Во петокот, на 1 ноември, нешто пред 22 часот заврши спасувачката акција во Нови Сад, каде што 14 лица загинаа, а три беа тешко повредени откако се урна бетонска конструкција пред влезот на главната железничка станица.
Досега, според информациите на новосадската полиција, идентификувани се тринаесет жртви.
Едно од лицата е и државјанин на Северна Македонија за кого медиумите објавија дека е 45-годишен Македонец кој како научник работел во институт во Нови Сад, каде се истражуваат информатички технологии за земјоделството.
Видете и ова: Заврши спасувачката акција, еден од загинатите во несреќата во Нови Сад е македонски државјанинПовредените се сместени во Клиничкиот центар во Војводина. Од трите лица кои се здобиле со тешки телесни повреди, две се женски и едно машко.
Спасувачките екипи во петокот во текот на целиот ден извлекуваа жртви од урнатините. Причината за уривањето не е позната.
Надлежните најавија истрага за несреќата на станицата, која беше отворена летово по тригодишна реконструкција.
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ за РТС изјави дека во тек е увид за утврдување на причините за падот на настрешницата.
„И ќе се утврди зошто настрешницата не била дел од планот за реконструкција и кој утврдил дека не е потребна за реконструкција“, рече Весиќ.
Според него, во реконструкцијата се вклучени Транспортниот институт ЦИП, кој го реализираше проектот, Железничката инфраструктура на Србија, која е одговорна за станицата и кинеските компании, кои беа изведувачи.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека во текот на денот ќе бидат сослушани најмалку 20 лица за да се утврдат „сите суштински елементи на кривични дела и кривична одговорност“.
Според соопштението, меѓу другите, ќе бидат сослушани претставници од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, надлежниот министер Горан Весиќ, претставници од Железници Србија и Заводот за заштита на спомениците на културата на градот Нови Сад, како и други лица.
Во Србија денеска е Ден на жалост, додека во Нови Сад е прогласена тридневна жалост. Знамињата на официјалните институции се спуштени на половина копје.
И ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина, втори ноември го прогласи за Ден на жалост, додека црногорските власти изразија сочувство до семејствата на жртвите. Сочувство изрази и државниот и политички врв и во Северна Македонија.
Во вечерните часови, на 1 ноември, граѓаните палеа свеќи и оставаа цвеќе за настраданите на железничката станица во Нови Сад. Почит на жртвите им оддадоа и граѓаните на Белград и Ваљево.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Што рекоа властите?
Властите најавија истрага за несреќата на станицата, која беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.
Железничката инфраструктура на Србија соопшти дека настрешницата што паднала „не била предмет на реконструкција во реновирањето на зградата на железничката станица во рамки на проектот за брза пруга од Нови Сад до Суботица“.
Како што додаваат во соопштението, во рамки на реконструкцијата се работело на внатрешноста на станицата, покривот и фасадата над и под настрешницата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати до јавноста и побара од Вишото обвинителство во Нови Сад и од Владата на Србија, одговорните за тоа што се случи „да бидат кривично гонети и најстрого казнети“.
„Кога ја споменав Владата на Србија, барам и политичка одговорност“, рече Вучиќ на 1 ноември.
Тој додаде дека одговорни се оние чија должност е железничката инфраструктура, сообраќајната инфраструктура и безбедноста на луѓето.
Вучиќ изјави дека некој ќе треба да објасни зошто не е реконструирана настрешницата кога била реновирана целата станица.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека ова е еден од најтешките денови во повоената историја на Нови Сад.
„Ќе инсистираме да се најдат одговорните и да одговараат оние кои мораа да се грижат за состојбата на конструкцијата и состојбата на зградата“, рече Вучевиќ.
Дел од опозицијата ја повика власта на одговорност
Движењето „Крени-Промени“ од Нови Сад соопшти дека поднело барање за информации од јавен интерес, барајќи ги сите релевантни информации во врска со реконструкцијата на Железничката станица.
Градскиот советник на коалицијата „Браво“ во Нови Сад, Миран Погачар ги праша надлежните дали пред една недела добиле предупредување од граѓаните дека зградата е напукната.
Движењето на слободни граѓани рече дека одговорните имаат свои имиња и презимиња.
„Тоа не се работници со мистрија и малтер, ниту се изведувачи, тоа се оние кои договорија работни места и ја отворија станицата само за да се сликаат пред избори. Бараме одговорност“, велат од Движењето.
Претседателот на Народното движење на Србија (НПС) и пратеник Мирослав Алексиќ оцени дека Горан Весиќ како надлежен министер за градежништво, транспорт и инфраструктура без никакво двоумење треба да биде сменет или сам да си поднесе оставка.