Објавите, коментарите, видео клиповите, фотографиите, бројните лични податоци кои од крајот на јуни јавно се споделуваат преку Инстаграм, Фејсбук и други апликации во сопственост на компанијата Мета, не се само содржина што ја споделуваме со пријателите.
Со промената на „политиката за приватност“, тие може да станат материјал за тренирање на вештачка интелигенција (AИ) развиена од оваа американска компанија.
Сè се случи без најава и објаснување, а милиони корисници од Западен Балкан не биле ни информирани за новата „политика за приватност“ на Мета која беше објавена на 26 јуни.
Во документот што го анализира Радио Слободна Европа (РСЕ), компанијата Мета го наведува лансирањето на нова услуга - тоа е можноста за создавање текст, звук, слики и видеа преку вештачка интелигенција.
Мета собира јавно објавени содржини кои корисниците ги споделуваат преку платформите на компанијата, па новата услуга што ја обезбедува преку развој на вештачка интелигенција ќе се надоврзува на оваа практика.
Корисниците од Западен Балкан не биле информирани за веста, додека граѓаните на Европската Унија при логирање на платформите добиле предупредување дека се менува политиката, а потоа и опцијата за повлекување податоци од планираниот тренинг за вештачка интелигенција.
Кога сè ќе се стави во контекст со локалните закони во регионот, Мета беше обврзана да ја понуди истата опција на корисниците во Северна Македонија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Законските решенија постојат во балканските земји и тие се најмногу усогласени со европските кога станува збор за обработката на личните податоци, покажува анализата на РСЕ.
Сепак, институциите одговорни за заштита на личните податоци во овие земји немаат многу инструменти да реагираат, изјавија нивните претставници за РСЕ.
Како еден од најголемите проблеми наведуваат дека Мета нема ни именувано претставници во земјите од Балканот со кои институциите би соработувале.
Во исто време, Мета не одговори на прашањата на Радио Слободна Европа за промените во политиката за приватност и нивните ефекти врз корисниците од Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово.
Што носи новата политика на Мета?
„Политиката за приватност“ претставува еден вид договор помеѓу корисниците на платформата и компанијата која обезбедува различни дигитални производи и услуги.
Најважниот дел од овие документи е кои податоци ги собира и како се обработуваат од дигиталната платформа. Мета ја менува својата политика токму во овие важни области.
Видете и ова: Колку и да се труди нема да не замениРазвојот на вештачката интелигенција за првпат се наведува како причина за обработката на податоците на корисниците на Мета, покажува анализата на „политиката за приватност“, која е достапна за јавноста преку Фејсбук платформата на Мета.
Имено, во делот „Како и зошто ги обработуваме вашите податоци“ компанијата Мета, од една страна наведува голем број услуги и производи што ги дава, а од друга страна, различни видови кориснички податоци што ги собира за тие цели.
Како што е наведено во документот, се работи за јавно објавени содржини што корисниците ги оставаат на платформи како што се податоци за профилот, име, корисничко име, фотографија на профилот, потоа коментари на социјалните мрежи, како и видео и аудио содржина што се споделува јавно.
Мета собира и податоци за содржината на која корисниците обрнуваат внимание, т.е. собира податоци за тоа како се реагира на различни содржини, времето на користење и зачестеноста на интеракции на поединечни мрежи контролирани од Мета.
Списокот не застанува тука, се споменуваат и „пораки што ги испраќате и примате, вклучувајќи ја и нивната содржина, во согласност со важечките закони“, како и податоци за уредите од кои пристапувате до Фејсбук или Инстаграм.
Мета поседува многу чувствителни информации
„Ако ја погледнеме Мета, она што е посебно во овој случај е тоа што тие имаат пристап до платформите, како што се WhatsApp, Instagram и Facebook, кои имаат илјадници милиони, всушност милијарди корисници и профили, каде што се наоѓаат чувствителни информации“, изјави во интервју за РСЕ адвокатот Феликс Миколаш.
