По десет години борба, откажувањето на концесиите за малите хидроцентрали Жировничка 5 и 6 активистите и жителите го сметаат како значајна победа во битката за заштитата на Националниот парк Маврово.
Додека конечната одлука сè уште се чека од државата, од граѓанското здружение „Еко-свест“ сметаат дека една од последните нивни кампањи „Маврово без хидроцентрали“ одржана во декември 2023 година дала позитивен резултат.
Државните институции неколку месеци по кампањата одлучуваат да ги одземат концесиите за овие две хидроцентрали, но раскинувањето ќе биде конечно откако Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ги договори условите за финансиско обештетување на инвеститорите.
„Дефинитивно тоа ќе го сметаме за победа, но истовремено сега имаме и други процеси. Владата на неодамнешна седница продолжила концесии за неколку хидроцентрали, од кои една е на територијата на Националниот Парк Шар Планина“, вели за РСЕ Ѓорги Митревски од „Еко-свест“.
Видете и ова: Општина Маврово ги поништи дозволите за хидроцентралите на ЖировничкаРадио Слободна Европа побара одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) до каде е процесот на конечното раскинување на концесиите за Жировница 5 и 6, од каде велат дека овие две хидроцентрали „нема да се реализираат и тоа е она што е важно за Националниот парк Маврово“.
„Предлог за донесување на конечна одлука ќе биде доставен до Владата кога ќе бидат создадени услови за тоа“, велат од Министерството.
Десетици концесии без јавна расправа
Жителите на Жировница се противеа на изградбата на хидроцентрали во нивното село, стравувајќи дека со тоа ќе бидат загрозени изворите на вода за пиење кои ги користат околу 2.000 жители.
„Нашите извори од кои се напојуваме се веднаш под хидроцентралите каде што требаше да се градат“, вели Анес Мехмети, член на Месната заедница на Жировница.
Активистите и жителите велат дека државата досега давала концесии и дозволи за вакви проекти врз основа на елаборати, а не со изработена Студија за оценка на влијание врз животна средина, што е спротивно на праксата во ЕУ. Еко свст поради тоа поднесе иницијатива пред Уставен суд, бидејќи како што велат, преку механизмот на изработка на Студија, инвеститорите нема да можат да го избегнат прцесот на јавна расправа за градење на вакови проекти, како што е во случајот со изработка на елаборати.
„Како резултат на тоа ние ги имаме малите хидроцентрали и други инфраструктурни проекти, од коишто од 98 мали хидроцентрали една третина се во заштитени подрачја. Кој оценил дека внатре во национални паркови и заштитени подрачја инфраструктурни проекти не треба да бидат на увид на стручна јавност, вклучително дури ни институцијата што управува со заштитеното подрачје?“, прашува Митревски од „Еко-свест“.
Во 2015 година беа доделени концесиите во Жировница на локации во недопрената долина на реката, во букова шума – зона на паркот која е во строга заштита, регион во кој живеат Кафеавата мечка и Балканскиот рис.
Тоа беше период кога државата одобри бројни проекти за мали хидроцентрали во НП Маврово и на други локации во заштитените подрачја на земјата, кои во меѓувреме дел беа реализирани. Истиот тренд на одобрување на вакви проекти го следеа властите на земјите од целиот балкански регион: Албанија, Србија, БиХ...
Загриженоста за штетните последици на хидроцентралите во заштитените подрачја почна уште порано, во 2010 година. Таа година во Северна Македонија беа започнати десетици вакви проекти со воведувањето на јавно финансирање на обновливите извори на енергија преку усвојувањето на тогашната државна енергетска стратегија, која вклучуваше изградба на нови хидроелектрани. Јавното финансирање значеше воведување на повластени тарифи за производителите на струја од ваквите проекти и нивно субвенционирање кое го плаќаат граѓаните преку сметките за струја.
