Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бара нападите врз новинарите да бидат третирани како напад врз службено лице, вели претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски. Тој посочува дека постои таква верзија на закон и дека конечно треба да биде усвоена.
„Се надеваме дека во наредниот период [законот] ќе биде донесен“, вели Чадиковски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Според Чадиковски, донесувањето на законот е потребно бидејќи, како што вели, во моментов државата не ги решава нападите и заканите врз новинарите, а таквите случаи не добиваат институционална и судска завршница.
„Лани од 16 случаи само еден беше решен, што навистина ги охрабрува понатаму сите оние насилници и заканувачи да продолжат, најчесто преку социјалните мрежи, но некогаш и физички, да се закануваат или да напаѓаат новинари“, вели Чадиковски.
На потребата од усвојување на измени во Кривичниот законик со цел новинарите да добијат поголема заштита, уште од 2017 година укажува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
ССНМ нагласува дека новинарите и медиумските работници треба да добијат зголемена заштита во извршувањето на професионалните обврски, слично како официјалните лица во вршењето на службените дејствија.
Препораките на Синдикатот се да бидат воведени нови кривични дела во Кривичниот законик, како „спречување на новинарите во извршувањето на професионалните задачи“ и „напад врз новинарите во извршувањето на професионалните обврски“, односно да бидат дополнети постојните кривични дела „Тешко убиство“ и „Тешка телесна повреда“ кои може да придонесат за одвраќање на потенцијалните сторители на вакви напади во иднина.
„Таквата заштита ќе биде во согласност со меѓународните и европските стандарди и практиката на Европскиот суд за човекови права“, наведуваат од ССНМ.
Во анализата на ССНМ се вели дека загрижува зголемениот број на убиени или нападнати новинари на глобално ниво, а оттаму посочуваат дека и на локално ниво мал е бројот на истраги кои завршуваат со казни за напаѓачите.
„Сето ова создава атмосфера на страв и несигурност во работата на нашите колеги. Настаните на 27 април 2017 година при упадот во Собранието се најдобар доказ за положбата и третманот на новинарите во Македонија. Тие тогаш беа цел на напад токму затоа што се новинари и беа спречени да ја извршуваат својата работа“, се вели во анализата на ССНМ.
Дека со усвојување на измените во Кривичниот законик новинарите ќе бидат посигурни, смета и Жанета Трајковска од Институтот за комуникациски студии.
„Напад врз службено лице се третира поинаку во Кривичниот законик, отколку напад врз новинар кој си ја врши својата должност. Дефинитивно новинарите ќе бидат посигурни. Напади врз новинари најчесто има кога се следат одредени демонстрации, протести или митинзи“, вели Трајковска.
Македонија во моментов е рангирана на 92-то место на Светската листа на слобода на медиумите. Претседателот на ЗНМ Чадиковски смета дека непостапувањето за нападите врз новинарите е само една причина за слабиот напредок во рангирањето на земјата, која бележи подобрувања за две места во однос на минатата година. Меѓу другите причини, според Чадиковски, е опстојувањето на спрегата меѓу бизнисот, политиката и медиумите и поради структурата на медиумската сцена во земјава со многу медиуми на мал пазар за реклами, со што медиумите немаат доволна слобода во процесот на креирање вести, вели тој.
На 3 мај ќе биде одбележан Светскиот ден на слободата на печатот кој треба да биде потсетник за владите да ја почитуваат слободата на медиумите, но исто така е ден кога врз медиумските професионалци се рефлектираат прашањата за слободата на медиумите и професионалната етика. На Светскиот ден на слободата на печатот треба да се потенцира поддршката на медиумите кои се цел на ограничувања или укинувања на нивните слободи, но и ден за сеќавање на новинарите кои ги загубија животите работејќи ја новинарската работа.