Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека Алијансата „ги поставува основите за победа на Украина“ во нејзините напори да се одбрани од Русија.
Осврнувајќи се на сеопфатната инвазија на Русија на Украина која започна во февруари 2022 година, Столтенберг на неговата последна прес-конференција на самитот на НАТО рече дека Алијансата „не може и нема да дозволи тоа да се повтори“.
Тој и порача на Русија дека „насилството и заплашувањето не се исплатува“.
„Лидерите на НАТО се собраа за да ја направат Украина посилна и поспособна и да изградат мост за евентуално членство на Украина во НАТО“, рече Столтенберг, давајќи гаранции дека Алијансата „ќе ги задоволи потребите на Украина“ во иднина.
На последниот ден од самитот, со цел да се нагласи поддршката на НАТО за Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека доколку сакаат да видат дека Украина ги поразува руските напаѓачки сили, лидерите на НАТО треба да ги укинат сите ограничувања против Киев, со цел да Украина да може да го користи нивното донирано оружје за напади со долг дострел на руска територија.
„Ако сакаме да победиме и ако сакаме да ја спасиме нашата земја и да ја одбраниме, треба да ги укинеме сите ограничувања“, рече Зеленски на 11 јули на брифинг со новинарите заедно со Столтенберг.
Коментарите на Зеленски следуваат ден ден откако НАТО објави голем пакет помош за поддршка на одбраната на Украина од руската инвазија, вклучително и испорака на долгоочекуваните борбени авиони Ф-16 од американско производство и обезбедување воена помош од 43 милијарди долари во следната година.
Видете и ова: Релациите со соседите само на маргините на самитот на НАТОАлијансата, исто така, го истакна правото на Украина да се брани од странска агресија и да избира свои безбедносни аранжмани, изјавувајќи дека „иднината на Украина е во НАТО“ и дека Киев ќе продолжи да добива поддршка „на својот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција“.
На 11 јули, САД објавија дека ќе испратат воена опрема во вредност од 225 милиони долари во Украина, дел од пакетот помош од 61 милијарда долари одобрен во април. Траншата вклучува ракетна батерија Патриот, противвоздушни системи и муниција, како и артилериска муниција и ракети.
Столтенберг на прес-конференцијата со Зеленски рече дека додека Русија се обиде „да не заплаши да не обезбеди поддршка“, се случи спротивното, и сојузниците во НАТО „всушност ја засилуваат својата поддршка за Украина“.
Зеленски, говорејќи непосредно пред да учествува на седницата на Советот НАТО-Украина, ја нарече помошта понудена на самитот „успешна“. Тој постојано ги повика партнерите да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина.
Но, Зеленски истакна дека на Украина и е потребна поголема контрола за да погоди воени цели длабоко во руската територија - конкретно, авионите што се користат за да ја нападнат Украина со бомби. Некои воздушни бази во кои се сместени авионите, рече тој претходно оваа недела, се наоѓаат на 500 километри од границата со Украина.
Пред разговорите во текот на денот, Андриј Јермак, шеф на администрацијата на Зеленски, рече дека укинувањето на ограничувањата за тоа како Украина го користи донираното оружје „ќе ја смени играта“.
„Едноставно е невозможно да се бориме кога непријателите немаат никакви ограничувања“, рече Јермак на Јавниот форум на НАТО на 11 јули.
Столтенберг го повтори ставот дека Украина, според меѓународното право, има право да се брани од инвазијата на руските сили, вклучително и со напади врз легитимни воени цели во Русија.
Прашањето за тоа како Украина ќе го користи своето донирано оружје зависи од одлуките на поединечните членки на НАТО. Некои рекоа дека Киев може да ги користи за да нападне руска територија, додека други се на став дека нивното донирано оружје може да се користи само во Украина.
Соединетите Држави на почетокот на мај ја отфрлија забраната Киев да користи американско оружје за да ја нападне руската територија. Британија, исто така, ги олабави ограничувањата на почетокот на мај.
Германија изрази противење да дозволи употреба на оружје обезбедено од НАТО за напад во Русија и одби да и ја испрати на Украина својата крстосувачка ракета со долг дострел Таурус. Берлин, сепак, кон крајот на мај рече дека Украина може да го користи оружјето што го снабдува за да се одбрани од напади од позиции во Русија.
Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис за Радио Слободна Европа изјави дека сојузниците треба да го променат начинот на кој гледаат на војната во Украина и да дозволат Киев да користи оружје во поголема мера.
На самитот на НАТО на 11 јули, Ландсбергис повика да се укинат ограничувањата за Украина да може да ги нападне тие цели од каде што Русија пука во Украина.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На прашањето на новинарите дали се согласува да ги укине ограничувањата, германскиот канцелар Олах Шолц рече дека нема промени во ставот на Берлин.
Американскиот претседател Џо Бајден, на состанокот со Зеленски претходно истиот ден, рече дека со задоволство ја објавува новата распределба на помошта.
„Ќе останеме со вас, точка“, рече Бајден пред билатералните разговори.
Во следната изјава кога беше објавен пакетот помош, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека „како што јасно кажа претседателот Бајден, САД и меѓународната коалиција што ја собравме ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, говорејќи пред новинарите на маргините на самитот, рече дека позицијата на Украина на бојното поле е подобрена откако беше усвоен пакетот помош во април. Тој рече дека Русија претрпува значителни жртви во меѓувреме. Сепак, Саливан предупреди дека деновите што претстојат за Украина „ќе бидат тешки“.
Заедничката декларација од лидерите на НАТО на 10 јули, во која Кина е наречена „одлучувачки овозможувач“ на руските воени напори доби остар укор од Пекинг.
Како одговор на декларацијата, во која исто така се вели дека Кина претставува системски предизвик за трансатлантската безбедност, Пекинг на 11 јули го обвини НАТО дека шири лажни информации и ја поткопува соработката меѓу Кина и Европа.
Загриженоста на земјите-членки во овој контекст, НАТО ја покажа преку зголемен интерес за формирање врски со четири индо-пацифички земји - Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја, чии лидери требаше да се сретнат со лидерите на НАТО на 11 јули за да разговараат за безбедносните предизвици и соработка.
Столтенберг им кажа на новинарите дека лидерите на НАТО се согласиле да продолжат да ги зајакнуваат нивните партнерства, особено во Индо-Пацификот, во услови на зголемена загриженост дека Кина може да го нападне Тајван и загриженоста за засилените безбедносни врски на Русија со Кина и со нуклеарно вооружена Северна Кореја.
„Во овој опасен свет, пријателите и партнерите се поважни од кога и да било, така што денес се договоривме да продолжиме да ги зајакнуваме нашите партнерства, особено во Индо-Пацификот. Безбедноста е глобално прашање, тоа не е регионално. Војната на Путин е поттикната од оние кои не ги делат нашите вредности“, заклучи шефот на Алијансата.
Столтенберг додаде дека Иран и Северна Кореја и даваат директна воена поддршка на Русија, додека Кина ја поддржува руската воена економија.