Сè уште активна концесијата на Рубничка
Граѓанските здруженија во земјава, како „Еко-свест“ и „Фронт 21/42“, постојано предупредуваа дека овие проекти не припаѓаат во националните паркови.
Така на иницијатива на граѓанските организации, во 2014 година беше отворен случај за малите хидроцентрали во Бернската Конвенција.
Бернската Конвенција е меѓународен договор за заштита на природата и животинските видови во Европа и е дел од правниот систем на Северна Македонија откако стана потписничка на Конвенцијата во 2002 година и со тоа се обврза да ги спроведува нејзините правила за заштита на природата.
Видете и ова: Милионски профити на сопствениците на хидроелектраните за сметка на граѓанитеБернската Конвенција даде препораки да не се градат вакви проекти во заштитени подрачја, но државата продолжи да дава концесии, вклучително и за хидроцентралите на Жировничка Река кои беа потпишани во 2015 година со „Хидроген Енерџи Груп“ – конзорциум на компаниите „Хидроген груп“ и „Фероинвест“.
Овој случај во јавноста доби уште поголемно внимание бидејќи еден од сопствениците на компанијата „Фероинвест“ беше Кочо Анѓушев, кој во 2017 година стана вицепремиер за економски прашања и формално се повлече од управувачките функции на неговоите фирми.
Но, неговиот брат, Тодор Анѓушев, остана управител на Фероинвест, која тогаш поседуваше околу една третина од сите мали хидроелектрани во земјата.
Иако концесиите за Жирвница беа доделени, проектите не беа реализирани во предвидените рокови, главно поради притисокот на жителите, актвистите и јавноста.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Наместо раскинување, Владата во 2018 година ги продолжи договорите за Жировница до јануари 2020 година на седница на која присуствуваше и Анѓушев, одлука што предизвика остри реакции во јавноста поради сомнеж за судир на интереси. Анѓушев се врати на чело на своите компании откако поднесе оставка од функцијата во почетокот на 2020 година.
И додека се чека на одлуката на Владата за конечно раскинување на концесиите за Жировничка, од „Еко-свест“ реагираат дека спротивно на препораките на Бернската Конвенција останува активна друга концесија на територијата на НП Маврово, за хидроцентрала на реката Рибничка.
Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција секоја година заседава во декември во Стразбур, а на почетокот на месецов повторно го разгледуваше случајот за Националниот парк Маврово и изградбата на хидроцентрали.
Министерството тврди - нема хидропроекти во заштитени подрачја
И сега една од главните препораки е воведување на забрана за изградба на хидроцентрали и итно раскинување на сите доделени концесии во заштитените подрачја.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање во одговорот за РСЕ велат дека забрана за изградба на хидроцентрали во заштитените подрачја е предвидено со Стратегијата за енергетика според која, како што наведуваат, не се разгледуваат хидропроекти во заштитени подрачја.
„Додека изградбата на нови мали хидроцентрали внимателно ќе се проценува за да се избегне ризикот од диспропорционално влијание врз животната средина во споредба со произведената електрична енергија“, велат од Министерството.
Видете и ова: Хидроцентралите мали, проблемите големиОсвен заштита на националните паркови, Бернската Конвенција препорачува и забрзување на постапката за репрогласување на Маврово за национален парк, како и да се направи ревизија и усвојување на акциски план за заштита на Балканскиот рис и усогласување на националните закони со меѓународните стандарди за заштита на природата.
Маврово е национален парк од 1949 година, но скоро 12 години чека репрогласување. Државата не успева да го донесе законот поради несогласувања околу дефинирањето на зоните за заштита на подрачјето кои треба да ги предложи Јавната установа НП Маврово, а да ги прифати Министерството за животна средина и просторно планирање.
Процесот треба да заврши со донесување на законот врз основа на изработена Студија за валоризација на неговите природни вредности. Подготовката на Студијата за валоризација е почната, но не е финализирана, а сè уште не е започната ниту изработката на Планот за управување со паркот.