Претседателката на Европската комисија Фон Дер Лајен јасно порача дека единствен чекор до почеток на преговорите се уставните измени на кои државата веќе се согласила. Дали добивте НЕ за уставни промени со одложено дејство?
Мислам дека треба да му дадеме време на времето. Најпрво да го исцрпиме овој чекор, па да зборуваме за следните чекори.
На кој чекор мислите, уставни измени со одложено дејство?
Па да, нешто слично.
Тоа го врзувате и со изборите во Бугарија в недела?
Тоа си е внатрешна работа во Бугарија. Мислам дека ништо не е вечно и дека ако има волја, има и начин. Јас сум убеден дека диктатот не е решение, дека ултиматумот не е решение, дека потребно е да се разговара, се до оној момент додека не се изнајде решение кое што, често пати соговорниците викаат, ќе биде win-win да победат и двете страни, јас имам спротивно мислење, да биде loose-loose, и двете страни по нешто да изгубат. Не е добро ако едната страна губи се, а другата добива. Тоа не е компромис. Впрочем, таков беше и тн. француски предлог. Ние бараме Европската Унија да ги почитува своите принципи и своите вредности. Толку.
Значи, очекувате одговор од Европската комисија. Но ќе треба поддршка и од Бугарија.
Јас сум подготвен со секој да разговарам, јас сум подготвен да седнам буквално со секој еден кој што има чесна намера, добра намера да најдеме решение за овој проблем, бидејќи наша цел е да бидеме дел од европското семејство. Иако, убеден сум дека тоа го заслуживме многу порано, дури и пред некои други земји членки на ЕУ. За жал, поради неправдата која што е нанесена на македонските граѓани и на нас како држава, ние денеска се уште не можеме ниту преговори да почнеме. Ова не е трка во која што вие треба само да учествувате. Ние сме сега дојдени во ситуација кога ќе ја почнеме трката треба јасно да знаеме дека ќе ја завршиме таа трка. А не дека на некој од следните пречки повторно ќе се сопнеме и повторно ќе требаат децении, понижувања и така натаму. Јас не сум таков соговорник. Јас сум соговорник кој што, да, е подготвен на компромис, но доколку тој компромис значи испорака, односно крај, во нашиот случај крајот ќе подразбира полноправно членство во рамките на Европската Унија.
Видете и ова: Фон дер Лајен: Речиси сте до отворање на првиот кластер, но прво уставни измениКолку Македонија е подалеку од Европската Унија се отвора простор за други влијанија. Имаме пораст на евроскептицизмот. Колкаво е руското влијание во политичките случувања во земјава?
Не би рекол дека имаме руско влијание овде. Ако гледаме историски никогаш не сме биле како народ во врвните приоритети на руската дипломатија.
Но Северна Македонија е на списокот непријателски земји на Русија.
Ние сме дел од НАТО, имаме заедничка надворешна и одбранбена политика на ЕУ, комплетно сме усогласени, остануваме на таа политика и нема промена ниту милиметар од таа политика и тоа е логично. Јас повеќе би рекол, влијание имаат политичарите од регионот кои што наместо да гледаат во иднината, не враќаат во средниот век, кога на маса ставаат ултиматуми и диктати. А зборуваме за европски вредности, зборуваме за иднина. Тие поголемо, би рекол, влијание имаат овде да се создаде чувство дека сме предадени од страна на европските вредности.
На кои политичари мислите?
Дел од бугарските политичари во последно време, затоа што вие не можете да разговарате за иднината, ако некој континуирано ве турка назад кон средниот век, а јас би сакал да разговарам за иднината.
Дали тоа остава простор за влез на други идеи, влијанија, други инвестиции, од Кина можеби?
Кина е најмалку присутна кај нас во регионот. Јас би рекол дека Кина е повеќе присутна во некои земји членки на ЕУ од колку кај нас. И навистина сум сериозно изненаден со толеранцијата и попустливоста кон тие земји членки на ЕУ, бидејќи, да речеме, кинески компании се сопственици на озбилни објекти, како што се пристаниште и слично во членки на ЕУ, градат инфраструктура. Кај нас, ниту економски, ниту политички, имаат било каква активност, така што дека имаат некоја посебно влијание, дека било што ќе направат овде надвор од стратешките интереси и надвор од стратешките партнери, не верувам. Дали постои некоја друга опција? Во овој момент не. Европската Унија е наша стратешка цел и ние сакаме да ја реализираме што порано.
Претстојат изборите во САД. Прави ли разлика кој ќе биде новиот американски председател?
Мислам дека стратешки било која опција да биде избрана како председател на САД, ќе го има Балканот низ својата оптика, така што не гледам тука некои подраматични измени дека ќе се случат кон Балканот.
Имавте средби со поранешниот специјален пратеник на Трамп, Гренел. Дали тоа значи дека на некој начин го фаворизирате Трамп?
