Достапни линкови

Дали бугарскиот данок на рускиот гас ќе ги зголеми цените - сите чекаат одговор од ЕУ


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Северна Македонија во неизвесност откако Бугарија воводе нов данок за увоз и пренос на рускиот гас преку гасоводот Турски тек, на кој остро реагираа Србија и Унгарија. Претставници на енергетски институции во земјава велат дека оваа одлука ќе влијае врз цените на гасот во земјава, а дел експерти сметаат тоа нема да се случи поради либерализација на пазарот на природен гас. Државните институции засега не даваат никакви одговори.

Македонските институции официјално немаат добиено никакви информации околу новиот данок што го воведе Бугарија за увоз и пренос на рускиот гас преки гасоводот „Турски тек“, но посочуваат дека сите засегнати страни во моментов водат интензивни разговори.

Ниту Владата, ниту државното Акционерско друштво за вршење на пренос на природен гас (НОМАГАС АД Скопје) не даваат конкретни одговори на прашањата на Радио Слободна Европа дали и како одлуката на Бугарија ќе влијае врз цените на природниот гас во Северна Македонија, со оглед дека земјава се снабдува со гас само преку еден цевковод преку Бугарија.

„Официјално немаме добиено никаква информација и бидејќи во моментов се водат интензивни консултации со сите засегнати страни, но и заради сензитивноста на темата, во овој момент не можеме да дадеме одговор на вашето прашање“, вели во одговор за РСЕ извршниот директор на НОМАГАС Бајрам Реџепи.

Единствено претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски ни одговори дека одлуката на Бугарија секако ќе има ефект врз цените во Северна Македонија, но и тој не дава повеќе детали упатувајќи дека одговори треба да дадат двата снабдувачи со природен гас во земјава - приватната компанија Макпетрол и државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ Снабдување) кои имаат договори пак со нивните снабдувачи.

Бислимовски вели дека најголем дел од гасот што доаѓа во земјава низ интерконективната врска со Бугарија е руски, а помала количина има од други извори како на пример од терминалите на Азербејџан.

Побаравме одговор од компанијата Макпетрол од каде велат дека засега само ја виделе одлуката на Бугарија и дека засега немаат никакви официјални информации. Од Макпетрол велат дека нивниот договор за гасот кој го добиваат на границата со Бугарија е директно со руската енергетска компанија Гаспром.

Гасот кој доаѓа во земјава главно го троши индустријата и трите постројки на компанијата за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО, додека учеството на домаќинствата речиси е незначително во вкупната потрошувачка заради ограниченото ширење на дистрибутивната мрежа. Но, со со оглед дека ТЕ-ТО прави испорака на топлинска енергија, прашањето е дали ќе поскапи цената на парното.

Но, Митко Андреевски - експерт за енергетика и сопственик на компанија која работи со гас, го тврди спротивното, односно дека одлуката на Бугарија нема да влијае врз цените на гасот во Северна Македонија.

Андреевски објаснува дека земјава засега се снабдува со гас главно од Руската Федерација преку договорот на Гаспром со Макпетрол, но укажува дека со либерализацијата на пазарот на природен гас отворени се можности да има и други снабдувачи. Според него, ако на пазарот во Северна Македонија во крајната цена се третира транзитнтниот данок што треба да се плати во Бугарија, тој гас ќе стане неконкурентен, за разлика од другите доставувачи.

„Сите количини коишто доаѓаат од Руската Федерација ќе подлежат на акцизата што ја донесе Република Бугарија, но создадени се услови да има и други доставувачи на природен гас во Републиката. Следствено на тоа мислам дека Русите ќе ја намалат таа цена за да бидат конкурентни и поради тоа не очекувам зголемување, односно дека оваа одлука битно ќе влијае за зголемување на цената на природниот гас како последица на таа одлика“, вели Андреевски.

Со законот за либерализација на прирородниот гас од 2019 година, уредено е трговецот со гас да не може да биде иста фирма на која што ќе биде и операторот на системот, вели Андреевски. Второ, додава тој, државата воспостави 100 отстотна контрола на систем-операторот за природен гас НОМАГС, а НОМАГАС и Булгартрансгас го зголемија капацитетот на гасоводот во Бугарија од каде се снабдува Македонија, од единствениот закупец којшто беше Гаспром.

„Со тоа се направи низ таа цевка да не носи само Гаспром, туку носат и други трговци на гас“, вели Андреевски.

Каква мерката што воведе Бугарија?

Бугарија кон крајот на минатата недела го воведе новиот таканаречен „енергетски придонес“ за увоз и транзит на руски гас во износ од 20 лева (10,80 долари) за мегават час, по што предизвика силни реакции кај Србија и Бугарија коишто потегот го нарекоа непријателски.

Оваа цена ќе се плаќа за секои скоро 1000 кубни метри увезен или транзитен гас и е приближно 20 проценти од цената на гасот на енергетските пазари во моментов. Законот во Бугарија стапи на сила на 13 октомври.

