Најдоцна за четири недели се очекува целосно да заврши изградбата на гасоводот од Скопје кон Тетово и Гостовар, според директорот на Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност - пренос на природен гас НОМАГАС Скопје, Бајрам Реџепи.
Оваа делница сѐ уште не е пуштена во употреба, иако е завршена над 90 проценти уште во 2020 година. Реџепи објаснува дека долгото градење на останатите 10 проценти од проектот, повеќе од три години, е поради нерешени имотно правни работи и бројни предмети во судски постапки.
„Треба да се напомене дека проектот започнал со многу задоцнување, бидејќи постапката на експропријација започнала скоро две години по потпишување на договорот за градба“, вели Реџепи за Радио Слободна Европа.
Во моментов се работи на последните две до три парцели за кои Реџепи вели дека „се влечеа предолго постапките за експропријација“ и наведува дека очекува за три до четири недели целосно да заврши изградбата на гасоводот. Заполнувањето со природен гас ќе биде направено после завршување на сите испитувања и другите законско пропишани постапки, додава тој.
Видете и ова: Шума нема, гас нема, ама привршувал гасоводот низ ВодноИзградбата на делницата „Скопје – Тетово – Гостивар“ беше започната пред седум години, но гас низ цевките и натаму нема. Проектот тогаш предизвика незадоволство кај активистите за заштита на животната средина поради тоа што беше исечена шумата на Водно во Скопје, каде поминува гасоводот. Како компензација за штетите од гасоводот, беа одвоени 700.000 за пошумување на Водно од страна на НОМАГАС, но дрва засега не се посадени.
Северна Македонија нема сопствени наоѓалишта на природен гас. Земјата се снабдува со природен гас само преку еден цевковод преку Бугарија. Природниот гас се увезува главно од Русија преку Меѓународниот коридор 8 минува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија.
Но, се чека приклучувањето кон Транс Јадранскиот Цевковод (ТАП) од Грција, преку кој земјава ќе се снабдува со природен гас од изворот Шах-Дениз II во Азербејџан.
Реџепи вели дека е завршена изградбата на уште две делници, „Неготино (Кавадарци) - Битола“ и „Блок станица 5 (Штип) - Неготино“ и дека во тек се постапки за добивање на одобрение за употреба.
Гасот кој доаѓа во земјава главно го троши индустријата и трите постројки на компанијата за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО, додека учеството на домаќинствата речиси е незначително во вкупната потрошувачка заради ограниченото ширење на дистрибутивната мрежа.
Видете и ова: Дали бугарскиот данок на рускиот гас ќе ги зголеми цените - сите чекаат одговор од ЕУАко до крајот на 2023 година протече гас низ гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар, прашање е дали и кога гасот ќе стигне до корисниците со оглед дека е потребна и изградба на дистрибутивна мрежа во самите градови. Но, дури и сите планирани гасоводи да бидат изградени, тешко ќе биде за домаќинствата да преминат на употреба на природен гас. Така е бидејќи приклучок на гас не се предвидува при изградбата на повеќето објектите, како што објаснува професор Константин Димитров.
„Секој потрошувач на гас треба да има приклучок – цевка што ќе носи гас. Ако е малку поголема потрошувачката, на пример да има печка за греење на гас во некое домаќинство, треба да има и оџак за согорените гасови да излезат надвор. Таква инвестиција не е направена во сите нови објекти, со што некој да пристапи да најде конструкција е надвор од здрав разум. Така што, за користење на природен гас во домаќинствата јас не гледам перспектива. Природниот гас може да се користи во поголемите комерцијални објекти коишто имаат некакви котларници каде ќе се замени горивото, но премин на граѓаните на природен гас е прескапо кога објектите не се однапред за тоа предвидени“, вели Димитров.
