За играта од забава да премине во зависност, потребен е само еден чекор, предупредуваат психолозите со кои разговараше РСЕ.
Со 48 издадени лиценци на компании за отворање на казина обложувалници и апарат-клубови, Северна Македонија стана земја во која речиси и да нема улица во сите градови на која не можете да најдете ваков објект. Казината, кладилниците не само што се отвораат на секој чекор, туку и масовно се рекламираат.
Според експертите, пак, онлајн коцкањето може да претставува уште поопасна варијанта бидејќи може да се игра без воопшто некој да го напушти домот.
Таков случај од работа со зависници токму од онлајн коцкање психијатарот Павлина Васкова сподели за РСЕ .
„Тоа е уште поголема опасност, пред некое време дојде едно момче кое имаше околу 20 години, го донесоа родителите бидејќи направил големи долгови и почнале да му се закануваат и така всушност и дознале родителите. Неговата мајка мислела дека нејзиното дете е примерно бидејќи тој постојано бил дома, не излегувал со другарите. Но, тој всушност играл преку телефон, онлајн се задолжувал и воопшто не излегувал од својата соба. Така што, тоа е уште полошо“, вели невропсихијатарот Васкова.
„Скриена“ помош понудена на сајтот на Лотарија
Таа е една од неколку лекари кои и Државната лотарија ги нуди како помош за одвикнување на играчите. Но многу тешко ќе да ја најдете на веб страницата на Лотарија. Во најдолниот дел од сајтот во рубриката „Најчесто поставувани прашања“, која пак за да ја најдете ќе ви бидат потребни најмалку 15 минути, постојат и предупредувања за тоа дека можеби играте премногу.
„Не играјте игри на среќа и забавни игри за да заборавите или да побегнете од емоционална или физичка болка. Едуцирајте се и запознајте се со знаците на проблематичното играње игри на среќа и забавни игри“, пишува на сајтот на приредувачот на игри на среќа Државна лотарија, каде во посебен дел – „Одговорно приредување игри на среќа и забавни игри“, се наведени совети и препораки за тоа како да препознаете дека играњето прераснало во завист.
Видете и ова: Деветнаесетгодишен кумановец ќе набавува апарати за коцкање за Државна лотаријаВо оваа рубрика, до која може да се дојде по подолги пребарувања на сајтот на Лотарија, играчите можат да си направат и „самоевалуација“, односно преку едноставни одговори на 20 прашања со „да“ и „не“ сами да заклучат дали „заглавиле“ со коцкање.
Доколку поголемиот дел од одговорите на прашањата се со „да“, тогаш Лотарија ги советува играчите да побараат помош, односно нуди бесплатни анонимни терапии со психолози и психијатри, кај кои можат да се закажат терапии на јавно објавениот телефонски број.
Овие психијатри и психолози се од хуманитарното советувалиште кое се наоѓа во просториите на Даре Џамбаз во центарот на Скопје, а каде зависниците од игри на среќа можат да закажат бесплатни терапии.
Советувалиштето пак, овие терапии им ги нуди на зависниците од коцка во соработка со државна видеолотарија на Македонија, Касинос Аустриа.
Помош за зависниците прво бараат семејствата
„Секој ден од понеделник до четврток функционира ова советувалиште, каде се работи анонимно и луѓето доаѓаат, имаме посетеност. Советувалиштето функционира со физичко присуство на пациентите, но има и СОС Линија која е достапна 24 часа“, вели психијатрот Оливера Суботин Поповска која го води советувалиштето во Скопје кое функционира во изминатите четири, пет години.
Суботин вели дека во споредба со почетоците, сега се зголемува бројот на зависници кои бараат помош, а во текот на бесплатните сеанси се работи со психолог, но и со социјален работник. Сепак, таа истакнува дека процесот на лекување од овој тип на завист оди бавно, а успешните примери се поретки.