Не само со Ричард Гренел, имав средби и со Крис Павловски, кој што е многу близок и во бизнисот и приватно со синот на претседателот Трамп. Имав исто така средби и со Хауард Лутник, кој што е председател, условно кажано, на транзицискиот тим на Трамп, еден од петмината најблиски соработници, господинот Муњез беше исто така во Македонија, Роберт Стефановски да речеме, исто така, еден близок човек до семејството на претседателот Трамп. Но исто така сум имал многу средби со луѓе кои што се дел од структурата на демократите и блиски на потпредседателката Камала Харис, но не значи дека фаворизираме еден или друг.
Видете и ова: Харис или Трамп – колку е важно за Северна Македонија кој ќе победи?Северна Македонија има најниска просечна плата на Балканот. Има најниска стапка на раст. Како ќе ги задржите младите во земјата со најниски плати?
Ние сме влада 4 месеци. Тоа што го наследивме е катаклизмично. И се обидовме таа катаклизма да ја санираме во рамките на тоа што можевме овие 4 месеци. И првите индикатори се добри. Да речеме, излезе бројката за просечната плата во август, таа е порасната, речиси за 13% нето споредено со минатата година во август, имаме раст на платата при ниска инфлација. Со нашата политика успеавме да им ја вратиме вредноста на тие денари кои што ги земаат како месечен надомест во работењето. Дали сме најслаби? Не сме, има послаби држави во регионот од нас по просечна плата, но она кое што е важно е да се спореди Gini индексот и да се споредат исти производи во различни држави при исти услови. Тоа значи дека нема да се потпреме на потрошувачката, туку ќе се потпреме на инвестициите
Кога сме кај капитални инвестиции, министерот Николовски, вели нема да се гради пругата кон Бугарија, другиот, Муртезани вели ќе се гради?
Нити едниот, нити другиот така кажа. Пругата, коридорот 8, но и брзата пруга коридорот 10 се наш стратешки интерес. Нема поголем приоритет од нас, од тој, да го испорачаме нашиот стратешки интерес. А тоа значи дека ние како држава, природно, сме крстосница на овие два коридора 8 и 10. За разлика од коридорот 10, за кој што имаме јасна рута, јасен план, јасно обврзување од сите држави, за коридорот 8 ние такво нешто не видовме од страна на Бугарија. И имаме нејасна слика до каде е пругата во Албанија. Е сега, постои дијалог на високо ниво во Брисел, кој што имаше прва сесија, заврши, сега кон крајот на месецот треба да биде во Софија и очекувам во Скопје и конечно да се финализира сето тоа.
Видете и ова: Антикорупциска ќе го испитува именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБОпозицијата ве обвинува дека поставите партиски кадар во Агенцијата за национална безбедност.
Ако мислите за новиот директор Бојан Христовски, да, тој беше дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ, но во минатото, бидејќи беше дел од Министерството за внатрешни работи, тој е целосно деполитизиран, департизиран, таков е законот. Тој како кадар во Агенцијата за национална безбедност доаѓа од кабинетот на Министерот за внатрешни работи. Дали се познаваме - да? Дали јас треба да соработувам со луѓе што ги познавам? Да. Бидејќи, еве, се обидовме со луѓе кои што не ги познаваме, кои што ги наследивме, немаше резултати. Јас бев избран за председател на владата,и два, два и пол месеци не добивав никакви извештаи од страна на тогашниот директор на Агенцијата за национална безбедност. Сега логично е да работам со луѓе кои што ги познавам и во кои што имам доверба, но не гледам тука што е нелогично. Е сега, ако се тие исплашени за тоа што индициите и одтаму и од Агенцијата за разузнавање се многу озбилни, за тоа, не би зборувал јавно, би оставил органите да ја завршат работата. Дека овие две агенции во минатото биле тврдини, од кои што јасно се таргетирале поединци од опозицијата, наместо да се занимаваат за безбедността на државата, тоа е веќе друго прашање. И треба да се исплашени, затоа што првичните информации кои што ги добивам се страотни. За жестоки злоупотреби во насока на работење спротивно на државните интереси, кодошење на опозицијата со фалсификувани и фабрикувани податоци, следење на опозициони претставници, тоа е нешто кое што ќе биде огромен скандал и затоа не би сакал во овој момент да зборувам детали, да оставиме, да кажам повторно, време на времето.
И за Судскиот совет, дали конечно имате предлог за реформа на ова клучно тело во судството?
Чекав предлози и не добив и сега сам си ја пишувам домашната работа, бидејќи веќе е катаклизмично. Почнувам со меѓународни европски експерти да комуницирам, да се консултирам со некој од нив, веќе во сабота имам договорена средба, ќе допатуваат кај нас и ќе разговараме на оваа тема, бидејќи македонските граѓани очигледно дека се незадоволни како функционираат и обвинителите и судиите. По таа средба ќе се знае тимот разговараат и со мене и со министерот за правда, но и со другите поврзани субјекти, така што ќе видиме. Многу скоро ќе имаме решение.