Украинската криза отвори многу прашања за последиците што конфликтот ќе ги предизвика во Европа и светот, особено за опасноста од негово проширување. Во оваа насока Европската унија деновиве изрази загриженост дека Русија може да почне да влијае врз демократските процеси во други земји, вклучително и во Западен Балкан.
Европскиот Парламент на 1 март гласаше за резолуција за „руската агресија врз Украина“, во која Точка 32 се однесува на Западен Балкан, а особено на неусогласувањето на Србија со санкциите на ЕУ кон Русија.
ЕП во Точка 32 од резолуцијата „со голема загриженост забележува на постојаните напори на Руската Федерација за дестабилизација на земјите од Западен Балкан и мешањето во нивните демократски процеси.“
Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел претходно изјави дека ЕУ е загрижена за она што може да се случи во целиот регион и дека Русија нема да запре во Украина.
„Руското влијание може да почне да функционира во соседните земји Молдавија и Грузија, а исто така ќе има влијание на Западен Балкан. Затоа мора да посветиме многу внимание на она што се случува таму“, рече Борел.
Борел додава дека ЕУ мора да остане будна за влијанието на кризата во Западен Балкан и дека мора да погледне што се случува на позицијата на усогласувањето на земјите кандидатки од Балканот со надворешната политика на Унијата.
Радио Слободна Европа разговараше се експерти за последиците со кои може да се соочат земјите од регионот, вклучително и Македонија.
Генералниот секретар на Евро-атлантскиот совет на Северна Македонија Илија Џугуманов вели дека земјава веќе се соочува со енергетска криза која, според него, има економски и безбедносен аспект, но посочува дека еден од најголемите предизвици за земјите од Балканот ќе биде руското влијание врз јавното мислење.
„Јавното мислење е многу поларизирано, не само во нашата земја, туку во целиот регион. Оваа информациска војна, која е засилена од двете страни, веќе креира еден компициран пејзаж за самата јавност и веќе гледаме се поголема поделеност на јавноста“, вели Џугуманов во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Тој додава дека предизвик за земјава, исто така, може да бидат ранливите демократски институции, односно „големата партизираност на јавната администрација.“
„Покрај јавноста и институциите, сметам дека тука доста ранлив е и информацискиот простор“, вели Џугуманов.
Ситуацијата во Украина претставува сериозна закана за Европа, вели професор Методи Хаџи Јанев, но сепак, тој во овој момент не очекува да има директни безбедносни ефекти врз Балканот.
„Очекувам дека ќе има сериозни економски ефекти врз Балканот, но ако ситуацијата ескалира и понатаму, можни се лоши сценарија, особено во ранливите делови, условно таканаречени замрзнати конфликти, каде работите не се докрај завршени и проектите се на некои „стаклени нозе“. Зборувам за мирот во Босна, дел од Косово и сето тоа може да има во најлош курс на акција, иако не гледам дека во оваа фаза ќе има некој посебен проблем таму“, вели Хаџи Јанев.
Македонија за украинската криза постапува според одлуките кои ги носат ЕУ и НАТО: воведе санкции кон Русија, забрани руски летови, а исто така Владата им укажа на кабелските оператори да ги исклучат руските канали.
Русија се закани дека ќе има последици за оние кои воведоа санкции. Инаку, Русија уште во 2018 година, пред Македонија да стане членка на НАТО, предупреди дека членството на земјава може да има негативни последици за регионалната безбедност и дека проширувањето на НАТО „претставува можеби најсериозен предизвик за општата европска стабилност и безбедност“.
Масовната руска инвазија на Украина започна на 24 февруари и веќе влезе во втората недела. Рускиот претседател Владимир Путин ја започна воената операција, откако претходно ја призна независноста на Доњецк и Луганск.
Путин рече дека „специјалната“ операција е за „демилитаризација“ на својот сосед, а тој ги предупреди другите земји дека секој обид за мешање во руската акција ќе доведе до „последици кои никогаш не ги виделе“.