Настасија работеше како новинар во Белорусија 15 години. Се до 2022 година, откако медиумот каде што работеше се согласи да го исполни барањето на владата - целосната инвазија на Русија врз Украина да не се нарекува „војна“, туку „специјална воена операција“.
„Не можам да се согласам со тоа. Разбрав дека нема да можам да работам како новинар во Белорусија“, изјави таа за Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Новинарството е професија која нормалните луѓе не ја напуштаат“, вели таа, не криејќи ги солзите.
„Таквите луѓе чувствуваат страст за она што го работат, бидејќи ништо не дава толкаво значење како новинарството“.
Видете и ова: „Тешки времиња“ за белоруските медиуми во странствоПо масовниот бран протести во Белорусија во 2020 година, по спорните избори на кои долгогодишниот лидер Алаксандр Лукашенко прогласи победа, владата почна со опсежни репресии кои целосно ја трансформираа и онака авторитарната земја.
Политичарите од опозицијата, активистите на граѓанското општество и независните новинари беа систематски прогонувани. Многумина беа затворени. Многу други беа принудени да ја напуштат својата татковина.
Белорусија е рангирана на 157 место од 180 земји по слобода на печатот, според извештајот на „Репортери без граници“, кој ја нарече „најопасната земја во Европа за новинарите до руската инвазија на Украина“.
Според Белоруското здружение на новинари, 37 вработени во медиумите моментално се во притвор, вклучително и неколку истакнати уредници на некогаш почитувани медиуми кои беа затворени.
Тоа го вклучува и новинарот на РСЕ, Ихар Лосик, кој во декември 2021 година беше осуден на најдолга казна – 15 години затвор под обвинение за „организирање масовност немири“ и „поттикнување општествено непријателство“.
РСЕ, заедно со застапниците за слободата на печатот, ги оценуваат обвиненијата како апсурдни.
Белорусија „ ја има една од најрепресивните медиумски клими во светот“, соопшти невладина организација „Фри прес анлимитед“.
„Со оглед на тоа што речиси сите независни медиуми се забранети, веб-локациите блокирани и/или прогласени за „екстремистички“, што пак го прави нивното следење или споделување казниво со закон, белорускиот медиумски пејзаж е еден од најрестриктивните во светот“, соопшти организацијата.
„Главниот извор на опасност за медиумските професионалци во Белорусија се властите, полицијата и судовите“, наведуваат од оваа група.
Видете и ова: Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева 100 дена во руски притвор: „Сè помалку е подносливо“Настасија и другите поранешни новинари интервјуирани за овој текст побараа нивниот идентитет да биде сокриен поради грижа за нивната безбедност и за безбедноста на нивните роднини во Белорусија.
Дури и пред да даде отказ, нејзиното пишување беше „на тапет“ од мај 2021 година, рече Настасија, кога властите започнаа со обидите да го замолчат Tut.by, најпопуларниот портал за вести во земјата.
Во јануари 2023 година, по 19 месеци во притвор, главната уредничка на веб-страницата, Марина Золатава и генералната директорка Лиудмила Чекина беа осудени на 12 години затвор под различни обвиненија, вклучително и „повредување на националната безбедност на Република Белорусија“.
Во тоа време, се сеќава Настасија, имаше малку реакции за овој случај од јавноста која веќе беше истрошена од бруталноста на владата.
Таа отсекогаш чувствувала дека новинарството е „договор“ меѓу новинарот и општеството и дека „општеството, доколку е потребно, ќе ги брани интересите на луѓето кои работеле како новинари“.
„Но, стана јасно дека немаме договор со општеството“, рече таа, „и дека секој е сам“.
По напуштањето на новинарството, Настасија започна да работи во агенција за маркетинг.
„Тоа беше мојата најтешка одлука“, раскажува таа низ солзи, иако заработува многу повеќе од кога било како новинарка.
