Демонстрани гаѓаа со јајца и оставија траги од „крвави“ дланки пред зградите на Владата и на Обвинителството во центарот на Скопје, извикувајќи „убијци“ и „крадци“ за да го изразат својот револт во врска со случувањата на Клиниката за онкологија. Демонстрантите побараа случајот да не остане неказнето, а надлежните да си дадат оставки.
Тие носеа транспаренти со пораките - „Убивате за профит“, „Монструми“, „Oнкологија = геноцид“, „Колку вреди човечкиот живот“...
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Протестот уследи откако изминатиот викенд Обвинителство отвори предистрага по пишувањата на медиумите дека има сомнежи оти на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, тие добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.
Дел од насобраните на протестот си ги обоија рацете со црвена боја и оставија траги од дланките на асфалтот, а со црвена боја со големи букви на улицата пред Владата испишаа - Убијци.
Дел од оние кои излегоа на протест пред Владата, споделија приказни за своите блиски кои ја изгубиле битката со ракот.
„За седум дена мајка му се претвори во жив мртовец, а беше карпа човек. Оваа влада, оваа Министерство, Клиниката за онкологија, сето тоа е мафија. На човек кој се бори за живот, секој ден му е битен, а на крај ќе се најдат некои директори и министри да му го уништат животот. Имавме многу случаи во здравството, никој не одговараше“, рече еден од присутните кој сакаше да остане анонимен и кој неодамна ја изгубил мајка му која имала карцином на дојка.
Мајка која го изгубила својот син кој имал 31 година, рече дека проблем со цитостатици нема само во јавното здравство, туку и во приватното. Додека и се обраќаше на јавноста на жената и се слоши.
Револтирани граѓани, и покрај дождливото време се собраа во 18 часот пред Владата, а од таму го продолжија протестот пред Обвинителството, кое се наоѓа на околу еден километар оддалеченост од владината зграда, во главниот град на Северна Македонија.
Траги од „крвави“ дланки и порака испишана до црвени букви „Обвинителство – соучесник“ оставија и пред зградата на институцијата која отвори предистрага на 2 септември.
Случајот ја „тресе“ јавноста веќе трет ден, а реакции стигнуваат и од надлежни институции и од политичари.
Од Министерството за здравство и од Клиниката за онкологија попладнево на прес-конференција соопштија дека терапијата што сега се дава на Клиниката за онкологија е соодветна. Но за тоа што се случувало пред „нивно време“ не може да одговараат.
Обвинителството и полицијата интензивно собираат докази и се повикуваат луѓе на распит.
Видете и ова: Протест пред Влада и Обвинителство- Се бара одговорност за злоупотреби на лекови за болни од ракОбвинителството на 4 септември соопшти дека работата ќе ја истражат до крај, а евентуалните сторители ќе завршат пред Суд. Обвинителството наредило да се анализираат одземените компјутери и податоците во нив, а се вршат и распити на сите луѓе кои имаат сознанија за евентуални злоупотреби.
Обвинителството соопшти дека од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека со посебни истражни мерки (ПИМ) се опфатени повеќе луѓе. Тој вели дека полицијата презема и други дејствија, но тие во моментот не може да се споделат со јавноста.
Видете и ова: Метастазира случајот со „онкологија“Политичарите се фрапирани и згрозени, и најавуваат дека секој што се огрешил ќе одговара. Партиите од власта побараа случајот да не се политизира, а тие од опозицијата бараат оставки од власта.
Протестот што се одржа на 4 септември беше на повик споделен на социјалните мрежи. Нов протест е најавен за следниот понеделник.