Достапни линкови

Жените се неискористен потенцијал на пазарот на труд


Илустрација
Илустрација

Околу 250.000 жени во Северна Македонија се надвор од пазарот на трудот. Причини за тоа се ограничена поддршка за детска грижа, домашни обврски, недостапност на флексибилни работни места и културни бариери. Вредноста на работата на домаќинките е проценета на 8 отсто од БДП.

Според образованието, 36 годишната Ангела М. е медицинска сестра – има диплома за завршено четиригодишно средно стручно образование и положила државен испит за да може да работи како медицинска сестра. Во потрага по вработување, со сопругот од Куманово се преселиле во Скопје каде живеат веќе пет години.

Сопругот се вработил за неполн месец. Ангела уште е невработена и покрај тоа што речиси нема здравствена установа, државна или приватна, која не бара медицински сестри.

„Се родија децата, едно, па уште едно... Немаше место во градинките во Карпош, па рековме, јас ќе го чувам првото дете додека се ослободи место. Во меѓувреме се роди и второто, па имав полни раце домашни обврски. Поголемот e што од септември ќе тргне во прво одделение, што значи обврските дополнително ќе ми се зголемат. И кога ќе видиш, години поминаа, а јас не можам да работам..и којзнае уште колку време ќе биде така“, вели Ангела М. За Радио Слободна Европа(РСЕ).

Пријатели ѝ нуделе работа во приватна болница, но не прифатила бидејќи од неа се очекувало да работи и трета смена. Одбила и работа во ординација на матичен доктор во близина на нејзиниот стан, од иста причина – нема кој да ѝ ги чува децата.

„Ќе остарам, не можам да се вработам. Здравствено сме осигурани преку сопругот, но немам ден стаж. Со голем мерак учев и сакав да работам...но ете, кога условот е работата или децата, се разбира дека приоритет ќе имаат децата“, вели Ангела.

Од истражувачката организација „Реактор-истражување во акција“ велат дека е потребна системска борба против дискриминацијата на пазарот на трудот и стереотипите што ги држат жените надвор од него.

„Во време кога на економијата ѝ е потребен секој можен талент и работна сила, мораме да размислуваме „надвор од кутијата“ и да обезбедиме нови мерки кои ќе овозможат поголема поддршка за да може да се активираат жените како работна сила. Неопходни се мерки како инвестирање во детска грижа, создавање политики за флексибилност на работните места, споделено родителско отсуство и вклучување на мажите, подобрување на можностите за образование, особено за жените од руралните средини и сите оние кои немаат пристап до квалитетно образование и обуки“, вели Тања Иванова, претседателка на „Реактор - истражување во акција“.

Според последните податоци објавени од Агенцијата за вработување, невработени се 51.874 невработени жени, наспроти 47.268 невработени мажи.

Меѓу невработените лица, најбројни се оние со завршено средно образование.

Секоја втора работоспособна жена не бара работа

Секоја втора работоспособна жена не е вработена и не бара работа, покажаа резултатите од анализата на Институтот за економски истражувања и политики, „Фајнанс тинк“.

„Тоа се должи на ограничена поддршка за детска грижа, недостапност на флексибилни работни аранжмани, културни бариери и домашни обврски. Оваа ситуација води до неисполнет економски потенцијал, што негативно влијае врз економскиот раст и продуктивноста“, пишува во анализата.

Според „Фајнанс тинк“, стапката на неактивност на жените на пазарот на труд е висока и изнесува 57,2 отсто. Половина од неактивните жени се во категорија домаќинки. Вредноста на работата на домаќинките е проценета на 8 отсто од бруто домашниот производ (БДП), додека вредноста на времето што жените го поминуваат во неплатена домаќинска работа и грижа се проценува на 25,3 отсто од БДП, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Или, околу 250.000 жени во Северна Македонија се домаќинки и се надвор од пазарот на труд, во време кога фирмите увезуваат работници од странство. Неплатениот труд на домаќинките ако се претвори во пари изнесува над милијарда евра годишно.

Состав на неактивноста на пазарот на труд во Северна Македонија (2017-2023) Извор: „Фајнанс Тинк“
Состав на неактивноста на пазарот на труд во Северна Македонија (2017-2023) Извор: „Фајнанс Тинк“

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, укажа дека со поголемата застапеност на жените на пазарот на труд може да се зголеми отпорноста на економиите.

„Во моментов, вклученоста на жените на пазарот на труд во регионот сѐ уште е ниска, односно нивната стапка на активност е 45 отсто, наспроти стапката на активност на мажите од 64 отсто. Намалувањето на овој огромен јаз претставува значајна можност за иден економски раст, кој според процените на Светската банка би можел да биде повисок дури за 18 отсто во регионот на Западен Балкан“, рече Ангеловска-Бежоска на почетокот на октомври, во обраќањето на женскиот економски форум „Балкан 2024“.

Жените се генерално помалку застапени и во формалното вработување со 41 % отсто и во неформалното вработување со 33 отсто, покажуваат статистичките податоци за 2023 година.

Посебен проблем за повозрасните и за жените од руралните средини

Според статистичките податоци, во Северна Македонија има околу 52.000 невработени жени. Околу 19.000 од нив се на возраст над 50 години, кога е уште потешко да најдат работа.

Таков проблем имаат и жените од руралните средини. Мерките кои се преземаат од страна на државните институции не се доволни и не се ефикасни за да се вработат овие жени, констатира и Државниот завод за ревизија(ДЗР).

„Во Националните стратегии за вработување и акциските планови не се
предвидени посебни цели, индикатори, мерки и активности прилагодени за потребите на жените од руралните средини за нивно вклучување на пазарот на труд. Жените од руралните средини и нивното вклучување на пазарот на труд, не се дел од стратешките приоритети и цели на Владата“, утврди ДЗР.

Родовиот јаз во светски рамки и натаму е висок и според Извештајот за глобалниот родов јаз од 2024 година, тој изнесува 32 отсто. Процените говорат дека за да се затвори овој јаз ќе бидат потребни дури 152 години. Експертите велат дека за тоа се потребни сеопфатни реформи во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, а од суштинско значење е да се развие женското претприемништво.

XS
SM
MD
LG