Случајот со младата мајка Филимена Бошковска, која доби отказ среде породилно отсуство и барање да ги врати на државата парите од породилното, уште еднаш го отвори прашањето за заштитата на правата на бремените и тукушто породените жени.
Бошковска за РСЕ раскажува дека работела речиси до крајот на бременоста. Работодавецот бил информиран дека ќе замине на породилно отсуство. Регуларно си поднела документи до Фондот за здравствено осигурување(ФЗО), за исплата на деветмесечниот надоместок за плата додека е на породилно. И првите месеци се било во ред, но не за долго. Прво се соочила со подолго доцнење на исплатата за два месеци, за откако парите конечно и легнале на сметка да добие барање од ФЗО да ги врати назад за последниот месец, бидејќи била одјавена со отказ.
„Јас се збунив. Беше шок затоа што знам дека законски не смее да има отказ. И се јавив таму, они - тоа ти е, не можеш ништо. Секаде (ми велеа) не можеш ништо и почнав да праќам мејлови...Тоа е лавиринт. Еден ти вели повреден е Законот за работни односи, оди во Трудова(инспекција). Трудова - до тука ни се ингеренциите и заглавуваш. Добиваш совети- плати адвокати и оди на суд ќе добиеш. А поената да докажуваш право кое е основно, нема логика“, вели Бошковска.
Откако тропнала на сите можни врати, решила јавно да зборува за проблемот. Вели дека среќа во несреќа е што ова и е второ дете, па го нема притисокот на тазе мајка, кој го имала со првото. Откако прозборела, сфатила дека многу жени веќе се соочиле до сличен проблем, па е решена правдата да ја истера докрај.
„Зошто да дојде до ова, зошто самата држава да не не заштити, и системот да не не заштити и да може да се провлече туку- така сето ова. И ќе се провлечеше ако не се објавеше јавно“, дополнува таа.
Законот забранува, ама и дозволува отказ на бремени жени
Законот за работни односи забранува отказ поради бременост, раѓање и родителство, но им дозволува на работодавците да вработуваат со договор на определено време, и да изберат да не им го продолжат овој договор на своите работнички. И Бошковска имала ваков договор, кој истекол додека била на породилно. Ама наместо надлежните само да го констатираат, и да продолжат со исплата на парите, дозволиле од фирмата електронски да ја одјават од Агенцијата за вработување, но со друг основ - отказ.
Во првиот случај, како што појаснува професорот по трудово право Лазар Јовевски, исплаќањето на породилното продолжува, во вториот - не, што според него во овој случај е „крајно парадоксално и иронично“.
Инаку Законот за работните односи ја остава можноста за отказ за исклучоци, кога работничката направила сериозни прекршувања во својата работа.
Како професор на Правниот факутет во Скопје, Јовевски и самиот се заинтересирал за случајот со Бошковска. Вели дека вакви „грешки“ се случуваат и многу жени не знат како да постапат бидејќи сите креваат раце. Тој смета дека и Агенцијата и Фондот знаат за проблемот, ама тие само констатираат престанок на работен однос без навлегување во причините, па затоа сега правдата треба да се бара или на суд, или пак преку Инспекторатот за труд.
„Јас се надевам сега дека Трудовиот инспекторат ќе постапи како што треба, дека ќе задолжи, ќе направи одредени насоки во однос на коригирање на правниот основ во АВРМ. Постапување на Трудов инспекторат не беше на ниво на задачата. Ова не смее така да биде“, вели професорот.
Кога жената е на породилно отсуство, тогаш надоместокот е на товар на државата, односно го исплаќа ФЗО. Висината на надоместокот е 100% од платата, а максималниот износ кој како надоместок што може да го добие осигуреното лице е 4 просечни плати. За трудницата пак да има право на него, треба да биде вработена најмалку 6 месеци, и да и бидат платени придонесите.
Така, во 2021 година, ваков надоместок земале помалку од 10.000 од над 322.000 вработени жени, за што од државниот буџет биле потрошени 47 милиони евра. Бројот на вработени жени драстично заостанува во однос на мажите, кои држат 60% од работните места во земјава, според податоците на Државниот завод за статистика.
Заштитата на бремените жени како „ветер во магла“
Претседателката на здружението за работнички права „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева вели дека состојбата на терен е алармантна, а случајот до Бошковска го потврдува тоа. Потсетува дека пред помалку од еден месец, алармираа за уште еден случај со бремена жена, на која работодавачот не и го продолжил договорот на определено, откако бил информиран за нејзината состојба.
„И владата, и министерството кога велат ги заштитуваме бремените жени, тоа е продавање ветер во магла“, децидна е активистката.
Прстот го вперува во две работи. Прво во можноста работодавачите сами да влегуваат во системот на Агенцијата за вработување и да прават одјава на вработени по било кој основ, а второ тоа што законот дозволува престанок на договорите за определено време и за време на бременост.
„Треба да направиме почовечен закон кој нема да ги дискриминира бремените жени. Не ми е гајле за каков договор се работи. Срамота е“, додава Ампева.
Од Минстерството за труд и социјална политика подолг период го најавуваа носењето на новиот закон за работни односи, кој меѓудругото ќе предвидува породилно отсуство и за татковци, но и договорот за вработување на определено да може да се склучи најмногу за непрекинат период до две години. Сепак, според Мрежата за заштита од дискриминација, две години се долг период во земја каде договорите на определено време се секојдневна пракса, а нивното непродолжување е најчестиот начин на дискриминација на бремените работнички.
И професорот Јовевски смета дека голем дел од проблемот лежи токму во овие договори, па е дециден дека тие треба да се користат само во случаи кога е потребен вонреден ангажман на работници. Но настрана од тоа, забележува тој, имаме уште поголем проблем, имплементацијата на самите закони.
„Имаме проблем со праксата, со свесноста, зрелоста, со трудовите инспектори колку се брзи и ефикасни, дали треба некој да ургира за работата да биде завршена како што треба. Кај луѓето имаме предизвици“, вели тој.
ФЗО: Фондот нема правен основ да ја продолжи исплатата
РСЕ испрати прашања и до Инспекторатот за труд, но до објавувањето на текстот не добивме одговор до каде е нивната постапка во случајот со Бошковска. Од Агенцијата за вработување велат дека формирале тим кој проверува што се случило, како и дека ако грешката е кај нив, веднаш ќе реагираат. И од ФЗО потврдуваат дека се запознаени со случајот.
„Притоа во овој случај и покрај тоа што осигуреничката имала засновано работен однос со договор на определено време кога го отворила породилното отусуство, работниот однос не и прекинал поради истек на договорот туку поради отказ од страна на работодавецот и поради тоа Фондот нема правен основ да ја продолжи исплатата на надоместокот на плата до истекот на породилното отсуство, односно нема основ да го примени членот 170 од ЗРО“, посочуваат од ФЗО.
Додаваат и дека согласно одредбите на Законот за општата управна постапка, осигуреничката против решението за запирање на испатата на надоместок на плата има право да поднесе жалба во рок од 15 дена по приемот, до Министерот за здравство.
Бебето на Бошковска веќе направи пет месеци. Алармот дека има проблем, го пратила на самиот почеток на февруари. Два месеци подоцна, под притисок на јавноста се надева на решение, за да не треба и други жени да минуваат низ истите лавиринти.