Најголеми главоболки на пожарникарите им задава десет до 20 километарската огнена линија која ја пустоши шумата на планината Серта. Веќе десетина дена пожарникари, војници и доброволци од околните општини се борат со огнената стихија и не успеваат да ја стават под контрола.
Десетдневниот пожар на планината Серта е само еден од седумте активни пожари кои не се ставени под контрола. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека од вкупно 29, 15 помали пожари се изгаснати, додека седум се ставени под контрола. Но, се уште се активни седум кои „голтаат “ борова и ниско стеблеста шума.
Пожарот кој се разви позади армиското стрелиште Пенуш кај Штип како крак на големиот пожар на Серта, денеска се движи во насока кон реката Брегалница. Од Центарот за управување со кризи велат дека се прават напори пожарот да се сопре на тампонираниот пат кој се протега околу полигонот Криволак од штипската страна.
На терен се излезени пожарникарите од Штип и Неготино со поддршка од војниците и доброволците од околните општини. Доброволци и ловџии доцна во ноќта успеаја да го совладаат огнот кој синоќа прескокна преку земјениот крак во близина на воениот полигон Криволак, изјави Ангелов.
Но, предизвикот во гасењето на пожарот го прави уште поголем недостигот на опрема и пари за функционирањето на противпожарните единици.
Државата одвојува само една петтина од платите за пожарникарите во Штип
Со ограничената логистика и капацитет со кој располага територијалната противпожарна едница за Штип се делува на терен долж целата огнена линија за да се намалат последиците од пожарот вели штипскиот „татко“ Иван Јорданов.
Состојбата во противпожарната единица во Штип е далеку од сјајна, проблем кој со години наназад се провлекува. Причината за тоа Јорданов ја гледа во малкуте пари кои ги добиваат од државната каса во форма на дотација.
„Во Штип е запазена бројноста на пожарникари, имаме 33 пожарникари кои што се надлежни за територија на општините Штип и Карбинци, но блок дотациите за плати кои како локална самоуправа ги добиваме од централниот буџет според законот за пожарникарство треба да изнесува за 33 вработени. Ние за жал добиваме плати за само 6 вработени, а останатите 27 вработени се финансирани од буџетот на општина Штип односно повеќе од 2,5 милиони денари се издвојуваат од други конта на општина Штип само за да се покријат платите на вработени во територијалната противпожарна единица во Штип“, вели Јорданов.
Видете и ова: Над 55 милиони евра вредна шума изгоре за пет годиниТој објаснува дека недостасува законски критериум по кој се исплаќаат блок дотациите од централната каса кон локалната, затоа што секоја општина добива различен износ на пари.
“Зависно од тоа кој како се снашол, излобирал, во толкав износ добива блок дотација. Со тоа што нас ни недостасуваат пари за плати, нам ни недостигаат пари и за дополнителните режиски трошоци и нормално средства за набавка на возила и опрема со која полесно ќе се справуваме со пожарите“, додава Јорданов.
Олдтајмер стар 52 години дел од штипскиот противпожарен возен парк
„Возниот парк“ на штипските пожарникари во изминативе две години е подновен со две нови возила, едно за шумски пожари и едно за непристапни терени. Дата базата на Центарот за граѓански комуникации од пред пет години, покажа дека оваа противпожарна единици ( во 2019 година) поседувала само 7 возила од кое најстарото излегло од фабрика во 1972 година, што значи дека годинава наполнило 52 години.
Во гаснењето на пожарите во саботата се вклучила и екипа на јавното претпријатие Национални шуми, која од Демир Капија до Серта дошла со теренско возило старо 38 години.
Сликата со противпожарни олдтајмери е редовна појава низ целата територија. Градоначалникот на општина Неготино Горан Стојанов вели дека нивниот „возен парк“ за противпожарна заштита им е во очајна состојба- имаат три цистерни, еден џип што собира 300 литри вода - што стари, што од донација. Пред две години набавиле едно единствено ново возило.
„Ни недостигаат и опрема и возила за во ваква ситуација. Доаѓаат доброволци, треба да им дадеме специјална опрема за гаснење, а и таа ни е од комунизмот“, изјави неодамна Стојанов.
