Треба ли ревизија на „недела неработен ден“?

Илустрација.

Работодавците очекуваат наскоро да почнат преговорите со Владата и синдикатите. Дел од коморите бараат целосно укинување. Но, синдикалците велат во недела треба да се слободни и дел од тие што сега работат - прашуваат кој е националниот интерес да работат трговските центри? Власта е на став дека треба да им се дозволи уште на неколку дејности да работат во недела.

Уставниот суд не ја укина, но власта во преговори со бизнисот и синдикатите може да ја ревидира „недела неработен ден“, која како законско решение беше воведена пред три години.

Прашањето во повеќе наврати го покренуваат дел од бизнис коморите, власта размислува за измени, а темата е начната и во Економско-социјалниот совет (ЕСС) во кој учествуваат владини претставници заедно со работодавците и синдикатите. Меѓутоа, позициите им се разликуваат како ден и ноќ.

Пред три години продавниците во трговските центри останаа едни од ретките кои работат во недела. Но, ниту тие не треба да работат – недела да биде ден за одмор и за нивните вработени, се дел од ставовите на синдикатите.

Од друга страна, бизнисите сметаат дека листата исклучоци на која се наоѓаат и моловите, треба да се прошири. Некои дури одат дотаму што бараат целосно укинување на „недела неработен ден“.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, пак, за Радио Слободна Европа (РСЕ) посочи дека е потребна ревизија односно да им се дозволи на некои дејности да работат.

Видете и ова: Работодавачите бараат работници, а работниците повисоки плати

Ваквите најави и барања, пак, наидоа на критика од СДСМ, чиј лидер Венко Филипче, смета дека тоа би било „понижување на работниците“.

„Политика која е на барање на големите трговци и големиот бизнис. Едно стекнато право кое работниците го добија после повеќедецениска борба неделата да ја поминат со своите семејства, сега Владата планира да го укине. Прво во некои сектори, а понатаму се разбира и во сите“, рече Филипче, на прес-конференција на 25 декември.

Опозицијата темата ја наметна и на денешната седница за пратенички прашање на која премиерот Христијан Мицкоски рече дека дали ќе има измени или не, ќе се знае по следната седница на ЕСС.

„Мое лично мислење е дека треба да им биде овозможено во недела да работат на сите оние кои ќе постигнат договор со работодавачите и ќе добијат двојно или тројно повисока дневница или, пак, никој да не работи. Или ќе важи за сите или нема да важи за никого, а политика на двојни стандарди ние нема да водиме“, рече Мицкоски на 26 декември.

Тој се повика и на анкети со тврдење дека 75 отсто од граѓаните се за тоа „недела да биде работен ден за оние кои што сакаат да работат доколку им се плати двојна дневница“.

Какви проблеми детектираат работодавците?

Од Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), бараат ревизија бидејќи, како што велат, уште кога се носеле законските измени реагирале дека ќе се направат пропусти зашто не може во старт да се предвиди како тоа ќе функционира во пракса.

„Се случи да речеме, еден дуќан каде што работи сам газда, да може да продава хемија или не знам што, а не може да портокали, банани итн., па тој простор го заградува. Иако се работи за сопствен бизнис кој нема други вработени“, вели за РСЕ Ангел Димитров од ОРМ.

Како пример тој ја посочува и млекарската индустрија каде, потенцира, во недела може да се презема млекото од сточарите, но остатокот од секторот, како што е преработката, не.

„Тие што ќе го земат млекото во недела не може дента да го преработат, мора во понеделник да го обработуваат за да го продадат во вторник“, додава Димитров.

Тој е дециден и дека во недела треба да им се дозволи да работат сите трговци поединци без разлика што продаваат. Не гледам ако некој е сам свој газда, да не може да работи, коментира Димитров.

Законското решение дека недела е ден за неделен одмор во Законот за работни односи почна да се применува со почетокот на 2022 година. Исклучок од ова правило се оние дејности каде работните процеси не можат да трпат прекин, како што се на пример одгледувањето животни, копањето јаглен и руди, производството на гас, фармацевтски производи, леб, аптеки, медиуми…

Видете и ова: Пензија на 67 години - спас за ПИОМ или удар за работниците?

