Достапни линкови

Дипломатскиот фокус за уставните измени без поголем ефект?


Македонско и ЕУ знаме.
Македонско и ЕУ знаме.

Странските дипломати порачуваат дека промената на Уставот ќе биде последно барање за продолжување на патот на земјава кон ЕУ. Но, аналитичари сметаат дека дипломатската офанзива „нема голем“ ефект врз ставот на опозицијата, но и врз ставот на јавноста. За граѓаните, ЕУ и блокадата на Бугарија во моментов не се најважните проблеми.

Уставните измени влегуваат во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започнува точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ). За да се одржи втората конференција и да почне отворањето на поглавјата, во Собранието треба да се усвојат измени на Уставот, со кои ќе се внесат и Бугарите во него. Освен бугарскиот народ, во Преамбулата се внесуваат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ, соопшти Владата.

Во меѓувреме, пристигнува поддршка од странски дипомати за донесување на уставните измени. Скопје го посетија европски диполомати, а порака испрати и официјален Вашингтон.

Ескобар - Ангажирани сме да нема нови барања од Софија

Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) го поддржуваат процесот за уставни измени што ќе го овозможи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Тој во синоќешната дебата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД рече дека се ангажирани и со новата Влада на Бугарија за да се осигура дека нема да поставува нови барања.

И пораките на европските министри кои деновиве доаѓаат во посета на Скопје се дека треба да се направат уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата и со тоа да продолжи европскиот пат на земјава.

Но, за дел аналитичари со кои разговаравме, ефектот од ваквите пораки во јавноста не е голем, со оглед на искуството со потпишувањето на Преспанскиот договор и уставните измени од 2019 година за промена на името, кои тогаш се сметаше дека се последниот услов за продолжување на европскиот пат, но преговорите повторно беа блокирани.

„Посетите се корисни и се доказ дека членките на ЕУ имаат интерес за земјава да напредува кон Унијата, но од друга страна се гледа дека овие иницијативи немаат голем ефект, вели за Радио Слободна Европа политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети.

Тој додава дека пораките кои доаѓаат од ЕУ главно се насочени кон опоозицијата, но според него прашање е колку тие можат да влијаат врз нејзиниот став за уставните измени. Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму велат дека се за влез во ЕУ, но не за уцени од страна на Бугарија.

Прво Вишеградската, а во изминативе два дена и Вајмарската тројка министри имаше средби со македонскиот државен врв и опозицијата.

Северна Македонија припаѓа на семејството на Европската унија и „сега треба да се направи чекорот“, беше ставот на државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Лоранс Бун.

Таа ја заврши дводневната посета во Скопје, заедно со министерката за Европа и клима на Германија, Ана Лирман, и министерот за Европската Унија на Полска, Шимон Шинковски вел Сенк вчера.

„Дискусијата околу Уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија, туку Северна Македонија потоа автоматски ќе се најде на патеката на пристапување. Нема никакви дополнителни барања од ниедна друга земја, но има барања за ревизија на Уставот“, рече Бун.

Претходно и министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка - Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски дојдоа во Скопје во име на на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

Тие по средбите со сите политички лидери во Скопје порачаа дека уставните измени се единствената можност за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија.

Слични пораки високи европски функционери праќаа во периодот кога се потпишуваше Преспанскиот договор со Грција, пред да бидат изгласани уставните измени во 2019 година за промена на името на државата Република Македонија во Република Северна Македонија.

Реториката тогаш беше дека земјата треба да ја отстрани блокадата со Грција за членство во ЕУ и НАТО. Бугарија во тоа време немаше услови и барања, потпишан беше Договорот за добрососедство во 2017 година.

Но, кога се чинеше дека е отворен патот за почеток на пристапните преговори во 2019 година, прво блокада стави Франија, поради тогашното тврдење дека е потребна измена на методологијата за преговорите, а потоа и Бугарија излезе со блокада поради историски, јазични и идентитетски барања.

И додека политичарите сметаат дека овие евроинтеграциите и уставните измени имаат високо значење за земјата, граѓаните во моментов имаат поинакви перцепции, како што покажуваат најновите анкети.

Според истражувањето на Меѓународниот републикански институт ИРИ, интеграцијата во ЕУ и притисокот на Бугарија во ЕУ интеграцијата не се најважните прашања со кои се соочува Северна Македонија.

За нив приоритетни прашања се сиромаштијата, нискиот животен стандард, високите цени, економската ситуација, невработеноста...

Аналитичарот Мехмети, сепак смета дека посетите на високите претставници од земјите на ЕУ се важни, особено за внатрешниот дијалогот меѓу власта и опозицијата, со оглед дека без поддршка од опозицијата уставните измени не може да се направат.

„Мислам дека грешката што ја прави власта е што премногу се наслонува кон овие иницијативи и поддршката од надвор, а помалку од она што зависи од нас самите во државата – тоа е конструктивен дијалог, а не дијалог со навреди и омаловажувања“, вели Мехмети.

Но, и покрај посетите на министрите, опозицијата стои на ставот дека засега нема консензус за уставни измени.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски по средбата со министрите на Вајмарската тројка изјави дека владејачкото мнозинство е свесно дека нема двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени.

„Второ, тоа што беше кажано од име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија, беше „да“ за Европска унија, но не за уцени од страна на Бугарија, кои што не нудат никаква извесност дека процесот на евроинтеграции нема повторно и повторно да биде блокиран, заради ирационални прашања кои што Бугарија очигледно се уште ги има кон Македонија“, рече Милошоски.

Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е дека во ваква ситуација треба да бидат одржани предвремени избори.

Мехмети смета дека предвремени парламентарни избори нема ништо да променат и дека тоа не е добра стратегија, со оглед на роковите кои се дадени за уставните измени.

Тие треба до есенва да бидат изгласани, за Бугарите да бидат во Преамбулата како е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската унија (ЕУ).

Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови поради противењето на опозицијата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG