Резолуцијата за Илинденското востание која ја најави владејачката СДСМ, се уште не е целосно изготвена, велат извори за РСЕ оттаму. Резолуцијата ја најавија вчера, денеска ќе ги „пеглаат“ деталите, а целосната содржина најавија дека ќе ја објават утре.
Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев вели дека поводот за Резолуцијата е 120 годишнината од Илинденското Востание, а целта е, како што вели, да се потврди недвојбениот став на владејачката коалиција за статусот на Илинденското Востание и неговото значење за македонскиот народ.
„Не е целта тоа да предизвика кавги или поделби, и да биде алиби на некои мрачни сили на бугарска страна. Поентата е да биде таа со позитивен тон за значењето на Илинденско востание. Нема да дозволиме тоа да биде Резолуција која би предизвикала реакција од друга страна или слично. Целта и е да се скрати просторот на опозицијата за ширење на хистерија и лажни вести на темата, кои се непотребни и само внесуваат несигурност кај граѓаните, и неизвесност во целиот процес кој што е исто така непотребен, “ вели за Радио Слободна Европа Стефан Богоев.
Најавата за донесување на Резолуцијата во пресрет на празнувањето на 120 годишнината од Илинденското Востание дојде веднаш по веста за бугарското Собрание за, како што е наречна „Декларација за Илинденското-Преображенско востание“ предложена од пратеници. Станува збор за говор на тројца пратеници во Собранието за одбележување на годишнината од, како што тие го нарекуваат, Илинденско -преображенско востание кое Бугарија го одбележува на 20-ти јули.
Видете и ова: Уставните измени ќе се туркаат преку убедување пратенициВладејачката СДСМ очекува Резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии. Но, од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива велат дека ќе оценат дали ќе ја поддржат откако ќе ја прочитаат.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошовски вели дека најавената Резолуција од СДСМ и она што се случи во Бугарското Собрание на оваа тема, се лоши последици од Договорот за Добрососедство, кој резултира со влошени меѓусоседски односи и провокации. Според него основната цел на оваа Резолуција е за внатрешно политичко влијание односно купување на евтини политички поени.
„Според мене, еден дел од раководството на СДСМ се свесни за штетните последици, не само по однос на државата која е изложена на понижување од страна на соседна Бугарија, туку и штетни последици по СДСМ како партија, па со вакви потези да минимизираат дел од штетите кои што СДСМ ги трпи како политичка опција, која лековерно влезе во оваа несигурна зона на потчинетост на Македонија кон Бугарија“, вели Милошовски.
Според него, секоја политичка партија, што сака да предложи Резолуција која треба да добие пошироко национално единство, треба претходно да помине низ филтерот на консултации со другите партии. Но, владејачката партија тоа засега не го направи, што значи дека создава ризик за ново поларизирање на општеството, партиско поларизирање и купување на евтини политички поени, објаснува Милошевски.
На 2 Август се одбележуваат годишнините од почетокот на Илинденското востание, кренато во 1903 и заседанието на АСНОМ во 1944, кога биле поставени столбовите на државност.
Уставните измени и Резолуцијата за Илинденско востание во ист ден во Собрание
Во меѓувреме, од утре на собраниската Комисија за уставните прашања, пратениците ќе го разгледуваат и владиниот предлог за измена на Уставот со кој Бугарите заедно со уште пет други народи треба да бидат внесени во Преамбулата, со цел исполнување на условот за одржување на Втората меѓувладина конференција за отворање на кластерите од преговорите со Европската Унија.
Видете и ова: Дипломатскиот фокус за уставните измени без поголем ефект?Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повторно изјави дека ставот на партијата останува непроменет, односно тоа значи дека ќе гласаат против отворање на Уставот.
Инаку македонско – бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.
Видете и ова: Ѓоргиев: смислени тенденции за нарушување на периодите на добри односи меѓу Скопје и СофијаСофија минатото лето го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. За внесување на Бугарите во македонскиот устав потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, кое се уште не е обезбедено. Ако тоа не се направи, можна е повторна блокада на преговорите за влез на земјава во ЕУ.