( Не) научена лекција од пожарите во Малешевијата
Пожарите на отворено во изминативе пет години предизвикале штета од над 55 милиони евра, покажуваат статистичките податоци на Центарот со управување со кризи. Според нивните податоци од 2019 година до сега изгорени се над 600 илјади метри кубни квалитетна дрвена маса.
Само пожарите во 2022 година пеплосаа десетици илјади хектари на шума, од кои повеќе од 4.000 хектари само во Берово, Пехчево и Делчево. Вкупната материјална штета беше од сите шумски пожари беше проценета на 38 милиони евра.
Тие пожари се гаснеа со помош на други земји, меѓу кои Австрија, Словенија, Романија, Србија, Бугарија.
Две години подоцна, поради лошото искуство и елементарната непогода која ја зафати Малешевијата, противпожарната беровска единица се поднови со ново возило за гасење на шумски пожари и дополнителна лична опрема за пожарникарите.
Беровскиот градоначалник Звонко Пекевски вели дека успеале да го подноват малку возниот парк со помош на донации од општествено одговорни компании и пари од општинската каса. Едно ново возило чини околу 350 илјади евра.
„ Она што беше сликата пред пожарите во Малешевијата и сега сме во подобрена и понова опрема“ вели Пекевски.
Видете и ова: Во пожарот кај неготинско изгоре површина двојно поголема од градотТој очекува до крајот на годинава да пристигне како донација едно половно противпожарно возило од доброволно друштво во Словенија и уште едно до крајот на следната година. Како општински „татко“, Пекевски вели дека постојано бара донации за да може да се дополнително да се подобри состојбата со противпожарните единици.
Системот за заштита од пожари е ерозиран
Но системскиот проблем не е решен, и затоа, како вели Пекевски во ЗЕЛС во неколку наврати барал да се отвори дебата за финасирањето и одржувањето на противпожарните единици.
„Треба да видиме дали приходите кои по закон ни припаѓаат ги третираме во соодветен износ, бидејќи тоа се пари кои треба да ги уплаќаат самите осигурителни компании, со нив се предвидува да ги одржуваме единиците, додека наменската дотација од државата каса е искличиво за плати, но и таа не е доволна и не ги покрива сите обврски кои произлегуваат од законот за плати“, вели Пекевски.
Тој додава дека општината Берово од својата каса додава пари за да стигнат за плати за пожарникарите, за да може платите на пожарникарите да бидат согласно со законот. Берово до сега се справувала со дополнителен трошок од извршители по големиот број на судски пресуди за несоодветна исплата на плата кон пожарникарите.
Неопходно е ново системско решение за справување со шумските пожари, додава беровскиот градоначалник. На истиот став е и штипскиот градоначалник кој бара законски измени за да се одреди критериум по кој општините ќе добиваат дотации за овој сектор.
„Целиот систем кој со години наназад требало да функционира е ерозиран, ниту имаме правилно финансирање на територијалните противпожарни единици, ниту имаме функционална Дирекција за заштита и спасување, имаме нефункционална опрема која со години наназад не била обновена и била застарена во магацините која што денеска излегува на површина дека не е употреблива, имаме нефункционални Македонски шуми кои што со месеци наназад не земале плата, нефункционални возила кои со години наназад не биле сервисирани и кога сите проблеми ќе излезат на површина евидентно е тоа што ни се случува денеска“ заклучува Јорданов.
На државата и треба трансформација на системот за гаснење на пожарите, тврди Ангелов кој бара да се направи централизација на системот . Идејата е спојување на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) под обединета команда за подобрување на ефикасноста и ефективноста.
„Кога би имало централна команда, гледаме голем пожар, наместо 15 или 20 пожарникари колку што има општината, со една команда може да се испратат 60 пожарникари. Така функционира Армијата и полицијата. Сметам дека како мала држава дека подобро ќе функционираме“, изјави неодамна Ангелов.
Според него, решението би било во комбиниран метод, односно командата за извршување да биде централизирана, а ресурсите и натаму да бидат под капа на општините.