет, креаторите на демократската политика, кои работат рамо до рамо со експертите на граѓанското општество од целиот свет, треба да воспостават силни стандарди засновани на човековите права за државните и недржавните актери кои развиваат или применуваат алатки за вештачка интелигенција, вклучително и силни транспарентност и независен надзор“, се вели во извештајот на Фридом Хаус.