Меѓупартиските обвинувања за политички пазари со измените на Кривичниот законик и предложениот па повлечен Закон за амнестија, кои се поврзуваат со обезбедување на двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени и вметнување на Бугарите во Уставот, се сведоа и на внатрепартиски конфликти. Според политичките аналитичари, за ова постојат повеќе фактори, иако, генерално причините варираат од партија до партија.
Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој е во бегство, Никола Груевски и актуелниот Христијан Мицкоски во меѓусебна „пресметка“ на Фејсбук се докажуваа кој и како договара уставни измени. Конфликтот започна откако Мицкоски во интервју за германски Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) обвини дека Груевски тајно комуницира со владата за да се протуркаат уставните измени во Собранието.
На изјавата на Мицкоски му претходеше и тврдењето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека на десетина тајни средби со Груевски и поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, се договарале измени на Кривичниот законик. Но, првиот пат од овие измени отстапил Заев, додека сега се повлекол Христијан Мицкоски. Ова тврдење беше демантирано и од двајцата екс претседатели на партиите.
Видете и ова: Амнестија за колективна амнезија или за Бугарите во Уставот?
Арсовски: Поголема штета за ВМРО-ДПМНЕ отколку за СДСМ
За политичкиот аналитичар Петар Арсовски, постојат повеќе причини за состојбата во која се наоѓаат политичките партии во моментов.
„Еден од факторите е познато балканско мото дека старите претседатели никогаш не си заминуваат од партиите. Ние имаме политичари на Балканот кои со децении влијаат на тековите на партиите, без оглед дали се тековни, почесни или минати. Тоа е еден фактор кој влијае на смените на генерации на партиите. Второто е долгорочната економска и политичка криза, но, и криза на вредносната матрица која создава разногласие и во партиите како идеологија и во рамки на нивните внатрешни структури. Трета е поделбата на македонското општество околу тоа дали да го продолжиме ЕУ патот или ќе се откажеме од него, кој сега е во зенитот на уставните измени“, смета Арсовски.
Видете и ова: Фејсбук „војна“ со статуси меѓу Мицкоски и ГруевскиСпоред него, ако се говори индивидуално за партиите во овој како што го нарекува „конкретен момент за државата“, смета дека можеби во СДСМ се работи за „замор на материјалот“, додека во ВМРО-ДПМНЕ за разлика на идеологии. Арсовски сепак смета дека проблеми ќе има и меѓу членството во СДСМ, доколку се потврдат информациите на Ахмети дека екс лидерот на СДСМ, Зоран Заев бил на заедничка маса на разговори за измени на Кривичниот законик.
„Неспорен е бумеранг ефектот кон СДСМ ако се покаже дека овие информации се точни. Бидејќи СДСМ имаше тежок мандат, тука е Договорот од Преспа, француското вето, енергетска криза... Единствената автохтона политика која можеше да ја спроведат и не зависеше од надворешни фактори беше владеење на правото. И ако тоа им се наруши, тие ќе имаат проблем со своето „свидетелство“. Неспоредливи се проблемите што ќе се случат со членството и поддржувачите на СДСМ со оние што би се случиле во ВМРО-ДПМНЕ доколку таа кавга меѓу Груевски и Мицкоски ескалира. СДСМ ќе наруши имиџ, а ВМРО ќе се најде во егзистенцијална криза.
Селими: Мицкоски во добра позиција
Политичкиот аналитичар Сефер Селими, пак, за состојбата во која се наоѓаат трите најголеми партии во моментов вели дека „и кога се изгледа мирно, внатре има разни групации кои чекаат одредени моменти за понекогаш да го преземат челото на партијата или да станат помоќни“.
„Ваквите моменти во кои се наоѓа државата се одлична прилика за вакви превирања внатре во редовите на субјектите со кои ќе можат да се изнајдат и изговори зошто би се направило таков раздор внатре во нив. Ваквите моменти се идеални за случувања внатре во партијата“, вели Селими.
Видете и ова: Амнестиите изгубени во политичкиот пазарВо однос на обвинувањата на линија Груевски-Мицкоски, тој вели дека ова е идеален момент за Мицкоски и да се даде поддршка за уставните измени и да ја зачува фотелјата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова би било добар изговор за Мицкоски еден дел од партијата да даде поддршка за уставните измени а тој да остане на тврдењето дека не дал поддршка за уставните измени. Мицкоски и политичкиот врв се до пред два дена никогаш не се оградија од постапките на Никола Груевски. Изговорот дека поранешниот преседател Груевски ќе го издејствува ова ќе му дава добар избор за да остане претседател на партијата. Ова е излезно решение за самиот Мицкоски во целата ситуација кога знаеме дека уставните измени се клучни и земјата нема да оди напред и може да оди само во нова политичка криза“, смета Селими.
Во меѓувреме, со несмален интензитет траат изјавите на политичарите, за тоа кој со кого правел „дил“ за евентуално помилување преку измени на Кривичниот законик, експресно донесени пред две недели.
И двете „амнестии“ - и со донесените измени на Кривичниот законик и веќе повлечениот на доработка Закон за амнестија се случуваат во време кога од пратениците во Собранието се очекува да изгласаа уставни измени, со кои, меѓудругото во Уставот ќе бидат вметнати и Бугарите. Тоа пак е барање што земјава се согласи да го исполни, ако сака да го продолжи интегрирањето во Европската унија.
Неколкумесечните превирања во ДУИ, резултираа со формирање на нова партија од поранешниот нивни член Изет Меџити кој не се согласуваше со политиките на интегративците. Во неа влегоа поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие се незадоволни од актуелните министри во Владата од ДУИ и сметаат дека ја узурпирале партијата со своите одлуки.