Бугарската влада ја бранеше својата одлука да го воведе новиот данок, откако Унгарија и Србија, кои се потпираат на испораките од Москва, ветија дека ќе одговорат на потегот.

Андреевски вели Србија и Унгарија се во друга позиција и дека нивната загриженост за одлуката на Бугарија е поради тоа што тие се конектирани на гасоводот Турски тек и дека доколку сакаат да ги задоволат своите потреби, гасот мора да го носат низ тој гасовод, којшто го изградил гаспром, а на по коридорите, како што е поврзана Северна Македонија.

„Србија и Унгарија се снабдуваат со природен гас преку Турскиот тек (Јужен поток). Тој гасовод првично Бугарија го одби, па го прифати Турција, а потоа повторно помина низ Бугарија и коридорот е преку Србија, Унгарија и завршува во Австрија. Они се загрижени затоа што низ тој коридор други доставувачи на природен гас нема да може да има. Во такви услови, таа количнина на природен гас по тој гасовод којшто транзитира низ Бугарија, ќе биде оптеретена со 20 лева по мегават час, или 10 евра“, вели Андреевски.

Србија и Унгарија тврдат дека новото оданочување на Бугарија „драматично“ ќе ги зголеми цените на гасот кои се испорачува до нив. Тие најавија дека ќе бараат заеднички одговор од Бугарија и Европската унија.

„Оваа нова бугарска регулатива го загрозува сигурното снабдување со енергија во Унгарија и Србија“, се вели во заедничката изјава на српскиот министер за финансии Синиша Мали и унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.

Во одговор на српското Министерство за рударство и енергетика за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, се вели дека новите даноци воведени од Бугарија „драматично ќе ја зголемат“ цената на гасот за 100 евра за 1.000 кубни метри гас.

Денков - Таксата е за Гаспром, не за Србија и Унгарија

Според изјавата на бугарскиот премиер Николај Денков целта на новата такса не е за зголемување на цената на гасот во Србија и Унгарија, туку намалување на профитот на Гаспром. Бугарија сепак на 18 октомври објави дека наскоро ќе разговара за данокот со своите европски партнери.

„Ние ќе ги одржиме првите разговори со претставници на Европската комисија, Унгарија и Србија. Следува Европскиот совет на кои ќе имам можност да разговарам со нив. Ние велиме дека оваа такса е за руската компанија Гаспром, а не за овие земји или за бугарската државна компанија Булгартрансгас“, изјави Денков.

Како што пишува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа, руската компанија Гаспром резервира огромно мнозинство од капацитетот на гасоводот Турски тек во Бугарија, и ѝ плаќа на земјата транзитни такси, а со новата одлука се очекува тие да бидат зголемени.

Грубите пресметки покажуваат дека доколку се задржи просечната количина на руски гас што транзитира низ Бугарија, новата такса ќе ги зголеми приходите во бугарскиот буџет за над 2 милијарди лева годишно (околу 1 милијарда долари).

Бугарските министерства за финансии и економија до објавувањето на овој текст не одговорија на барањата на бугарскиот сервис на РСЕ кога ќе почне да се наплатува таксата, кој ќе ја плати и колку Бугарија ќе заработи од неа.

Гаспром без коментар на одлуката на Бугарија

Бугарија не увезува гас од Русија од април 2022 година, откако го одби барањето на Москва да го плаќа енергенсот во рубљи, два месеци од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Сепак Бугарија остана транзитна земја за рускиот гас до Србија, Унгарија и други држави во Европа.

Србија и Унгарија низ гасоводот Турски тек преку Бугарија и натаму увезуваат значајни количини од Русија.

И двете земји во значителна мера зависат од рускиот гас и имаат долгорочни договори со рускиот Гаспром - енергетска компанија која не е под санкции на ЕУ и Гаспром засега не се огласи по одлуката на Бугарија.

Србија и Унгарија стравуваат дека новото оданочување може да ги загрози испораките на гас од Русија.

Тие додаваат дека граѓаните „немаат причина за загриженост“ бидејќи Србија има резерви на гас од 690 милиони кубни метри кои се складирани во Србија и Унгарија.

Српски експерти - Бугарија го прекрши Договорот за енергетска заедница

Професорот на Факултетот за економија и правда во Нови Сад, Владимир Медовиќ, за Радио Слободна Европа оценува дека Бугарија со оваа одлука го прекршила Договорот за основање на енергетската заедница.

„Сега топката е во дворот на Европската комисија, која е чувар на договорите и законитоста во ЕУ, на Европската комисија е да реагира и да го отстрани ова прекршување“, смета Медовиќ.

Тој објаснува дека доколку Европската комисија не реагирала во овој случај, самата ЕУ „би била одговорна за кршење на регулативите на Енергетската заедница“.

Европската комисија до објавувањето на текстот на балканскиот сервис на РСЕ не одговори на прашањата дали одлуката на Бугарија е во согласност со регулативите на ЕУ и дали за тоа им се обратиле на властите во Србија и Унгарија.

И официјален Белград и Будимпешта одржуваат блиски односи со Москва и по руската инвазија на Украина.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG