Достапни линкови

Г7 повикува на развој на глобални стандарди за вештачка интелигенција


Илустрација
Илустрација

Брзиот напредок во вештачката интелигенција во последниве месеци поттикна повици за поголем надзор на голем број апликации. Лидерите на Г7 за првпат на Самитот во Јапонија разговараа за регулација и стандарди за вештачката интелегенција.

Покрај темите за продолжување на помошта за Украина, дополнителни санкции против Русија и намалување на влијанието на Кина, лидерите на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7), на тридневниот самит во Хирошима, за прв пат разговараа и за регулаторниот пристап кон вештачката интелигенција (ВИ).

Договорите и плановите на лидерите укажуваат на итноста за справување со влијанието и ублажување на ризиците околу развојот на вештачката интелигенција пишуваат светските медиуми.

Процес - ВИ Хирошима

Лидерите на Г7 повикаа на развој и усвојување на технички стандарди за да се одржи вештачката интелигенција „безбедна“, нагласувајќи дека правилата за дигитални технологии како што е вештачката интелигенција треба да цветаат „во согласност со заедничките демократски вредности“, јавува новинската агенција Ројтерс.

Повикот доаѓа откако Европската Унија овој месец се приближи до усвојување законодавство за регулирање на технологијата за вештачка интелигенција, потенцијално првиот сеопфатен закон за вештачка интелигенција во светот што може да создаде преседан меѓу напредните економии.

Иако постојат одредени разлики меѓу земјите околу регулирањето на вештачката интелигенција, лидерите на Г7 се согласија да формираат министерски форум наречен „Хирошима AI ( ВИ) процес“ за да разговараат за овие прашања.

Самитот следи по минатомесечниот состанок на министрите на Г7, каде што членовите на групата – САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Канада и ЕУ – соопштија дека треба да усвојат правила за вештачка интелигенција заснована на ризик.

Одговорно користење на технологијата

Лидерите на Г7 велат дека одговорната употреба на вештачката интелигенција треба да биде усогласена со вредностите кои вклучуваат правичност, почитување на приватноста и „заштита од вознемирување, омраза и злоупотреба на интернет“, јавува новинската агенција Франс прес.

Алатките за генерирање текст, како што се ChatGPT, креаторите на слики и музиката составена од вештачка интелигенција, предизвикаа возбуда, тревога и правни битки бидејќи креаторите ги обвинуваат за присвојување материјал без дозвола, пренесува новинската агенција Франс Прес, додавајќи дека владите ширум светот се под притисок што поскоро да ги намалат ризиците.

Први разговори

Новиот јазичен модел на вештачка интелигенција од OpenAI ги принуди земјите ширум светот за првпат да се фокусираат на опасностите од дезинформации, хаос и физичко уништување на критичната инфраструктура, пишува Њујорк Тајмс.

Затоа, покрај дискусиите за Украина и Кина на самитот во Хирошима, лидерите на седумте најголеми демократски економии во светот ги одржаа првите разговори за заеднички пристап за регулирање на употребата на програмите за вештачка интелигенција како што е GPT-4.

Претходните обиди да се натера групата да се занимава со многу поедноставни технолошки прашања, како што е сајбер безбедноста, обично завршуваа со флоскули за „јавно-приватно партнерство“, и никогаш немало сериозна дискусија за правилата за насочување на употребата на офаназивно сајбер оружје, се вели во натписот на Њујорк Тајм.


Сепак, како што посочува „Њујорк тајмс“, американските власти веруваат дека во случајот на чет-ботови, дури и нејасна дискусија може да помогне да се воспостават некои заеднички принципи: дека корпорациите што ги носат производите ќе бидат првенствено одговорни за безбедносните прашања и дека мора да има правила за транспарентност кои јасно укажуваат за тоа каков тип на податоци е обучен секој систем.

Тоа, велат официјалните лица, ќе овозможи дискусии за деталите за тоа како би изгледале тие први прописи.

Потреба од создавање на заштитни механизми

Брзиот напредок во вештачката интелигенција во последниве месеци поттикна повици за поголем надзор на голем број апликации, но има малку конкретен договор меѓу владите за тоа како да ги контролираат, според „Фајненшл тајмс“.

Алатки за вештачка интелигенција - револуција или ризик за образованието
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:01 0:00

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Риши Сунак им се придружија на самитот на Г7 во Хирошима за да повикаат на „заштитни механизми “ за развојот на технологијата за вештачка интелигенција.

„Сакаме системите за вештачка интелигенција да бидат точни, доверливи, безбедни и недискриминаторски, без оглед на нивното потекло“, изјави Фон дер Лајен.

Британскиот премиер смета дека вештачката интелигенција има потенцијал да донесе придобивки за економскиот раст и да ги трансформира јавните услуги сè додека се користи „безбедно и со заштитни мерки“.

Сунак изјави дека британската влада тесно ќе соработува со меѓународните сојузници за да ги координира напорите за да обезбеди соодветна регулатива за компаниите со вештачка интелигенција.

Бидејќи земјите од Г7 се свесни за потенцијалните придобивки и ризици од генеративната вештачка интелигенција, во центарот на дискусиите на самитот на лидерите во Хирошима беше загриженоста за темпото на напредокот на вештачката интелигенција што го надминува развојот на стандардите, поради што Самитот ја истакна важноста од дефинирање на „заштитни мерки“ за развојот на вештачката интелигенција, пишува Форбс.

Мила АИ од Македонија - Вештачка интелигенција која на машините им дава емоции
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:59 0:00

Лидерите се согласија да одговорат на предизвикот и да преземат пристап „заснован на ризик“ за навигација на оваа непозната територија. Тие ги идентификуваа клучните области на кои треба да се фокусираат напорите: препознавање на важноста на ВИ, балансирање на нејзините ризици и придобивки, едукација за вештачката интелигенција и повикување на „заштитни огради“ кога станува збор за вештачката интелигенција.

За да се обезбеди одговорна и безбедна употреба на генеративната вештачка интелигенција, експертите веруваат дека е од клучно значење да се има сеопфатна регулаторна рамка која ги опфаќа приватноста, безбедноста и етиката, која ќе обезбеди јасни упатства и за развивачите и за корисниците на технологијата за вештачка интелигенција.

Вештачката интелигенција веќе не е плод на научна фантастика, туку составен дел од реалноста, подготвена да го трансформира светот на незамисливи начини, истакнува Форбс и оценува дека предизвикот не е да се спротивставиме на еволуцијата на вештачката интелигенција, туку да се осигураме дека патот на развојот е усогласен со заедничките вредности, општествените норми и колективната благосостојба, за да стане алатка за добро, катализатор за напредок и мотор за поправедна и поодржлива иднина.

XS
SM
MD
LG