Миколаш е адвокат на организацијата и адвокатската канцеларија NOYB (Non Of Your Business) со седиште во Австрија, која беше една од најактивните во поднесувањето тужби и писма за да се стопираат идеите на Мета на ниво на Европската Унија.
Тој додава дека, за разлика од другите компании кои развиваат вештачка интелигенција, има многу информации кои Мета може да ги користи и кои другите платформи не можат да ги соберат од Интернет, а тоа го прави овој случај попроблематичен отколку кога станува збор за развој на други модели со вештачка интелигенција.
Сепак, тој посочува дека сè уште не се документирани случаи на злоупотреба на лични податоци преку моделот на вештачка интелигенција.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Коментирајќи ја политиката за приватност, Миколаш истакнува дека две работи се клучни - дека компанијата не побарала согласност од корисникот нивните податоци да се користат за тренирање вештачка интелигенција, но и дека моделот на вештачка интелигенција што го развива не е детално опишан.
„Можеме да ги користиме овие податоци за која било цел, не знаеме точно за што ќе ги користиме, само ќе ги користиме генерално за технологија за вештачка интелигенција. Така што тие не обезбедуваат никакви информации за корисниците“, вели Миколас и додава дека компанијата треба да биде потранспарентна.
„Затекнатиот Балкан“ без опција за излез од тренингот за вештачка интелигенција
Додека организациите и експертите во ЕУ се изборија Мета да се однесува повнимателно кон граѓаните на Унијата, регионот остана во некаков мрак.
РСЕ не можеше да најде корисници на платформите на Мета од Западен Балкан кои биле известени за промената на политиката за приватност.
Мета не одговори на прашањата на РСЕ за тоа како ги информира корисниците од Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и Косово за новостите во собирањето податоци.
Експертот за дигитални права и заштита на лични податоци Ана Тоскиќ- Цветиновиќ од организацијата „Партнерите на Србија“ наведува дека Западен Балкан во овој случај се нашол во своевидна сива зона.
„Целиот наш регион е во специфична позиција, а тоа е во Европа, дел од процесот на интеграција во ЕУ, нашите регулативи се во голема мера усогласени со регулативите на ЕУ, но механизмите што ни се достапни не се доволно ефикасни како оние што постојат во однос на граѓаните на ЕУ. “, наведува Тоскиќ.
Таа додава дека организацијата „Партнери на Србија“ кон крајот на јули поднела иницијатива до комесарот за заштита на личните податоци за поведување постапка против компанијата Мета за прекршување на законот во Србија.
Кој ги штити дигиталните права на граѓаните во Западен Балкан?
Закони постојат, но тешко се применуваат, наведуваат некои независни тела за заштита на личните податоци во Западен Балкан.
Во ниту една од петте земји Мета нема назначен претставник и засега властите за заштита на податоците не инсистираат на тоа преку заедничка иницијатива.
Од Канцеларијата на надлежниот за заштита на податоците во Србија наведуваат дека во наредниот период ќе контактираат со компанијата „Мета“ во врска со промената на политиката за приватност.
Тоскиќ-Цветиновиќ смета дека правобранителот требало да ја информира јавноста што подразбираат промените во политиката за приватност на Мета.
„Надлежниот за заштита на податоците требаше да ги извести граѓаните за ваквата измена, но бидејќи тоа сега не е направено, треба да се поведе постапка против Мета за да се утврдат евентуални незаконитости во обработката на податоците“, посочува таа.
Од Канцеларијата на надлежниот за заштита за лични податоци објаснуваат дека покренувањето на постапка против компанијата Мета е тешко, бидејќи оваа компанија нема претставник во нашата земја, што е обврска според Законот за заштита на личните податоци.
„Без присуство на претставници на овие компании, нашите граѓани не можат целосно да го остварат правото на заштита на личните податоци, ниту пак индивидуалните права да ги остварат на едноставен начин“, велат од Канцеларијата на надлежниот за заштита на податоците.
Законите се усогласени со европските, но одредени одредби остануваат неприменливи, објаснуваат оттаму и наведуваат дека токму тоа го покажува примерот со измените на политиката на Мета.
Истиот проблем постои и во Северна Македонија.