„Третманот на зависност од коцка или компулсивното коцкање е долготраен процес при лекувањето и ефектот е да речеме минимален, бидејќи околу 20 до 30 проценти од зависниците успеваат да одржат една трајна апстиненција, меѓутоа се работи на тоа и настојуваме колку што може подолго да ја одржат таа апстиненција“, додава Суботин.
Видете и ова: Заштита на децата или стимулирање на нелегалното коцкањеНајчест симптом со кој се јавуваат зависниците е симптомот на „нарушен импулс“, објаснува за РСЕ психологот Абдула Тачи, кој работел во ова советувалиште во текот на првата година од неговото постоење.
„Тој нарушен импулс се јавува кога веќе играат подолго време, кај некои се лачат невротрансмитери, односно еден период се чувствуваат добро, но потоа кога ќе загубат почнува да им се јавува тоа чувство дека загубиле, па влегуваат во некој круг, почнуваат постојано да им доаѓаат мисли како да дојдат до пари, како да отидат таму. Најчесто во психологијата тоа е бегство од некој проблем или некоја напнатост во секојдневието и таму се обидуваат да побегнат, да направат некој друг проблем за да можат да се сносат со тоа“, вели Тачи.
Видете и ова: Алијансата за Албанците бара обложувалници и казина да има само во хотели со пет ѕвездиОд неговото искуство во работата со зависници од игри на среќа, Тачи објаснува дека главниот проблем е тоа што коцкарите вели најчесто се јавуваат кога ќе навлезат во сериозни проблеми, „а во најголем дел од случаите помош не бараат самите, туку нивното семејство“.
„Се јавуваат во крајна фаза, кога немаат ништо, но и најчесто не бараат тие помош, реткост е тие самите да се јават. Најчесто тоа го прави семејството, особено поради финансискиот аспект, кога загубиле по 30, 40 илјади евра или стан и тогаш веќе се собира семејството - тоа е „аларм-систем“ или развод или ќе се даде шанса и тука веќе ќе пробаат да побараат помош, но тоа е претешко, бидејќи се работи за тешка психичка зависност. Процесот оди доста бавно, со рецидиви, но ако се има волја и поддршка, би требало да има барем каков, таков успех“, додава Тачи.
Покрај индивидуални, се организираат и групни терапии
За зависниците од игри на среќа покрај можноста да закажат индивидуална терапија, понекогаш се случува да се организираат и групни терапии. Тоа се случува кога психотерапевтот кој работи со нив ќе процени дека на зависниците им треба „соочување“, вели невропсихијатарот Павлина Васкова, која е дел од ова советувалиште од самиот почеток и работи со зависници од игри на среќа.
Васкова објаснува дека е добро понекогаш зависниците кои штотуку прекинале со коцкањето да ги погледнат во очи оние кои подолго време успеваат да апстинираат. Нагласува и дека често се случувало во групните терапии да биде вклучено и семејството на зависникот.
„Значи покрај индивидуална, работиме и групна терапија, но групна терапија и со семејствата, значи не само со зависниците туку и со нивните семејства“, додава Васкова.
Видете и ова: Претреси за нелегални игри на среќа, одземени над 100 илјади евраЗависниците со кои работи Васкова најчесто бараат помош или во крајна фаза или тоа го прави некој член од нивното семејство. Како што посочува, тоа е долг и макотрпен процес, а процентот на целосно излекувани зависници не е поголем од 30 насто.
„Во принцип сите хронични болести па и коцкањето имаат еден принцип - „30 на 30 на 30 отсто“. Значи, некаде 30 проценти од нив, со првото доаѓање ако уште се на почеток и имаат поддршка од фамилијата, тие престануваат со коцкање и веќе никогаш во живот не се коцкаат. Другите 30 отсто, успеваат да апстинираат година, две три, некогаш и пет, но потоа нешто ќе се случи, ќе се изнервираат или ќе сакаат стан да купат, кола да купат, а им требаат пари, па научени на таков начин ако добиваат, знаат да направат после и години, години од апстиненција некој рецидив и да се вратат. И уште останатите 30 отсто, кај кои практично не успеваме, колку и да се трудиме, тоа е светска статистика не само наша, се труди фамилијата, трчаат по нив, но тешко се успева“, објаснува Васкова.
