Достапни линкови

Финансиска истражува, Лотарија си тера тендер за новото седиште


Илустрација
Илустрација

Финансиска полиција влезе во Државна лотарија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“, проверувајќи ја документацијата за склучениот договор тежок 2,6 милиони евра за изнајмување на деловен простор, но тоа не ја спречи Државната лотарија да објави оглас за избор на фирма која ќе изработи проектна документација и ревизија за реконструкција на новите простории во Визбегово.

Државната лотарија која е под „лупа“ на Финансиската полиција, продолжува со плановите за реконструкција на објектот во Визбегово кој за 2,6 милиони евра го изнајмува од „Хеј ДООЕЛ“, фирма која сега е во сопственост на Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски.

Tоа е објектот на поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ во кој треба да се „вгнезди“ Државната лотарија. Акционерското друштво во моментов спроведува тендер за избор на фирма која треба да го проектира новото седиште.

На вчерашното јавно отворање на доставените понуди се пријавиле шест компании со почетни понуди кои се движат нешто над 1.000 денари.

Во оваа фаза на постапката, најниска цена понудила компанијата „БАР Е.Ц.Е. ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“.

Според податоците на Бирото за јавни набавки, станува збор за компанија која победи на двата тендери на Министерството за надворешни работи поврзани со Самитот на ОБСЕ.

Едниот тендер е за изработка на проект за внатрешна адаптација и надворешно уредување на просторот за 9.361.530 денари. Другиот е за стручен надзор над изведба на работи во вредност од 2.242.000 денари.

Со други зборови, „БАР Е.Ц.Е. ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“ го изработила проектот и била надзор на работата на „Еуровиа ДООЕЛ Желино“, која за 1,8 милиони евра го доби тендерот од МНР за внатрешно и надворешно средување на салата за министерскот Самиот кој се одржа во декември.

Освен „Хеј ДООЕЛ“ која и рента деловен простор на Државна лотарија за речиси 22.000 евра месечно, емисијата „Код“ објави ист таков пример и со „Еуровиа“ - која го дава под закуп деловниот простор на акционерското друштво за 3.500 евра за еден месец.

Иако „БАР Е.Ц.Е. ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“ засега има најниска понуда меѓу шесте компании на јавното отворање, процесот е уште во почетна фаза.

Сепак, до изборот на компанија на тендер следуваат оценка од комисијата за јавни набавки, евалуација на понудите - односно дали тие се прифатливи, целосни и доставени во законски рок, дали ги содржат потребните податоци и документи наведени во тендерската документација. Компаниите кои ќе останат, пристапуваат кон електронска аукција, по што ќе се донесе одлука за избор на најповолна фирма - понудувач.

Јавното отворање на понудите, сепак, не беше јавно. Државната лотарија ги испрати резултатите од исходот по електронска пошта.

Државна лотарија: Понуди на шест заинтересирани компании на тендерот
Државна лотарија: Понуди на шест заинтересирани компании на тендерот

Иако новинарот на РСЕ сакаше физички да присуствува на јавното отворање, службениците во акционерското друштво побараа полномоштво од медиумот, нешто што досега не било пракса при јавно отворање на понуди.

Од Бирото за јавни набавки во одговор за РСЕ велат дека полномоштво треба да приложат претставници на фирмите - понудувачи, но, за обично присуство такво овластување не се бара. Односно дека редовна пракса е да се дозволи присуство на секое заинтересирано лице и нема потреба од полномоштво, како што бараа претставниците на Државната лотарија.

„Постапките за јавни набавки веќе подолго време се спроведуваат во електронска форма, јавното отворање, исто така, се спроведува преку ЕЈН, па понудувачите кои поднеле свои понуди имаат можност истото да го следат преку нивните профили на системот и таа можност најчесто ја користат, но нема пречка секое заинтересирано лице физички да присуствува на јавното отворање кај договорниот орган“, стои во одговорот кој РСЕ го доби од Бирото за јавни набавки.