Според локалниот закон, оние кои обработуваат лични податоци треба да назначат овластен претставник во Северна Македонија, што не е случај со Мета, посочуваат од Агенцијата за заштита на лични податоци во оваа земја.
Од Агенцијата за заштита на личните податоци на Црна Гора, која го спроведува Законот за заштита на личните податоци во оваа земја, наведуваат дека тој ќе биде усогласен со европската практика.
„Внимателно следиме како се развива работата на ниво на ЕУ, ќе ги следиме позициите на независните тела во регионот, и ќе се поставиме според најдобрите стандарди на европското право“, објаснува членот на Советот на Агенцијата во Црна Гора, Мухамед Ѓокај.
Во Косово, со заштитата на личните податоци се занимава Агенцијата за информации и приватност, која како независна институција известува за својата работа до Собранието на Косово.
РСЕ се обрати до оваа Агенција со прашање дали се запознаени со одлуката на Мета за промена на политиката за приватност, дали се разгледува прашањето и како може да се заштитат правата и личните податоци на косовските граѓани. Сепак, одговор не добивме.
РСЕ побара одговори и од институцијата Народен правобранител (ИО) на Косово, од каде што наведуваат дека не го разгледувале прашањето за обработка на лични податоци за потребите на развој на вештачка интелигенција од страна на компанијата Мета.
Агенцијата за заштита на личните податоци на Босна и Херцеговина не одговори на барањето на РСЕ за промените воведени со новата политика Мета до објавувањето на текстот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Постојниот закон, оцени претходно Агенцијата, не е доволен за решавање на сите проблеми кои се појавија поради развојот на информатичките технологии, процесите на дигитализација, масовното користење на видео и аудио надзор, со вештачката интелигенција.
Моделот за вештачка интелигенција на Мета на пауза во ЕУ
Компанијата Мета во средината на јуни објави дека ќе го стопира тренингот за вештачка интелигенција користејќи јавно објавени податоци од граѓаните на Европската Унија.
Ваквиот потег на компанијата го поздрави Комисијата за заштита на податоците во Даблин, наведувајќи во соопштението дека одлуката следувала по интензивните дискусии меѓу ова тело и компанијата.
Мета е регистрирана во Ирска, па според законот, надлежен е органот за заштита на личните податоци во оваа земја.
„Немаме што повеќе да додадеме, процесот се уште е во тек“, одговори Комисијата во Даблин на серијата прашања на РСЕ за плановите на Мета да тренира модел на вештачка интелигенција користејќи податоци од корисниците на платформите што ги поседува.
Тренирањето за лични податоци престана и во Бразил.
Најавите на компанијата Мета дека моделот за вештачка интелигенција ќе се прави со помош на содржини од платформите Фејсбук и Инстаграм беа стопирани на почетокот на јули и во Бразил. Оваа латиноамериканска земја е еден од најголемите корисници на платформите на Мета.
Бразилската национална управа за заштита на лични податоци (ANPD) на почетокот на јули ја принуди Мета да престане да ги обработува личните податоци за тренинг за вештачка интелигенција. Донесена е привремена мерка со која на Мати и се наложува да ги исклучи личните податоци од материјалите за обука за вештачка интелигенција.
Доколку не ја испочитува одлуката, компанијата ќе биде казнета со 50 илјади долари дневно.
Според јавно достапните податоци, одлуката на бразилскиот регулатор од почетокот на јули годинава остана непроменета. Компанијата Мета ја оцени оваа одлука како запирање на развојот на вештачката интелигенција во Бразил.
Сепак, тренирањето на вештачка интелигенција на содржини од платформи во сопственост на Мета не е прекината во сите делови на светот.
Некои помали земји во Латинска Америка, како што е Аргентина, делат слична судбина со земјите од Балканот. Експертите од овој регион сметаат дека причина за тоа е немањето законска рамка.
Корисничките податоци на US Meta ќе се користат и за обука на модели со вештачка интелигенција, бидејќи законите се помалку строги отколку во Европа.
Соработка на текстот: Сандра Цветковиќ и Емил Златков