Димитров оценува дека драматично се доцни со изградбата на гасоводот, посочувајќи дека бидејќи планот со овој гасовод бил во Полошкиот регион да се обезбедат енергетските постројки и домаќинствата со природен гас, во време кога тој беше поевтино гориво.
Цената на гасот драматично порасна на светските берзи особено по руската инвазија врз Украина во 2022, но цените потоа се стабилизираа. Сепак, кога станува збор за цените Северна Македонија и други земји од регионот во моментов се во неизвесност откако Бугарија од овој месец воведе нов данок за увоз и пренос на рускиот гас преку гасоводот Турски тек, на што остро реагираа Србија и Унгарија.
Видете и ова: Во 2029 година Земјата ќе ја надмине границата на глобалното затоплување, покажува нова студијаПретставници на енергетски институции во земјава велат дека оваа одлука ќе влијае врз цените на гасот во земјава, а министерот за економија Крешник Бектеши пред неколку дена најави дека ќе бараат оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата од 10 евра доколку не бидат ослободени капацитетите на гасоводот преку кој државата се снабдува со гас од Бугарија.
Но и покрај тоа, Европската комисија (ЕК) ја одобри наплатата на такса за руски гас од страна на Бугарија. Портпаролот на ЕК за климатска акција и енергија Тим Мекфи на 1 ноември соопшти дека Бугарија има право сама да одлучува како ќе ги користи приходите што ќе ги остварува од наплатата на таксата за транзит на увезениот руски гас низ бугарска територија.
„Таксите што ги наплаќа Бугарија за транзит на рускиот гас за Србија, Унгарија и Северна Македонија се национална мерка и затоа право на Бугарија е да одлучи каде ќе ги насочи овие приходите“, рече Мекфи.
Бугарија кон крајот на минатата недела го воведе новиот таканаречен „енергетски придонес“ за увоз и транзит на руски гас во износ од 20 лева (10,80 долари) за мегават час. Оваа цена ќе се плаќа за секои скоро 1000 кубни метри увезен или транзитен гас и е приближно 20 проценти од цената на гасот на енергетските пазари во моментов. Законот во Бугарија стапи на сила на 13 октомври.
На ова реагираше и премиерот Димитар Ковачевски кој на 1 ноември рече дека бугарската такса за рускиот гас е нешто што не треба да биде воведено, додавајќи дека ваквиот став го пренел и на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен која пред три дена беше во посета на Скопје.
„И јас си министерот за економија реагиравме во ЕК, јас преку претседателката на Европската комисија тој преку соодветните директорати, дека оваа такса е нешто што не треба да биде воведено. Целокупниот капацитет на влезната страна кон Северна Македонија е даден од страна на Бугарија на „Гаспром“, што значи дека ваква такса ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и затоплување кај нас до 20 проценти. Затоа побаравме да се ослободи капацитет, за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори за гас кој нема да биде руски и нема да биде дополнително оптоварен со оваа такса“, изјави Ковачевски.
Видете и ова: Ковачевски вели дека бугарската такса за рускиот гас ќе ја зголеми цената на струјата за 20 отстоИ додека засега Северна Македонија добива гас само преку Меѓународниот коридор 8, изградбата на интерконективен гасовод со Грција требаше да започне до средината на 2023 година. Реџепи вели дека се направени неколку измени во проектот, посочувајќи дека овој интерконективен вод нема да биде само за пренос на природен гас, туку и за водород, со што имало поместување на роковите и од македонска и од грчка страна.
„Веќе е потпишан договор за надзор и донесени се финални одлуки за инвестиција на двете страни, и многу брзо ќе се објави и повикот за ангажирање на оператор за градба. Според нашиот план, изградбата ќе започне на почеток на наредна година“, вели Реџепи.
Статистичките податоци покажуваат дека Северна Македонија користи околу 450 милиони кубни метри природен гас годишно од околу 800 милиони кубни метри колку што е капацитетот на гасоводот. Од овие количини, над 50 проценти користи ТЕ-ТО.