Нов изглед за новото седиште на Лотарија

Увидот во техничката спецификација на тендерот, покажува дека станува збор за идна реконструкција и адаптација на поранешниот ресторан за свадби кој функционираше во објектот пред Државна лотарија да го одбере за свое ново седиште.

Целта, како што пишува во тендерската документација е „овозможување подобри и соодветни услови за работа во канцеларскиот простор на Државна лотарија.

Се наведува дека реконструкцијата би опфатила рушење на дел од постојни внатрешни и фасадни ѕидови и изградба на нови според ново проектираното решение. Адаптацијата на постојниот објект би опфатила изведба на канцелариски простории, студио, магацин и друго.

На приземје, треба да се проектираат простории за архива, благајна, повеќенаменска просторија, чајна кујна со простор за кафетерија за вработените и потребни магацини. Тука, треба да се проектира и студио.

На првиот кат, како што стои во тендерската документација, треба да се проектираат канцелариски простории и кабинети за генералниот директор, Перпарим Бајрами, неговиот заменик и тројца помошници на директорот. Потребно е да се предвиди и сала за состаноци со вработените, канцеларии за ревизија, ИТ сектор и сервер соба.

На вториот кат да се проектираат поединечни канцеларии и океански простории за потребите на Секторите за правни работи, финансии, јавни набавки, перење пари и просторија за преведувачи со потребни прoпратни простории.

„Со проектот да се предвиди, фасадата на објектот да се обработи целосно со новопредвидени материјали согласно прописите и нормативите за енергетски ефикасни објекти и новопредвидената функција. Во делот на фазите потребно е да се изработат нови проектни решенија со комплетно новопроектирани инсталации и тоа за електрика, водовод и канализација, машински инсталации, греење, ладење и вентилација“, пишува во документот.

Во финансискиот план на Државна лотарија за 2023 година, пишува дека во планираниот буџет за одлив на пари за изнајмување и реконструкција на деловен простор се планирани 60.000.000 денари или 970.874 евра со пресметан ДДВ. Колкави се проценките за целокупната реконструкцијата, покрај рентањето, РСЕ праша уште пред Нова Година, но, не доби одговори.

Непопустлив молк за предистрагата

Тендерската постапка за изработка на проект за новиот лик на седиштето кое Државна лотарија го закупи беше дел од истражувањата на РСЕ за работата на акционерското друштво. Токму за овој закуп, Финансиската полиција отвори и предистрага по јавниот повик од Обвинителството.

Финансиските инспектори влегоа во Државна лотарија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“ со цел да ги испитаат сомнежите за договорот за закуп.

Како што откри РСЕ, пред „Хеј ДООЕЛ“ да склучи договор за закуп со акционерското друштво, прв управител на компанијата била Натура Груби Бела (првите две недели од основањето), која всушност е братучетка на вицепремиерот Артан Груби.

Во тоа време, нејзин сопственик е Армин Машовиќ, кој подоцна станува и нејзин управител. Но, се до крајот на октомври, сопственоста ја презеде Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски.

Финансиската полиција која отвори предистрага и чешлање на документацијта не споделува никакви информации дали и како напредува предистрагата за милионскиот закуп, дали досега доставиле некакво известување за тоа што преземале досега до Обвинителството, но и дали евентуално е проширена предистрагата за тендерите во Државна лотарија, тема за која РСЕ пишуваше во неколку истражувања.

Законот за игри на среќа пред техничката влада?

И додека Државната лотарија се подготвува за преобразба на ресторанот за свадби во Визбегово во своја Дирекција, во Собранието се подготвува усвојување на измените на Законот за игрите на среќа.

На 27 декември, Собранието ги помина во прво читање. Тоа беше причина и за реакција од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), од каде велат дека „мнозинството пратеници по секоја цена ја турка процедурата за усвојување на противуставните и скандалозни законски измени на законот за игри на среќа со ЕУ знаме.

Една од клучните измени на владиниот предлог кој е „жешка тема“ во јавната дебата е во однос на оддалеченоста на казината и обложувалниците во кои се приредуваат игрите на среќа.