Видете и ова: Со порастот на популарноста на Телеграм, дали секој Украинец има „шпион во својот џеб“?Настасија раскажува дека следи помалку медиуми отколку порано, велејќи дека неподготвеноста на луѓето да зборуваат отворено и јавно го нарушила квалитетот на известувањето. Белоруските медиуми во егзил имаат ограничена можност да известуваат за случувањата во земјата, вели таа, и сè повеќе препечатуваат прилози од државните медиуми или го фокусираат своето известување на Белорусите кои се во емиграција.
„Тоа не е нивна вина. Такви се околностите. Горда сум на сите нив и многу благодарна на сите што останаа во професијата. Разбирам колку е тешко тоа денес“.
„За мене тие се херои“, додава таа, истакнувајќи дека новинарите кои работат од странство ја ризикуваат безбедноста на нивните роднини во Белорусија, на кои може да им биде конфискуван имотот или уште полошо.
„Преживеаниот“
Претходно во својот живот, Улаџимер беше новинар-фоторепортер за Tut.by. Неговиот последен ден како новинар беше на 18 мај 2021 година, кога веб-страницата беше затворена.
Првично размислувал да продолжи да работи како фотограф, да се занимава со комерцијална работа или со фотографирање свадби. Но, знаеше дека нема да ужива во таква работа.
Ги продаде фотоапаратите и својот автомобил и никогаш не се сврте назад. Сега работи како камионџија на долги релации.
„Никогаш не сум имал толку пари. Новинарите (во Белорусија) не заработуваат толку“, вели тој за неговата плата од околу 2.500 евра месечно.
Новата работа целосно го извади Улаџимер од неговата комфорна зона и му требаа тешки шест месеци да се навикне на својот нов живот на патиштата, патувајќи низ Европа и трајно живеејќи надвор од Белорусија.
Видете и ова: Пад на слободата на интернетот во светот 13-та година по редНапуштањето на новинарството значеше целосна промена на животниот стил за Улаџимер. Целиот негов „имот“ сега е сместен во две или три кеси зачувани во кабината на неговиот камион. Најмногу ужива во тоа што не гледа двапати на цената на се што ќе посака да купи.
„Се чувствувам како личност. Ако сакам нешто, го купувам. За среќа, не сакам многу работи. Но, можам само да влезам во продавница и да купам што сакам“, раскажува тој.
Признава дека не му недостасува Белорусија и бурните настани таму. Тој свесно избрал да биде „преживеаниот“, наместо како што вели, да биде херој во затвор.
„Работа од соништата“
Ксенија работеше како новинарски фотограф цела деценија. Таа ја напушти земјата поради репресијата на владата врз независните медиуми. Откако се пресели во странство, таа преживува главно со каква било хонорарна работа како фотограф што може да ја добие.
Во последните неколку години, таа се оддалечила од новинарството, и како професионалец и како потрошувач. Се претплатила само на неколку белоруски канали за вести на социјалните мрежи, но ги чита сè помалку.
Вели дека е вознемирена од културата на страв во нејзината татковина: пријателите одбиваат да одговорат на пораките од неа и другите новинари поради страв за нивната безбедност.
Ксенија вели дека е загрижена и за нејзината несакана улога во репресиите од Лукашенко. Таа знае дека фотографиите направени за време на демонстрациите во 2020 година биле скенирани и прегледани од безбедносните агенти за да се идентификуваат луѓето за можен прогон.
Видете и ова: „Свето тројство“ пред избори- нетранспарентна Влада, напади и притисоци врз новинариСега, многу новинарски стории со анонимни извори се придружени со фотографии со заматени лица и напишани од новинари кои ги кријат нивните имиња.
„Дали некогаш ќе дознаеме дека новинар седнал и целосно измислил текст?“, праша таа.
Се надева дека тоа нема да се случи.
Сепак, Ксенија се надева дека некогаш ќе му се врати на новинарството.
„Тоа е работа од соништата. Да, тешко е. Но, секој ден правиш нешто различно и имаш пристап што не би го имал во другите професии. Никогаш не знаеш каде може да завршиш“, вели Ксенија.
„Се сеќавам на настаните во Белорусија [во 2020 година]“, додава таа. „Се сеќавам каде бев и си помислувам: Леле. Поминав низ сето тоа“.