Синдикатите ги потсетуваат газдите: И сабота е неработен ден

Но, тоа се мал дел од вкупниот број на вработени. Според пресметките на синдикатите, веќе три години правото „недела неработен ден“ го уживаат околу 500.000 од вкупно 530.000 работници кои примаат плата.

Поранешната министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, кога се донесе Законот рече дека ова право опфаќа нешто повеќе од 90 отсто од вработените во земјава.

За Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), сегашниот напад на „недела неработен ден“, од како што велат, газдите во стопанските комори е „директен напад на работничкото достоинство и напад на работниците“.

Наспроти барањата на коморите, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов за РСЕ вели дека тие сметаат оти многу од дејностите кои се дел од исклучоците и работат во недела, треба да бидат опфатени со оваа мерка бидејќи ниту се неопходни ниту се од национален интерес. Трговските центри ги посочува како пример.

„Нагласуваме дека и сабота е неработен ден имајќи предвид дека законското решение за редовно работно време во државата е 40 часа, а по правило работната недела е петдневна од понеделник до петок. Не видовме дека газдите, особено овие најгласните, го сменија своето работно време и работат со работниците во недела и со таков начин даваат пример на работниците дека да работиш во недела е добро“, вели Трендафилов за РСЕ.

Видете и ова: Повисок минималец – неоправдан или нужен за егзистенција на работникот

Стопанските комори сакаат укинување

Сепак, прашањето е отворено, а барањето од бизнис секторот беше истакнато и лично до премиерот Христијан Мицкоски. Претседателката на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Анета Антова Пешева, по средба со Мицкоски на почетокот на ноември истакна дека тие бараат укинување.

„Ние цврсто стоиме како Комора дека сакаме големи измени во Законот за работни односи. Освен тоа што треба да бидат опфатени инженерите да може да работат од дома, скратено работно време и разни поволности коишто веќе се применуваат во светот со години, мислиме и дека ’недела неработен ден‘ треба да биде опфатена и да го разгледаат како работа која ние сметаме дека треба да се укине“, рече Антова Пешева.

И претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во соопштение до медиуми на 16 декември осврнувајќи се на случувањата во домашната економија потенцираше дека, меѓу другото, „на анализа одат неколку суштински закони меѓу кои и Законот за работни односи во делот на ’недела неработен ден‘“. Тоа, наведе Азески, значи дека по тригодишна имплементација Законот „оди на преиспитување“.

До објавување на овој текст од Стопанската комора не одговорија на прашања за РСЕ за оваа тема.

Работодавците очекуваат „недела неработен ден“ наскоро да биде дневен ред на ЕСС

Во согласност со најавите од власта, и Организацијата на работодавци очекува дека веќе на една од следните седници на Економско-социјалниот совет (ЕСС) да се разгледа подетално ова прашање.

„Ние го спомнавме само како проблем кога зборувавме за работењето на ЕСС за идната година, како план. Но, директни преговори со синдикатите и Владата не сме започнале и очекуваме на една од идните средби да разговараме за ова прашање“, вели Димитров од ОРМ.

Дурмиши во неделното интервју за РСЕ објавено на 22 декември, рече дека работодавците и синдикатите имаат спротивставени ставови, но прашањето како тема се отвора во рамки на ЕСС со кој претседава тој како министер за економија и труд.

„Одредени дејности во насока на работата треба да се ослободат за да може во недела да работат, но не треба да се укине целосно ’недела неработен ден‘. Да остане така како што е, но одредени дејности да ги ослободиме да може да работат. Да направиме некои измени“, одговори Дурмиши за тоа во која насока се движат размислувањата на Владата.

Видете и ова: Дурмиши: За некои дејности не треба да важи „недела неработен ден“

Според Законот за работни односи, работниците кои работат во дејностите што се исклучок од „недела неработен ден“ треба да добиваат повисока дневница.

„Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот“, пишува во Законот.

Дополнително, работниците имаат право на користење на неделен одмор во наредните седум дена.

Неколку месеци откако беше донесен Законот, тогашната власт направи измени со кои им се дозволи на трговците во туристичките места да работат во недела.

Прогласувањето на недела за неработен ден односно за „ден за неделен одмор“ во 2022 година беше оспорено пред Уставниот суд од Стопанската комора. Меѓутоа, уставните судии ја отфрлија иницијативата со став дека наводите на бизнисмените се неосновани.