Онлајн игрите на среќа уште поголема опасност
Никој во државата не се занимава со проблемот на зависноста од коцкање, па нема никакви официјални податоци колку има зависници, дали воопшто се размислува за помош или пак стратегија против ширењето на овој порок.
Со новиот закон за приредувачите на игри на среќа во Северна Македонија кој неодамна помина во Собранието се најавуваше и намалување на бројот на обложувалници, казина и апарат-клубови. Според одредбите од овој закон, во рок од една година треба да се отстранат сите вакви објекти кои се наоѓаат во радиус од 500 метри од некое училиште или градинка.
Токму поради тоа, пазарот веќе започна помасовно да се сели во онлајн просторот и кај нас, а токму неодамна и Лотарија ја воведе можноста за онлајн играње.
Сепак, имплементацијата на овој закон од хартија во пракса барем засега нема да се случи, бидејќи претседателот Стево Пендаровски вчера не го потпиша Указот за стапување на законот во сила.
Од Кабинетот на Пендаровски образложија дека одлуката да не го потпише Указот е донесена врз основа на детална анализа на текстот на законот и на постапката во која што бил донесен, како и по спроведени консултации со делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.
Пендаровски го повика Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни.
Непотпишувањето на указот од Пендаровски значи дека во рок од 30 дена од неговото донесување, Собранието треба повторно да го разгледа законот. Ако во тој случај за законот повторно гласаат 61 пратеник, тогаш претседателот на државата Пендаровски е должен да го потпише.
Но, и со евентуално намалување на бројот на казина и обложувалници на „физичко тло“ нема значително да се придонесе во намалувањето на зависниците од игри на среќа, сметаат експертите со кои разговаравме.
Видете и ова: Тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“Коцкањето достапно и за малолетниците
Досега во Северна Македонија не е направено ниту едно истражување на тема зависници од коцкање и обложување, а ниту советувалиштето кое работи со зависници нема податоци колкава е бројката на луѓе со проблематично коцкање.
Токму како резултат на лесната достапност до овие објекти, младите од земјава уште од најрана возраст посетуваат обложувалници и казина, покажува анкета на Радио МОФ од февруари 2023 година направена на Инстаграм.
Во анкетата биле испитани 90 млади лица на возраст од 15 до 18 години и 662 млади на возраст од 18 до 24+ години, а два одговори има и од млади на возраст од 13 до 15 години. На прашањето – „Дали досега сте влегле во локал за игри на среќа“ - со „Да“ гласале 414 млади (58%), додека со „Не“ гласале 296 млади (42%).
На прашањето „Кога за првпат сте играле игри на среќа“ биле испитани 143 млади, а 16 од анкетираните одговориле дека за првпат во локали за игри на среќа влегле на возраст од 8 до 14 години.
На возраст од 15 до 21 година во локали за игри на среќа за првпат влегле 104 анкетирани. Истовремено, 16 анкетирани во вакви локали за првпат влегле на возраст од 22 до 30 години.
Видете и ова: Грковска за аферите со „Државна лотарија“ – Истражните органи веднаш да реагираатСо самото тоа пак што младите се порано одат во обложувалници или казина, се зголемува и бројот на луѓе кои потоа посегнуваат по игрите на среќа.
Според последните податоците од 2020 година, оваа индустрија учествувала со 253 милиони евра во годишниот буџет и со четири проценти во бруто домашниот производ. Иако побаравме, сепак од Министерството за финансии до објавување на овој текст не добивме понов податок за тоа со колку пари индустријата на игри на среќа придонесува во државниот буџет иако во меѓувреме се зголеми бројот на кладилници и казина во цела држава.