Првично најавениот километар одалеченост од училишта, во предлог законот се преполови во минимум 500 метри, а со последните амандмани во Собранието се предлага казината и обложувалниците да бидат намалени и до 200 метри оддалеченост.

Денеска, на 10 јануари, во Собранието е закажана седница на Комисијата за европски прашања. Како што дознава РСЕ, предлог амандмани доставиле пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на ЛДП - со потпис на Моника Зајкова и Боби Мојсоски.

Во изјава за РСЕ, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски вели дека пратеничката група на неговата партија поднеле 10-тина амандмани, кои генерално се предлози на АПИС. Нивните амандмани се однесуваат на како што вели суштински делови од законот, обврски кои се додаваат и на приредувачите на игри на среќа за да се спречи влез на сомнителен капитал.

„Не сметам дека ќе се прифатат амандмани кои не се во корист на предлагачот и тоа што го прават со ЛДП е димна завеса, тој закон има суштински недостатоци кои се кријат под превезот на тоа да се оддалечат обложувалниците од училиштата. За тоа немаме ништо против, како партија сме го повториле тоа повеќе пати, но, ако остане само таа измена, сме да остане сегашниот закон. Нема потреба да создаваме димна завеса кажувајќи и на јавноста дека основниот мотив на законот е да бидат оддалечени од училиштата, а всушност да менуваме одредници кои го олеснуваат добивањето на лиценци на однапред направен фото- робот на компании кои треба да ги добијат“, вели Стојаноски за РСЕ.

Еден од низата амандмани на ВМРО-ДПМНЕ се однесува и на оддалеченоста - наместо 500 метри со предлог законот, да биде намалена на половина, односно 250 метри.

Амандман за оддалеченоста на обложувалниците има поднесено и пратеникот на ЛДП, Боби Мојсоски. Неговиот предлог е дистанцата да биде дури и помала - најмалку 200 метри. Причината за ваквиот предлог ја правда со егзистенцијалното прашање на луѓето што работат во тој сектор.

„Помал број да останат луѓе на улица. Со 500 метри поголем број ќе се затворат. Јас сум лично против коцката. Но, лично од хуман аспект мислам дека и 200 метри е доволно. И на два километри да ги ставиме, има и други закони, има други инспекции кои не треба да дозволуваат влез на малолетници. Во урбани мести голем дел ќе се затворат. На пример, Аеродром, каде има на секој чекор школо и гимназија, ќе се затворат. Во овој период на криза, не е начин да останат луѓе на улица“, изјави Мојсоски за РСЕ.

Амандмани поднела и неговата сопартијка, Моника Зајкова. Тие се однесуваат за одговорно обложување и добивање типови на лиценци. Зајкова смета дека моменталниот предлог - закон нема да придонесе многу и остава простор за сомневање за кои цели се носи.

„Социјалните случаи да може да се обложуваат до 200-300 евра месечно. Влегувате во казино, оставате лична карта, по матичен број ве покажува ако сте корисник на социјална помош, не смее да ви дадат да се обложувате. На таков начин се доведува до раб на сиромаштија многу семејства. Тоа во Австрија и Германија се вика одговорно обложување. Во однос на типовите за лиценца има различни типови, кои треба да се извадат како компанија која спроведува игри на среќа - тоа е порегулиран систем од оној што го имаме во моментов“, вели Зајкова.

Макар и еден од амандманите да биде усвоен, ќе треба да се вметне во предлог-законот, кој потоа оди на пленарсна седница на која ќе се расправа и следува гласање. Според нашите соговорници, со поминувањето во Комисијата за европски прашања има големи шанси измените да се усвојат и на Пленарната седница на 16 јануари, која веќе и е закажана, со дополнување на дневниот ред.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС) за денеска пред Собранието најавија јавен собир на вработените во оваа индустрија.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието соопштија дека од 22 до 28 јануари ќе се одвиваат формалните подготовки за техничката Влада во Собранието.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG