Додека училиштата низ Русија и деловите на Украина окупирани од Русија се подготвуваат за почетокот на учебната година, околу 650 000 примероци од сосема нов учебник по историја за учениците од 11-то одделение (последната година од средното училиште) веќе се дистрибуира.
„Делот за периодот од 1970-тите до 2000-тите е целосно преработен“, рече Владимир Медински, национален соработник на претседателот Владимир Путин, кој беше министер за култура од 2012-2020 година и е еден од авторите на новиот учебник.
Тој рече дека „додаден е дел кој го опфаќа периодот од 2014 година до денес“, со други зборови периодот, откако Русија ја презеде контролата врз Крим и поттикна војна во источниот украински регион Донбас, кој беше заменет со целосна инвазија на Украина, во февруари 2022.
„Има многу микро-истории и интересни факти. Многу нови илустрации... И, се разбира, има посебно поглавје посветено на „специјалната воена операција“, додаде Медински, користејќи го еуфемизмот на Кремљ, за инвазијата и војната што опстојува 18 месеци подоцна.
Видете и ова: Русија во новата учебна година со часови по историја за политички целиКритичарите велат дека новиот учебник нема многу врска со историјата, туку е враќање на советски стилски практики на идеолошка индоктринација насочена кон младите кои наскоро би можеле да се најдат во војска. Со некои исклучоци, момчињата добиваат право на една година задолжителен стаж кога ќе наполнат 18 години.
„Новиот учебник по историја е книга наменета за пред-регрутите и нивните девојки“, напиша Алексеј Макаркин, заменик-шеф на Центарот за политички технологии на Телеграм.
„Владата денес всушност има малку ефективни начини за комуникација со младите луѓе. Младите не гледаат телевизија и не постои начин да ги натерате да го прават тоа. Историјата се претвора во алатка за да ги натера учениците да бидат послушни“, изјави за РСЕ наставникот Дима Зицер.
„Ефтина манипулација“
Целосниот учебник не е достапен, а РСЕ немаше увид во печатена копија до 31 август. Претходно во август, медиумот РБК објави фотографии од, како што рече, учебникот, вклучувајќи ја содржината и некои клучни страници за војната во Украина и руските односи со Западот.
Видете и ова: Руските училишта маршираат кон милитаризацијаФормулациите на страниците прикажани на фотографиите објавени од РБК ги повторуваат лажните тврдења на претседателот Владимир Путин дека Украина е „ултранационалистичка“ и „неонацистичка“ држава, потоа дека Киев е контролиран од Западот кој се обидува да ја распарчи Русија и да ги украде нејзините природни ресурси, дека советниците на НАТО го турнаа Киев да го „нападне Донбас“ во 2020 година, дека во Украина се создадени „строго тајни“ американски „биолаборатории“, дека Киев „агресивно“ се обидува да добие нуклеарно оружје и многу повеќе.
Западните санкции наметнати на Русија по окупацијата на Крим од Москва во 2014 година и нејзиното водење на хибридна војна против Киев во делови од источна Украина, како и во пресрет на инвазијата од целосен обем, се отфрлени како „апсолутно незаконски“ дела кои „ ги кршат сите нормите на меѓународното право“.
Според фотографиите објавени од РБК, учебникот без докази проценува дека западните санкции резултирале со, како што ја нарекува, „кражба“ од 300 милијарди долари од рускиот државен и приватен имот и лажно се тврди дека акциите на Западот „суштински не се разликуваат“ од грабежот на советските музеи од страна на нацистичките сили во Втората светска војна.
„Главниот корисник од конфликтот во Украина беа Соединетите Држави“, се вели во книгата, алудирајќи на минато време на актуелната војна, која САД се обидоа да ја спречат преку дипломатија, додека Русија собра повеќе од 100 000 војници во близина на границите на Украина пред да започне целосна инвазија.
Текстот прикажан на фотографиите ги предупредува учениците за, како што тврди, злобната активност на „странските агенти“, повикувајќи се на многуте активисти, медиуми и групи на граѓанското општество кои Русија ги затвори или ги стави под огромен притисок. Текстот ги упатува да „бидат будни“ против влијанието на „опозиционерите“, „лидерите на опозицијата“ и „популарните блогери“ за да „не станат жртви на евтина манипулација“.
Учебникот вклучува кратки биографски информации за руски војници кои биле убиени во војната против Украина.
„Има фотографии од херои. Сè беше одобрено од командантите и семејствата. Од децата на хероите. Од сопругите и вдовиците“, рече Медински на презентацијата на 8 август.
„Историјата е клучна за нас“
Медински, најистакнатиот автор на новиот учебник, е историчар со сомнителна репутација. Тој е автор на бројни книги, вклучително и серија наречена „Митови“ во која се обидува да ги разоткрие, како што тврди, стереотипите што ги измислиле странците за да ги дискредитираат Русија и Русите.
Во јануари 2012 година, група историчари го обвинија Медински за плагијат на неговата докторска дисертација и објавија извадоци од документот заедно со цитати од други историчари. Историчарот Лев Усискин тогаш изјавил дека Медински бил „измамник“ со „лажна академска диплома“.
Во октомври 2017 година, највисокиот руски академски совет препорача да му се одземе докторатот на Медински со образложение дека неговото истражување било „ненаучно“ и дека ги игнорирало „изворите доколку тие се во спротивност со неговите тези“.
Јазичниот научник Иван Бабицки ја опиша дисертацијата како „пропаганден памфлет“.
Меѓу другите именувани како коавтори на новиот учебник се директорот на Институтот за општа историја на Руската академија на науките, Александар Чубарјан и ректорот на Московскиот државен институт за меѓународни односи (МГИМО), Анатолиј Торкунов.
На презентацијата на книгата во август, министерот за образование Сергеј Кравцов ја опиша како дел од „една образовна програма за литература, општествени студии и историја“.
Видете и ова: Интеграцијата во ЕУ заложник на руските дезинформации„Темата историја е клучна за нас. Нашиот претседател рече дека не можеме да ја искривуваме нашата историска меморија и дека е важно објективни факти да се учат во училиштата. Ние ги додадовме во учебниците, особено овој за 11-то одделение“, изјави Бабицки.
Путин, кој често зборува и пишува за историјата, критичарите во Русија и во странство нашироко го обвинуваат за искривување на минатото. На неговата одлука да започне целосна инвазија на Украина и претходеа бројни лажни изјави за историјата на таа земја, нејзиниот народ и нејзиниот однос со Русија низ вековите.
„Историски апсурдно, логично неписмено“
Новиот учебник е најновата манифестација на програмата за „патриотско образование“, која беше дефинирачка карактеристика на повеќе од две децении на Путин како претседател или премиер. Во текот на минатата учебна година, Русија воведе програма наречена „Важни разговори“, неделни состаноци за време на кои наставниците покренаа патриотски теми и ги изложија наративите на Кремљ за меѓународни и домашни теми.
„На секоја репресивна диктатура, особено онаа што води агресивна странска војна, му треба ова. Во 21 век нема друг начин да се оправда странската агресија освен преку митови“, рече Александар Осовцов, поранешен член на рускиот парламент и противник на Кремљ кој сега живее во странство.
„Тие можат само да го оправдаат, иако само површно, тоа што го прават со залепување на историски апсурден и логички неписмен коктел од митски достигнувања, комбинирајќи ги Петар Велики, Катерина Велика, Ленин, Сталин и сите оние кои некако можат да бидат претставени како „собирачи на руските земји“, додаде Осовцов.
Евхен Махда, украински политиколог и директор на Киевскиот Институт за светска политика, за РСЕ изјави дека „авторите на учебникот се надеваат дека тој ќе помогне да се засили патриотизмот во Русија“ и да се олесни воената мобилизација.
„Овој учебник е за матурантите, односно децата кои ќе го читаат треба да разберат зошто облекуваат униформи и чизми“, вели Махда.
Украинскиот историчар Серхи Хуцаљук, од Институтот за национална меморија, рече дека новиот учебник може еден ден да биде внесен како доказ во „меѓународен кривичен трибунал“.
„Тоа е демонстрација за тоа како се спроведува идеолошката компонента во Русија за да се поддржи нејзината политика на агресија“, смета Хуцаљук.
„Земја со непредвидливо минато“
Рускиот политички аналитичар Дмитриј Орешкин вели дека односот на владата на Путин кон историјата е навраќање на советските преседани во кои „историјата нема врска со реалноста, туку има за цел да ја формира идеолошката основа за зајакнување на властите“.
„Историјата се менува во зависност од интересите на владејачката партија. Затоа советска Русија отсекогаш била земја со непредвидливо минато“, вели Орешкин.
Рускиот историчар и просветител Сергеј Чернишов од Новосибирск рече дека учебникот на Медински е „апел не за факти или анализи, туку за емоции“.
„Нејговата главна цел е да поттикне гнев кон Украинците“, изјави тој за РСЕ.
Сепак, тој изрази сомнеж дека тоа многу ќе придонесе многу за обликување на младите умови.
„На оваа пропаганда ќе и се спротивстави здравата, младешка рамнодушност. Навистина се надевам дека 11-то одделение, како и сите добри 11-одделенци насекаде, нема да читаат учебници. На таа возраст тие имаат поважни работи“, вели Чернишов.
Зицер се согласува, велејќи дека единаесеттоодделенците се „целосно формирани личности“ кои веројатно веќе ги имаат формирано своите погледи за војната и прашања како што се односите на Русија со Западот.
„Засега зборуваме за учебник за 11-одделенци. Но тоа не значи и тие веќе го ветуваат ова, дека книгите за петто и шесто одделение нема да следат“, заклучува Чернишов.